Булдожер наместо метла


АНА ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА

Колку што сме како нација заинтересирани да се занимаваме со туѓи животи толку сме заинтересирани да се занимаваме и со кадровските прашања на политичките партии, со кои, инаку, најдобар дел од „активните душогрижници“ немаат никаква допирна точка. Најверојатно ваквиот факт не треба да биде изненадување и претставува сосема соодветно однесување за одредена категорија граѓани, особено за оние што неодамна мигрирале од село в град и за нив случувањата во градските партиски штабови се вистински настан по чии информации копнееле и им биле ретко достапни онаму од каде што доаѓаат.

Главното разочарување, сепак, доаѓа од однесувањето на „големите“ експерти, научници, колумнисти, аналитичари и новинари кои се занимаваат исклучиво со „анализи“ и „истражувања“ за внатрепартиските кадровски политики, збиднувања и озборувања. Никогаш не ми бил јасен поривот на политичките неистомисленици да даваат предлози за партиско раководство на партијата, која најжестоко ја критикуваат и која е нивен најостар политички опонент, и на која никогаш не припаѓале ниту ќе припаѓаат. Тоа е повеќе од дрскост, тоа е веќе глупавост, а таа иритира. Барем мене глупавоста најмногу ме иритира.

Истовремено, со ист интензитет иритира некритичкиот став, смешните неаргументирани „одбрани“ на најтврдокорните партиски апаратчици, кои исплашени за нивните млитави позиции во партијата или (уште пострашно) надвор од неа, во државните институции, пишуваат на своите профили пофалби за шефовите и пискаат против секој критичен збор за нив, со цел да ја докажат својата лојалност која не претставува ништо друго туку сервилност, алчност и недостоинственост.

И едните и другите (а, заедно се, за жал, мнозинство) со своето однесување го примитивизираат општеството. И едните (оние кои се „непартиски“, но со огромна желба да влијаат во партиските процеси) и другите (партиските послушници, слепци, кои својата професионалност и достоинство ги ставиле во интерес на сопствениот клиентелизам), придонесуваат по илјада граѓани годишно да ја напуштаат државава. Тоа се граѓани кои не ги интересира кој ќе биде следниот генерален секретар во владејачката партија, граѓани кои не ги интересираат телефонските броеви ниту на министрите, ниту на членовите на Извршниот комитет на опозициската партија, зашто немаат намера да им се јавуваат. Зашто сакаат нивната работа да нема поврзаност со овие лица и да немаат потреба да ги бараат на телефон ниту, пак, сакаат тие да бидат побарани од некој од нив. Земјава ја напуштаат и граѓани кои дипломирале, магистрирале и докторирале и се срамат од своите колеги што катадневно ги гледаат по домашниве медиуми, како наместо со темите на својата специјализација се занимаваат со политиканство, со „ти реков ми рече“ муабети и притоа себеси се нарекуваат аналитичари и експерти.

Тоа се граѓани кои имаат знаење кое не се вреднува поради тоа што медиокритети ги зафатиле нивните места и улоги на просветители и креатори на јавното мислење. Граѓани кои сакаат достоинствен живот, обезбедено здравје за себе и своите деца, но добиваат штури, бирократски и неразбирливи одговори од Фондот за здравство во кој со децении сите сме донирале средства. Тоа се граѓани кои живеат во држава, во која службеници можат да пречкртаат стручно мислење на лекарски конзилиум, дијагноза и препорака на супспецијалисти. Граѓани кои сфаќаат дека дишат ист воздух со луѓе на кои им пречи куче во автобус издресирано да води слеп сограѓанин, кои осознале дека живеат во општество во кое луѓе не дозволуваат во нивното село да живеат деца со посебни потреби, дека живеат меѓу луѓе кои никогаш не излегле ниту од државичкава ниту од сопствениот ментален кафез.

Неколку пријател(к)и адвокат(к)и ми бараат препорака за добри студенти за да ги ангажираат како практиканти. И органите на државната управа бараат ваков кадар. Па и судовите во кои има потреба од нови стручни службеници. Немам одговор. Немам препорака. Половина генерација кон крајот на мај заминува во САД на work and travel. Не само сега, секое лето. Одлични студенти, со висок просек и со перфектен англиски. Дипломираните се одамна ангажирани, во адвокатски друштва, во невладини странски организации и сл. Зборувам за правници, можете ли да замислите каква е состојбата со инженерите, лекарите, уметниците, спортистите…?

На сите овие луѓе што масовно си одат, не им требаат само пари. Дел од нив и тука би заработувале сосема солидно за нашиве услови. Им недостигаат промени. Не на законите. На менталитетот на администрацијата. На популистичката матрица на македонскиот политичар (на власт или опозиција, сеедно). Не им треба „метла“ на тројца министри и заменици и шест директори. Им треба нов концепт на работа, нов систем на вредности. Им треба идеологија и презентирање на принципи од лицата што ги гледаат по телевизиите, смачено им е од импровизација и клиентелизам.

Од „метлата“ не треба да имаме никакви очекувања, а и ако се случи таа да замете, нема да ги смени улиците, нивната еднонасочност и теснотија, дупките и пукнатините во асфалтот, отсуството на сообраќајни знаци и слично, таа само ќе ги направи повидливи и појасни овие недостатоци. И, ако не се употребат булдожери и цела градежна машинерија со нов квалитетен материјал (без поткраднување при неговата набавка), во политиката, Владата, администрацијата, судството, здравството, но и во образованието (почнувајќи од основното) бројот на граѓани што нè напуштаат само ќе се зголеми.