„Ауди“ или „шкода“, прашање на интегритет во македонската политика


АНА ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА

Во светот, борбата против корупцијата во јавниот сектор, првенствено кај политичарите, не се сведува само на гонење на криминалот во нивните редови, туку сè поголемо значење му се дава на личниот и професионалниот интегритет на политичарот. Нешто што многу ѝ недостига (со чест на исклучоците) на Република Северна Македонија, а исто толку ѝ недостасуваше и на Република Македонија.

Личниот и професионалниот интегритет се превенција или дури гаранција дека нема да дојде до корупција. Интегритетот на политичарот претставува концепт, личен концепт на покажување конзистентност во неговите вредности, принципи, активности, очекувања и резултати. Аристотел точно констатирал дека управувачите располагаат со моќ и затоа ќе бидат ставени во искушение да ја употребат моќта за сопствена добивка. Доблеста или моќта да му се одолее на таквото искушение претставува интегритет. Едноставно и просто, интегритетот на политичарот се сведува на неколку карактеристики на неговата личност: чесност, хуманост и одговорност. Со тие карактеристики тој треба да „завладее со општеството“, да биде модел на однесување на граѓаните. Интегритетот на политичарот исклучува секаков вид суета и ароганција, но и на понизност и сервилност.

И не случајно, развиените демократии интегритетот на политичарите (и воопшто на сите носители на јавни и државни функции) го сметаат за сериозна алатка во спречување на корупцијата. Лица со вакви лични и професионални карактеристики се очекува:

– да не поткраднуваат од своите гласачи на фиктивни патни трошоци;

– да не ги раскрчмуваат државното земјиште, зеленилото, заштитените добра за услуги на „пријатели“ кои ќе им обезбедат сигурна иднина по истекот на мандатот, а немајќи капацитет да сфатат дека таквите постапки им ја одземаат иднината на нивните деца и внуци;

– да не ги трошат парите на своите граѓани за потхранување на огромната суета која повеќе не ја збира во возило во кое се возат истите оние што го избирале, оние од кои тој произлегол, туку ѝ е потребен простор за сместување колку колата на шефот на комшиската држава. Во буквална смисла на зборот!

Поминаа повеќе дена, а мене сè уште не ми се верува дека граѓаните на Струга му купија кола на својот градоначалник баш онаква каква што возел српскиот претседател пред многу години. Ако добро разбравме, тоа на градоначалникот, кој тогаш го вршел својот прв мандат, му предизвикало длабока фрустрација зашто во тоа време кога Србите возеле „ауди“, тој ете како помалку битен, моќен, потентен (којзнае што ли чувствувал?) возел еден обичен „опел“! По деценија и пол дојде моментот таа фрустрација да се излечи, да се затвори, да се заборават засекогаш тие тешки времиња на пониженост на граѓаните на Струга. Нивното достоинство конечно е вратено – градоначалникот се вози во „ауди“!

Ако тргнеме од фактот дека градоначалникот на Струга има низа мандати зад себе, а во вршењето на ниту еден од нив не може да се пронајдат елементи од горенаведените дефиниции за интегритет, се поставува едно ново прашање за филозофската наука: дали сме ние општество без интегритет? Ако мнозинството граѓани години по ред политичките (јавните) функции им ги доделува на лица без интегритет (бидејќи ќе се согласиме дека градоначалникот на Струга не е изолиран пример во државава), дали тоа значи дека ние како граѓани гласачи немаме сопствен интегритет?

Ова е крајно песимистичко гледање на работите, но јас навистина не можам да најдам во себе сила за ронка оптимизам во ситуација кога човек без ни малку срам, а со полна торба ароганција, излегува пред јавноста со „аргументација“ која сите нè навредува и потценува. Образложение за донесена одлука за јавна набавка од голема вредност кое гласи: со возило марка „ауди“, оние 400 километри од Струга до Скопје и назад (небаре секој ден градоначалниците ширум земјава треба да се во главниот град) ќе се извозеле побргу отколку со возило марка „шкода“!?

Го подзаборави ли градоначалникот ограничувањето на брзината утврдено со закон? Или дојдовме до дереџе јавно да кажеме дека тоа за функционери (со „аудија“) не важи? Никој ли од советниците или вработените во Општина Струга не се сети дека ако се тргне малку порано, во Скопје може да се стигне навреме и со „обична“ „шкода“? Никому ли не му падна на ум дека ако понекогаш се одбие „службеното“ ручече по состаноците, нема да мора да се брза по патиштата и немаше да мора да се купува „ауди“?

Е, кога некој ќе му ги укаже сите овие работи и уште многу други на градоначалникот (и не само нему, се разбира), кога партијата (и не само неговата) ќе се огради од ваквите постапки и никогаш веќе нема да го кандидира на ниту една јавна функција, кога граѓаните (вклучително и партиските членови) на избори ќе кажат „не“ за ваквите предлози, е тогаш, дури тогаш ќе се роди надеж, ќе завладее оптимизмот (ама основан) со сите нас, тогаш ќе се зборува за професионален и личен интегритет уште во основните училишта, а во институциите ќе биде видлив и спроводлив. И тогаш граѓаните ќе веруваат во институциите на системот, а иселените умови можеби и ќе ни се вратат за да го доградуваат и усовршуваат тој систем.

За ова да се случи, сите ние треба да почнеме од тоа дека критериумите за споредба помеѓу „шкода“ и „ауди“ се (или треба да бидат) едни кога избираме семејно возило со приватни пари, а други кога избираме службено возило со туѓи пари. И да продолжиме со тоа дека не треба со никого да се споредуваме, а кога веќе гледаме наоколу, да не ни запре погледот само пред носот каде што комшискиот претседател вози поголем автомобил од мојот, туку да досегнеме и многу подалеку и да ги видиме оние претседатели и градоначалници чии превозни средства се велосипеди или јавен транспорт, кои не носат тесни костимчиња (што автоматски за градоначалников наш значи дека носат искинати алишта), а сепак тежат многу повеќе од оние функционери со скапи возила. И во личниот интегритет и во буџетот на своите општини/градови/држави.