Ципрас за претседател

Ерол Ризаов

Насловот на оваа колумна не е шега, иронија или сарказам на еден стар новинарски циник, тоа е само мала провокација малку да ја чукнеме главата, но и личен протест кон домашните блокади на иднината на Македонија, кои деновиве се префрлија на европски терен. Помислата Алексис Ципрас да биде наш претседател е рефлексија која ми предизвика убаво чувство по неговата изјава директно насочена кон ЕУ и Брисел. Грчкиот премиер на европските демократи им порача: „Одбивањето на почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија, по сето она што го постигнавме со историскиот договор од Преспа, би била одлука во корист на силите на назадувањето и национализмот на товар на политиката на напредок, мир и пријателство на народите“. Ете, тоа им го кажа Ципрас на европските социјалисти како опомена и загриженост од опасностите што се надвиснале од радикалната десница над Европа.

А, што кажуваат нашите тазе десничари? Многу полоши работи од европските радикали. Велат, ќе ја завршат работата место нив, да не се мачат и да не се брукаат. Ѓоамити бараат ревизија и промена на договорот со Грција. Прочитани се од поодамна сите што работат на црно и прават политички капитал препродавајќи опиум направен од катран, од македонскиот афион. Нивната антиевропска и антицивилизациска кампања за да ушиќарат нешто како дилери на дрога е подривачки, безумен и срамен чин против интересите на својата татковина која не ја вадат од уста.

Проповедаат, дома и по светот, дека ќе нè спасат со тоа што ќе го ревидираат Преспанскиот договор со Грција и ќе го подобрат толку добро до отфрлање и на договорот со Бугарија. А зинат, лажат, оти нема ништо да променат, ниту една запирка, ниту еден збор во документ донесен во Собранието. Мислат дека со една ваква ујдурма и лажни ветувања ќе го разгорат незадоволството кај граѓаните од компромисните отстапки дотаму за да стасаат во резиденцијата на Водно, од каде што цели десет години и ден-денес пристигнуваат лоши вести и опструкции, уставни карамболи и попречувања на правдата. Од претседателската палата стасуваат саде силни поддршки за врвот на криминалната партија, на режимот на Никола Груевски, кој цела деценија ја ограбуваше и тормозеше Македонија.

Порака, како на премиерот Ципрас за неопходноста да не се уништи историскиот договор од Преспа, за штетите што би произлегле од тој чин никогаш не изговорил, ниту сегашниот претседател, ниту кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за мајка на нацијата ниту, пак, некој од сегашното раководство на единствената револуционерна легална партија во цела Европа. Тие сакаат само да дојдат на власт поттикнувајќи револт кај граѓаните со популистичка пропаганда и омраза. Изборот на нивниот кандидат за претседател е покана за враќање на Никола Груевски и на груевизмот во Македонија. Ни на крај памет не им е поништување на меѓународните и домашни договори, туку подготвуваат бришење на судските пресуди и општа амнестија на криминалците.

Зрелоста на една нација во вакви историски моменти кои ја одредуваат иднината е да ги казни сите обиди за попречување на прогресот на државата, на европеизацијата, економскиот развој и демократијата, на правдата и владеење на правото. Признанијата што доаѓаат од целиот демократски свет не смеат да се поништат со лажни драмолетки и десничарски радикализам. Македонија е на вистинскиот пат и веќе ги книжи првите успеси по падот на режимот. Поразот на претседателските избори на идеите за враќање назад дефинитивно ќе го означи местото на Македонија во европското семејство и ќе ја гарантира безбедноста на државата како сојузник на НАТО. Со тоа ќе се стави крај на опасноста од распаѓање на Македонија.

Од мај натаму, сите изборни натпревари ќе се сведат на трката за успешно завршување на преговорите со ЕУ, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните и за прифаќање на европските вредности во сите сфери на животот. Тоа е историскиот предзнак кој треба да ја окупира јавноста во наредните децении. Тоа ќе биде можно само ако прво се промениме себеси, не во однос на Европа, тука нема дилеми бидејќи огромното мнозинство граѓани од првиот ден на независноста на Македонија се за членство во ЕУ и во НАТО, туку промените треба да уследат кон идеологизираната историја која со децении направи пустош во свеста на цели генерации. Добрите односи со соседите и стабилноста во земјата, членството во НАТО и во ЕУ се најголемата гаранција за успех.