Филозофскиот факултет домаќин на 53. натпревар по класични јазици
Во организација на здружението „Антика“ и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје, денеска ќе се одржи 53. Државен натпревар по класични јазици за ученици од гимназиите и средните училишта од државата.
Натпреварот ќе се одржи во просториите на Филозофскиот факултет со почеток во 9:30 часот, а учество ќе земат 73 ученици од 15 училишта, кои ќе се натпреваруваат во три категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно ниво за гимназија (латински и старогрчки јазик) и здравствена струка (латински јазик). Се натпреваруваат 48 ученици од гимназиско образование и 25 ученици од здравствена струка.
Настанот е поддржан од Филозофскиот факултет, со активно учество на студентите од Институтот за класични студии, а паралелно ќе се одржи и Годишното собрание на здружението „Антика“.