Балканскиот ендемит Астрагалус во фокусот на одбележување на Меѓународниот ден на растенијата
Со цел да се одбележи Меѓународниот ден на растенијата, здружението “Полимат 13” од Богданци овој месец повторно спроведува организирани посети на живеалиштето на ендемичната билка астрагалус која во Македонија расте токму на подрачјето на Општината Богданци.
Важноста на растението со латинското име Astragalus physocalyx, како што велат во здружението е во тоа што претставува балкански ендемит, кој се наоѓа на Глобалната црвена листа на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN Red list of Threatened Species), како и на домашната прва црвена листа на загрозени видови.
– Подрачјето каде што расте Астрагалусот претставува идно Natura 2000 подрачје кое е од исклучителна важност за зачувување на растителниот диверзитет во Македонија. За таа цел од 2015, секоја година во април и мај организираме пешачења по Патеката на Астрагалусот за заинтересирани граѓани и организации. Во соработка со училиштата од Богданци и регионот организираме и посети на живеалиштето на Астрагалусот за групи на ученици кои на овој начин ги едуцираме за значењето на локалниот биодиверзитет и заштита на животната средина, вели Надица Маџирова, проектен координатор во здружението “Полимат 13”.

Од оваа граѓанска организација велат дека нивната главна цел е да направат основа за заштита и грижа за подрачјето каде вирее Астрагалусот, првенствено на локалното подрачје, но и на национално ниво.
– Во мај традиционално организираме Ден на Астрагалусот, настан кој има за цел да ги едуцира младите луѓе и целото население од нашиот крај за природните вредности кои како локална заедница ги имаме, за значењето на природата и подигнување на свеста за заштита на животната средина. Оваа година четврти пат Денот на Астрагалусот ќе се одржи на 16 мај, со интересни содржини за најмалите, ликовна работилница, натпревари, квизови, музички настапи ќе се одржат во градскиот парк во Богданци, секако со фокус на растението Астрагалус, вели Маџирова и додава дека целта е да се вклучат помладите за да поминуваат активно време во природа, да научат да се грижат за животната средина и да ги ценат нејзините вредности.
Астрагалусот народно познат како меурест козинец спаѓа во групата на диворастечки растенија, кое може да се размножува со помош на долгите корења, па затоа и најчесто се сретнува во групи од повеќе единки. Цвета во периодот од април до мај има привлечни розови или бледорозови цветови. Некои видови од родот астрагалус имаат ралични употреби, а меѓу нив има и лековити видови додека за меурестиот козинец нема познати податоци дека може да се употребува за медицински или индустриски цели. Освен во Македонија, го има само уште на неколку локалитети во Бугарија, Грција и во Турција.