Децата да се образоваат од најрана возраст


Во Македонија треба да се подигне квалитетот на образовниот систем за да се обезбедат побрз економски развој и подобри резултати на децата. Не треба само промена на наставните програми, туку и децата од најрана возраст да бидат вклучени во предучилишно образование бидејќи тогаш нивниот мозок се развива и впива најмногу знаење со кое подоцна се постигнува подобра јазична, математичка и писменост по природни науки.

Со ваква оценка вчера излегоа претставници на УНИЦЕФ забележувајќи дека додека само 39 отсто од децата во Македонија одат во градина, во европските земји опфатот е над 90 отсто. Тоа, како што оценија, е причината што децата од Македонија постигнуваат слаби резултати, како она на ПИСА, бидејќи на поголема возраст започнале со образование.

Експертите порачаа, исто така, дека е потребно да се мотивираат наставниците, да земаат повисоки пати, а важна е и нивната автономијата, да го прават она што добро го владеат. Претставникот на УНИЦЕФ во земјава, Бенџамин Перкс, истакна дека образовниот систем е комплексен, има многу слоеви кои зависат едни од други, но кои во моментов не функционираат заедно да може да се исполни крајната цел.

„Прва работа што недостига е дека не постои обединетост во самото општество. Треба да се направат овие промени. Втора работа е дека децата не се подготвени да тргнат во основно училиште бидејќи не посетуваат предучилишно образование, и недоволно се посветува внимание на континуираноста на наставниците и квалитетот на наставата“, оцени Перкс.

Според него, талентираните луѓе од земјата се иселуваат бидејќи се загрижени за образованието што нивните деца ќе го добијат тука.

„Треба да ги сопреме овие луѓе да се откажуваат лесно и затоа сите треба да работиме заеднички да најдеме начин да го подобриме образованието. Без поддршката на јавноста, тие промени не можат да се случат. Второ што недостига е посетеноста на предучилишното образование, квалитетот на наставата, културата на наставата. Наставниците ќе застанат пред децата, што е еден начин на когнитивно предавање на тие вештини, со кој не се предизвикува учење преку соработка. А, тие вештини се потребни за економијата на 21 век. Кога зборувам за социјално и емоционално учење кај децата, зборувам за развивање на карактеристики, истрајност, љубопитност, интегритет, мотивираност. Тие работи го градат карактерот на детето, кои го водат понатаму во животот“, рече Перкс.

Од УНИЦЕФ сметаа дека поради малиот број на градинки, треба да се искористат објектите на училиштата, барем за тричасовен престој. Во руралните средини, пак, треба да се поттикнат родителите да обезбедат предучилишно образование на децата. Потенцираа и дека денес во градинките децата главно се згрижуваат и јадат, а мал дел од времето се користи за педагошки методи и за учење. Македонија за предучилишното образование од буџетот издвојува 22 милиони евра годишно или илјада евра по дете. Доколку надлежните би го зголемиле буџетот, според меѓународни стандарди, треба да се додадат само по 160 евра по дете.

За УНИЦЕФ е важно, исто така, да има квалитетна настава во училиштата, без разлика дали наставникот им предава на 40 или на 15 ученици. Естонија, која е слична на Македонија според бројот на жители и БДП, за кус период успеала да го реформира образовниот систем. Сега, за разлика од Македонија, чии ученици се на дното на листата на меѓународните тестирања, учениците од Естонија го држат високото трето место.

Регионалниот советник за образование на УНИЦЕФ, Пармосивеа Собрајан – Боби, рече дека мора да се инвестира во децата бидејќи тие се иднината, и тие треба да се развиваат за да го постигнат својот максимален потенцијал.

„Сите земји што го препознале тоа, а потоа успеале, знаат дека е потребен ефективен образовен систем и на тој начин да се одговори на развојот кај децата. Некои земји добро го прават ова, кај некои, пак, се забележува дека образовниот систем е во криза. Она што треба да го направат сите земји е прво да се запрашаат како да го поправат она што е проблематично, и истовремено да се приспособат на образованието за 21 век. Оние што направиле анализи за тоа што не е добро во образованието утврдиле три работи. Прво, дека децата не учат доволно и покрај тоа што одат на училиште и посетуваат настава. Има деца што не посетуваат настава, тоа е проблем бидејќи правата на тие деца не се остваруваат. Ниту една земја или регион не посигнале напредок доколку постои ваквата нееднаквост помеѓу децата. Втората причина за криза во образованието е всушност ефективната настава. Третиот проблем се однесува на тоа дека училиштата недоволно добиваат поддршка да ја вршат својата работа. Тоа е проблем и во оваа земја“, смета Собрајан.

Вероника Мароска-Леова