„Чекор назад и за профит на поединци“: ДОМ за измените во законот за минерални суровини
ДОМ остро реагира на предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство кои наместо да ја зајакнат заштитата на јавниот интерес, животната средина и природните ресурси, отвораат сериозен ризик од нивно слабеење.
Оттаму сметаат дека секоја измена мора да значи повисоки еколошки стандарди, поголема транспарентност и посилна заштита на граѓаните – а не олеснување на процедурите на штета на природните богатства и здравјето на луѓето.
Според партијата, најзагрижувачки е фактот што вакви важни законски измени се носат по скратена постапка, без широка јавна дебата, без вклучување на експертската јавност, локалните заедници и граѓанските организации кои со години предупредуваат на ризиците од неодговорно управување со минералните ресурси.
Минералните суровини се ограничено национално богатство и со нив мора да се управува стратешки, одговорно и долгорочно. Недозволиво е профитот на поединци или интересите на крупни компании да се ставаат пред чистата вода, плодното земјиште, здравата животна средина и иднината на локалните заедници.
ДОМ бара целосна транспарентност за предложените законски измени; повлекување на решенијата кои ги намалуваат механизмите за контрола и заштита; задолжителна јавна дебата со експерти, граѓани и локални заедници; усогласување на законите со највисоките европски еколошки стандарди.