Ќе ја голтаме ли жабата


Ерол Ризаов

Заврши фазата на топло-студено во преговорите со Грција, од кои зависи иднината на Македонија, односно на нејзините граѓани. Можеби навистина е сработено многу, како што известуваат министрите преговарачи Димитров и Коѕиас, секогаш со видлива напрегнатост да остават впечаток на умерен оптимизам. Попрецизно кажано, најмногу внимаваат кога зборуваат пред камери и микрофони да не дадат и најмал повод дека страната која ја застапуваат е виновна за евентуален неуспех, но и да не предизвикаат револт и недоверба во својата земја, истовремено да не ги навредат соседите поради што навистина и двајцата министри беа постојано во крајно деликатна позиција. Но маневарскиот простор е толку стеснет што не може да се врти ни лево ни десно. Или напред или назад, а не може уште долго да се стои ни во место.

Последната етапа на преговорите меѓу Грција и Македонија е потешка од искачување на Монт Еверест без боци со кислород. Ако се завртиш назад, паѓаш во амбис. Ако тргнеш напред со погрешен чекор, пак паѓаш во амбис. Ако останеш во место, сигурно завршуваш со „бела смрт“ со убава слика пред очите, ама мртов. Единствен спас е да се освои врвот. Како без кислород. Со голтање на краставата жаба, која ја предложи колегата Зоран Дограмаџиев уште пред повеќе години кога беше малечка и лесно голтлива. Тогаш професионалецот од светски ранг напиша: „На овој пат сите мора да голтнат по една жаба, што порано, тоа полесно. Најлесно е кога е полноглавец“. Нашата жаба оттогаш наваму толку нарасна што или сите ќе ја голтаме или остануваме да висиме над бездната, додека не паднеме и исчезнеме.

Македонија е притисната и од ЕУ и од НАТО и од Америка да го направи последниот чекор и да прифати уставна промена на името со географската додавка. Во изјавата на висок претставник на Стејт департментот за ТВ „Алсат“ првпат еден американски политичар јавно искажува став дека за да се стигне до совпаѓање на основните барања на двете страни, ќе бидат потребни и одредени уставни измени. Какви и колку длабоки би биле тие, треба да договорат Скопје и Атина. Тоа е клучно за пакетот решенија. Ова изгледа како студен туш за Македонија, дека Америка ѝ ја препуштила целосно Македонија на Грција, не толку поради заговарањето да се прифатат извесни уставни измени, туку поради фактот што за длабочината и карактерот на промените треба да одлучуваат само Атина и Скопје, а тоа може да значи исполнување на сите барања на Атина. Дали тоа е крај на преговорите и целосно фијаско, или треба да значи дека Атина е помоќна и позначајна од стратегиските интереси на ЕУ и на САД за Западен Балкан, поточно за Македонија?

Одговорот е категорично НЕ. Ни НАТО, ни ЕУ, ни Америка, не се откажуваат од стратегијата за Балканот, најмалку поради Атина. Напротив, таа позиција се зацврстува што е јасно е видливо од нервозните реакции на Москва, но и од некои други помалку видливи најави.

Во пакетот решенија кои сѐ уште се држат во тајност има и одредени поволности за Македонија кои не можат да се одбијат и кој се веќе добро спакувани. Изјавата на премиерот Зоран Заев дека може да се отвори и прашањето за измени на Уставот, но притоа, внимавајте, кажа дека тоа може да се случи на денот на приемот на Македонија во редовно членство на ЕУ, односно истовремено со ратификацијата на таа одлука во сите парламенти, се разбира, вклучувајќи го и грчкиот. Тоа значи дека не може да се случи уште најмалку седум години колку што ќе траат преговорите со ЕУ во најдобра варијанта, а дотогаш, ќе се случат уште многу работи и веројатно промени и во Грција и во Македонија. Тогаш е јасно дека приемот на Македонија во НАТО, доколку падне договор, мора да уследи уште годинава, а пакетот уставни измени и гаранции мора да биде, исто така, веднаш прифатен од Грција и од Македонија, од Брисел и од ОН, додека се премиери и Ципрас и Заев, со назначување кога секоја етапа стапува во сила.

Секое поинакво решение би било неодржливо на подолг рок. Ставот дека решението мора да биде одржливо го прифаќаат и Грција и Македонија, со силна поддршка и на ОН, на Брисел и на Америка. Затоа е и многу тешко конечното решение. Ако Македонија се почувствува онеправдана, понижена или присилена да направи нешто против интересите на државата и на сметка на националниот идентитет и на јазикот решението нема да биде одржливо, дури и на пократок рок без оглед на какви било договори и уставни промени. Одржливоста на решението е најголемата гаранција дека Македонија не може да биде препуштена сама на себе во преговорите со помоќната Грција. Добриот компромис подеднакво ги прави среќни или несреќни двете страни. Умешноста на политичките лидери и на меѓународниот фактор е да ги направи двете страни подеднакво среќни.

Членството на Македонија во двата најголеми економски и воени сојузи ЕУ и НАТО би бил најзначајниот историски настан по формирањето на првата македонска држава 1944 година и по независноста 1991 година. Тоа е определбата која обезбедува европеизација, прогрес и влез во светот на западната цивилизација каде Македонија припаѓа и географски, и политички, и идеолошки, и културно. Шансата не смее да се испушти. Така најдобро ќе сочува и државата и идентитетот и јазикот и ќе се обезбеди подобар живот на сите граѓани на Македонија. Во светот има 2.500 разни национални идентитети и посебни јазици, а има помалку од 200 држави. Во ЕУ има само 28, а во НАТО само 29 држави. Ниту една не се распаднала, ниту ја изгубила јазичната и национална посебност. Низ целата историја на Македонскиот народ при секоја негација не слабееле туку јакнеле идентитетските обележја. Така ќе биде и сега во демократска Европа.