Берлин: Шредер е неприфатлив, но Штајнмаер би можел да биде медијатор за Украина


Зеленски беше примен и од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер (Фото: АП)

Предлогот на рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да биде посредник за решавање на војната во Украина, е неприфатлив за Владата во Берлин, која како потенцијален преговарач го преферира претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, објави денеска весникот „Шпигел“, повикувајќи се на извори во владејачката коалиција.

Според „Шпигел“, како идеја не се исклучува и заедничко посредништво на Штајнмаер и Шредер 

Весникот наведува дека Шредер „не изгледа способен сам да преземе толку голема задача“, но „преговарачко дуо“ од Шредер и Штајнмаер „би била интересна идеја“.

Мандатот на Штајнмаер како сојузен претседател истекува, а неговиот наследник ќе биде избран на 30 јануари 2027 година.

Франк-Валтер Штајнмаер и Владимир Путин во 2016

По изјавата на рускиот претседател дека Шредер би можел да биде посредник за постигнување мир, извори од германската Влада, изјавиле дека „пријател на Путин едноставно не може да биде медијатор“ и дека е важно медијаторот прво да биде прифатен од Украина.

Канцеларијата на Герхард Шредер одби да даде коментар за предлогот на Путин.

Социјалдемократот Шредер, кој сега има 82 години, беше на власт од 1998 до 2005 година и важи како поддржувач на Путин и човек со добри политички и бизнис релации со Москва.

Британскиот весник „Фајненшл тајмс“ пред неколку дена објави дека, соочени со недостатокот на напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина, лидерите на ЕУ размислуваат да започнат преговори со Путин.