Германија ги ослободила од плаќањето данок, но од УЈП нема бегање
УЈП ги евидентира само студентите или граѓани кои приходите ги добивале на сметка во банка. Оние кои добиле пари во готово, ја избегнале обврската да платат данок
Македонски студенти кои во текот на минатата година оствариле приход од работа во Германија (преку т.н. можност „ворк енд травел“, односно комбинација на работа и патување), денеска протестираа пред Управата за јавни приходи поради тоа што за парите што ги заработиле во странската држава, ќе треба да платат данок во нашата земја.
На протестот на студентите кој беше најавен, се придружија и граѓани кои во 2020 година работеле во Авганистан, најмногу кумановци, кои исто така спорат со УЈП околу обврската дали треба или не да платат данок на таму остварените приходи.
Како што појаснуваат до УЈП, постапката со македонските „авганистанци“ сѐ уште е отворена, односно се чека да достават докази за платен данок таму.
Според презентираните податоци денеска на брифинг со новинарите во УЈП, во 2020 година биле испратени 11.527 известувања до физички лица кај кои било утврдено дека имаат приливи од странство кои според ознаките претставуваат оданочив доход.
Од нив, 2.276 лица доброволно поднеле пресметки, додека за 3.637 лица УЈП утврди аконативна даночна обврска по службена должност. Во исто време, кај 5.614 лица беше утврдено дека станува збор за неoданочиви приливи, како што се приватни трансфери.
Вкупно утврдениот данок за 2020 година изнесува 171,6 милиони денари, од кои до сега се наплатени 30,4 милиони денари. Постапката за ова оданочување ќе продолжи со изготвување коригирани годишни даночни пријави за 2020 година, велат од УЈП.
Според податоците на банките, во 2025 година 70.869 граѓани примиле приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра.

„Секако дека не сите овие приливи се оданочиви. До сега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пресметки за остварен оданочив доход“, истакна директорката на УЈП, Елена Петрова, на брифингот.
На забелешката дека граѓаните кои работеле во Авганистан велат оти веќе платиле данок, од УЈП посочуваат дека 257 лица побарале македонските власти да посредуваат во прибирањето докази за платените обврски. Преку МНР пред околу еден месец биле испратени барања до надлежните институции на соодветните земји, а до сега бил добиен одговор на едно барање и тоа покажало дека данокот не бил платен.
Во изминатиот период од страна на 331 лице била поднесена тужба со која се оспорува барањето на УЈП да се плати данок на приходите остварени од работа во странство во текот на 2020 година.
Од УЈП велат дека ќе чекаат да се заврши целата процедура на добивање одговори од странските држави, или засегнатите сами да достават докази, па потоа ќе преминат кон изготвување конечни даночни решенија. На брифингот беше посочено и дека даночните обврзници имаат можност обврската да ја платат одложено, односно најмногу на 36 рати, додека на прашањето дали ќе пресметуваат камата на заостанатите даночни обврски, не беше даден дециден одговор.
Што се однесува до проблемот со студентите, од УЈП денеска на брифингот со новинарите објаснија дека за нив не е битно дали некој бил студент или обичен граѓанин кој работел неколку месеци во странство. Доколку данокот не бил платен таму, а станува збор за даночен резидент во нашата земја, тогаш таквите приходи треба да се пријават тука и за нив да се плати данок на доход, децидни се од УЈП, од каде што нагласуваат дека не станува збор за нова законска обврска, туку за закон кој се применува со години.
Како што објасни директорката на УЈП, Петрова, согласно договорот меѓу Македонија и Германија, се применува општото правило дека доходот од плата се оданочува во земјата во која што е остварен доходот, но доколку во таа земја не е платен данокот, тогаш доходот од плата се оданочува во земјата каде што е резидент лицето кое што го остварува доходот.
Значи, платата остварена во Германија од страна на македонски даночен резидент треба да биде оданочена во Германија, но доколку не е оданочена таму, данокот се плаќа во Македонија.
Проблемот со студентите (но и други граѓани) кои што работеле таму неколку месеци, се јавува поради тоа што според германските закони оданочувањето е прогресивно, па доколку некое лице остварило вкупни годишни приходи под 11.600 евра во 2025 година, а за годинава границата е нешто над 12 илјади евра (за поединец), таму немаат обврска да платат данок, бидејќи се под нивниот социјален праг. Во најголемиот број случаи, македонските студенти се под овој праг. Но, тоа, не ги ослободува од обврската за плаќање данок кај нас. Па така, ако некој заработиле 5.000 евра таму, тука ќе треба да плати 500 евра данок.

„Доколку лицето остварило плата над тој праг, тогаш се прифаќа платениот данок во странство. Таквиот приход треба да се пријави и овде, но се прифаќа доказот дека е платен данокот, односно нема дополнителни даночни обврски тука“, вели Петрова.
Имало случаи на студентите при престојот во Германија од работодавците таму да им се задржува одреден износ пари како гаранција дека ќе биде платен данокот според германските закони, но потоа таквиот износ им бил враќан.
Проблемот е и во тоа што УЈП може да ги евидентира само оние студенти или граѓани кои приходите ги добивале на сметка во банка. Оние кои ги подигнале парите во готово и така ги донеле во земјава, едноставно ја избегнале обврската да платат данок, со тоа што треба да се има предвид дека внесувањето готовина во земјава исто така подлежи на обврска за пријавување, па доколку не се пријави, а биде откриен на граница, може да биде одземен.
„Не правиме разлика за која категорија граѓани станува збор, дали е студент или не“, вели Петрова. Таа додава дека со студентите имале неколку средби, последната била вчера.
„Издвоивме 134 лица, бидејќи не знаеме кои лица се или не се студенти. Селектиравме според возраста, кои во Германија оствариле некаков доход, кој е евидентиран од приливите во странство. На сите им се обративме и ги повикавме во регионалните дирекции со цел да се разговара за начинот на оданочување на тој доход“, вели Петрова. Била остварена средба и со Универзитетскиот сенат на која се разговарало за општи прашања, како можностите за олеснување на плаќањето, за одложено плаќање или плаќање на рати.
Инаку, конечната обврска уште не е одредена, бидејќи засегнатите се повикани да поднесат пресметки и докази дали во Германија бил платен данокот или не.
„УЈП е во процес на генерирање на даночните пријави за 2025 година кои треба да бидат генерирани до 30 април, а ќе може да се коригираат до 31 мај“, вели Петрова.
Ако не се достави доказ дека биле оданочени, данокот ќе треба да се плати, вели таа.
Петрова нагласува дека за да може да се развие даночната свест, запознавањето на младите граѓани за нивните даночни обврски, било разговарано и за одржување соодветни обуки, а изработен е и соодветен флаер.

„Нашата цел е сите овие даночни обврски на сите, граѓаните да бидат информирани, да ги знаат и да ги исполнуваат доброволно. Затоа пристапуваме со широко информирање и развивање на свеста и за правилно разбирање на регулативата, како можност за точно и навремено плаќање на даноците. Ние постапуваме во рамки на она што е наша законска обврска“, вели Петрова, додавајќи дека обврската за пријавување на доход од странство постои континуирано. „Она што се менува е начинот на обработка и користење на податоците кои ги добиваме од банките, кои сега системски се анализираат и вкрстуваат“, вели Петрова.