Архангел со нов сингл и најава за концертот „Срцевина“


Македонската рок група Архангел денеска ќе одржи прес-конференција во Мака Бар во Скопје, на која ќе го најави претстојниот концерт „Срцевина“ и премиерно ќе го претстави новиот видеоспот за песната „Дни оловни“.

Прес-конференцијата ќе започне во 11 часот, а на неа ќе говорат фронтменот Ристо Вртев, авторот и реализатор на видеоспотот Иво Антов, како и Цвета Спасова, организатор на концертот и извршен директор на „Adriatica Records“. Преку видео-врска ќе се обрати и музичарот Васил Хаџиманов, кој е најавен како гостин на концертот.

На средбата со новинарите ќе бидат презентирани и детали за новиот албум и идните активности на бендот, кој по повеќе од две децении најавува враќање со нова музика.

Со синглот „Дни оловни“, чиј автор е Вртев, Архангел го најавува своето петто дискографско издание, како и големиот самостоен концерт „Срцевина“, закажан за 13 јуни во 20 часот на Стадионот на АРМ во Скопје.