Ќе демисионира ли Иванов по референдумот?


 

Александра М. Митевска

Додека Македонија живее во национална еуфорија, со сите нејзини придружни елементи, како што се пофалбите и осудите за договорот со името, неодминлив е впечатокот дека шефот на државата Ѓорге Иванов ја извршува својата функција на другата страна на историјата. Додека викендов во Преспа највисоките претставници на владите на Македонија и на Грција, како и високите гости од ЕК и од ОН, го одбележуваа пресудниот момент во надминувањето на долгогодишниот спор, Иванов, можеби, во својата резиденција во Скопје ковеше планови како да ја закочи имплементацијата на договорот, кога веќе не успеа да го спречи неговото потпишување.

Прочуениот Његош во својот „Горски венец“ ќе забележи: „Оној што стои повисоко на ридот, гледа подобро од тие под ридот“. Но оваа метафора, се чини, не важи за македонскиот шеф на државата. И од аспект на локацијата на која се наоѓа неговата резиденција, на планинските падини на Водно, наспроти рамната и обиколена со планини Преспа. И од аспект на неговото „времетраење“ на врвот на државата, наспроти „едногодишната“ постава на „Илинденска“, која во изминатите месеци ги вложи сите свои напори во наоѓање решение за спорот кој две и пол децении се „влечкаше“ низ преговарачките лавиринти на ОН, ги обременуваше односите меѓу Скопје и Атина, за на крајот да ги изблокира и евроатлантските перспективи на нашата држава.

Од висината на која битисува речиси една деценија, македонскиот претседател не успеа да ја види големата слика на договорот кој беше потпишан во славеничка атмосфера крај Преспанското Езеро. А кој, всушност, се наметна како „нужно зло“ за остварување на стратегиските цели на нашата држава околу кои, барем декларативно, нема разидувања меѓу главните партии и фактори на домашната политичка сцена.

И во овој случај, Иванов има полно право да стави вето на законот за ратификација на договорот со Грција, доколку искрено верува дека тој е штетен за државата. Но тој нема право да го крши Уставот со „апсолутни вета“, какви што не постојат во домашната правна материја. Во државата и надвор од неа има други институции кои треба да се занимаваат со оценка на уставноста на одредени законски решенија, а кои не можат да го направат тоа додека Иванов ги чува во фиока собраниските одлуки со кои не се согласува.

Иванов има право јасно и гласно да го соопшти својот став за еден толку важен документ каков што е договорот со Атина. Но нема право да го спречува најавеното референдумско изјаснување и да ги оневозможи граѓаните сами да одберат дали се за зачувување на името или за членство на државата во НАТО и во ЕУ под новото име „Република Северна Македонија“.

Иванов има право да гласа „против“ или да не излезе на референдумот, ама нема право уште пред неговото закажување да се однесува како главен опозиционер, додека ја извршува формално највисоката функција во извршната власт во земјава. Да се потсетиме само на конструктивната улога што ја имаше поранешниот претседател Борис Трајковски во преговорите и донесувањето на Рамковниот договор, наспроти „сопките“ што ги поставуваше неговата тогаш владејачка ВМРО-ДПМНЕ. Или на кооперативноста на актуелниот грчки претседател Прокопис Павлопулос и неговото придржување до уставот на земјата, наспроти бурните реакции на неговата партија Нова демократија за договорот што го постигнаа Ципрас и Заев.

Наспроти тоа, Иванов, особено во последните години, упорно се наметнува како кочничар на клучните политички пресврти во земјава, притоа жонглирајќи на работ на она што е дозволено со Уставот. Затоа и стана првиот претседател во Македонија кој помина низ импичмент, а откако, со колективната аболиција, се обиде да го минира пржинскиот договор, односно неговата клучна точка – формирањето на СЈО.

Сега Иванов има уште малку време да ја постави последната препрека на патот на земјата кон Брисел. Но притоа треба да има на ум дека претстојниот референдум за името ќе го одреди понатамошниот тек на многу политички кариери, независно дали тој има намера да продолжи да се занимава со политика или по завршувањето на мандатот ќе пишува мемоари.

Единствено неуспешен референдум или отфрлање на референдумското прашање наесен може да биде оправдување за Иванов да остане на функцијата до крајот на мандатот. Успешен референдум, пак, ќе значи целосен пораз на неговата политика и најмалку што може да направи тогаш е да се повлече од функцијата – како симболичен гест дека ја сфатил пораката од граѓаните бидејќи и без тоа неговите месеци во претседателската палата се избројани. Како што и актуелниот премиер Зоран Заев и неговите најблиски соборци во преговорите со Грција ќе треба да заминат од „Илинденска“ во случај референдумот да испадне неуспешен, по сите отстапки и маневри што беа направени за постигнување на „историскиот договор“.