Ако САД ги зголемат царините, Кина ќе одговори со контрамерки, предупредува Пекинг
Кина се закани со противмерки ако САД „продолжат со зголемување на царините“ за што Пекинг тврди дека се засновани на лажни медиумски написи за наводна кинеска воена помош за Иран.
– Извештаите во медиумите, во кои се обвинува Кина дека му обезбедува воена помош на Иран, се целосно измислени. Доколку САД продолжат да ги зголемуваат царините врз основа на овие обвинувања, Кина ќе одговори со контрамерки – објави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун, на платформата „Икс“.
Тој додаде дека „Кина секогаш дејствува претпазливо и одговорно кога станува збор за извоз на воена опрема и спроведува строга контрола во согласност со своите закони и меѓународни обврски“.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред два дена ѝ се закани на Кина со зголемување на царините за 50 проценти доколку Пекинг му обезбеди воена помош на Иран.
Гуо претходно на прес-конференција истакна дека Кина ги повикува сите страни да го почитуваат прекинот на огнот, да останат посветени на дијалогот и мировните преговори, да преземат конкретни чекори за намалување на регионалните тензии и што е можно побргу да го вратат нормалниот сообраќај низ Ормуската Теснина.
Тој наведе и оти американската блокада на иранските пристаништа е „опасна и неодговорна“, со што само ги зголемува тензиите, дополнително ќе го заостри судирот, ќе го наруши примирјето и ќе ја загрози безбедната пловидба низ Ормуската Теснина.