Јавно-приватно партнерство или продажба на доктори?


Ана Павловска-Данева

Пред неколку месеци слушнавме дека здравствените услуги од областа на детската кардиохирургија ќе им бидат овозможени на македонските граѓани преку современите правни механизми на испреплетување или меѓусебно поврзување на јавното и приватното здравство. Одлично. Во науката за управување, тоа се нарекува јавно-приватно партнерство. Во англосаксонскиот систем е познато како „contracting out“, во европско-континенталното право тоа се договори кои се викаат управни договори.

Што е поентата на овие договори или партнерства? Оние услуги кои државата е должна да им ги пружи на своите граѓани (како што се здравствените), а кои се скапи и бараат исклучителна стручност на кадрите и посебна техничка опременост (како што е детската кардиохирургија), таа може, ако нема капацитет самата да ги испорача, да ги пренесе на приватен субјект (како што е приватната здравствена установа Клиничка болница „Жан Митрев“). И тоа е не е лошо. Напротив. Добро е. Добро е за сите. Болните дечиња ќе бидат оперирани дома, во својата држава. Операциите ќе се вршат во болница опремена со неопходна апаратура и во услови кои заслужиле и лекарите, и децата, и нивните родители. Државата гарантира врвен експертски тим кој го има во своето јавно здравство, луѓе во кои таа инвестирала, во нивното образование, во нивниот развој, во нивната стручна надградба, во нивните академски титули и звања. На овие свои експерти државата им гарантира сигурни и добри услови за работа со цел да ги задржи во јавното здравство бидејќи тие им се неопходни на нејзините граѓани. На крајот, сите трошоци за овие операции ќе бидат на сметка на Фондот за здравствено осигурување.

Зошто правото е многу важно во ваквите договарања и партнерства? Зошто добрата идеја, волја или одлука на државата, во случајов на Министерството за здравство мора да се „озакони“ или да се стави во правна рамка наречена управен договор? За да не дојде до злоупотреби. Сакани или несакани. Предвидливи или непредвидливи. Договорот треба да уреди сè, секој детаљ од работата, од правата и обврските на двата субјекта: државата и приватната клиника. И се разбира, договорот мора да содржи пенали, казни, но и други решенија за евентуално непочитување на договорните обврски. Секоја повреда на договореното повлекува штета и негативни последици првенствено за граѓаните, за болните деца, за нивните родители…

Оттука, овој вид договори за јавно-приватно партнерство се сложени ремек-дела, кои се подготвуваат со месеци, од цел тим експерти, во случајов правници, економисти и лекари, претставници на Министерството за здравство, претставници на Фондот за здравствено осигурување, адвокати на лекарскиот тим и застапувачи на интересите на приватниот субјект – „Жан Митрев“.

Што е она што договорот мора да го содржи? Времетраење. На колку години оваа дејност државата му ја отстапува на вршење на приватниот субјект. Бидејќи тоа не може да е вечно. Таа во тој период (5, 10, 15 години) мора да се подготвува да создаде капацитети во свои рамки, значи во рамки на јавното здравство да продолжи сама со дејноста. И, обратно. Приватниот субјект не смее да се откаже во тој период од дејноста, затоа што таа му станала неисплатлива или слично. Мора да се води грижа за заштита на правата и интересите на нашите граѓани.

Понатаму, договорот треба да содржи пресметки колкав дел од цената на чинење на услугата (операцијата) ќе падне на товар на државниот буџет (ќе биде платена од Фондот за здравствено осигурување) и колкав дел од тоа ќе биде издвоен за покривање на трошоците на приватниот субјект. Се разбира, договорот ќе содржи и одредби со кои ќе се овозможи заработувачка на приватниот содоговарач. Инаку, зошто „Жан Митрев“ или која и да е друга здравствена приватна установа би склучувала ваков договор со Министерството за здравство и би ги отстапила своите ресурси?

Се разбира, преку договорот, државата го штити и јавниот интерес. Така, кај вакви договарања се бараат не мали, напротив огромни суми на финансиска гаранција од страна на приватниот субјект. Па, во случај тој да се откаже од договореното, државата е заштитена. Му ја активира гаранцијата и со негови пари продолжува сама да ја врши дејноста или ја дава на друг приватен субјект. Ова е само еден од многубројните модалитети на внесување на договорни клаузули за заштита на јавниот интерес. Од друга страна, приватниот субјект може да ја тужи државата на суд, може и да го добие спорот и да биде обесштетен, но дејноста негова (операциите на децата во конкретниов случај) не смеат да трпат. Тие не смеат да престанат.

Еднакво важно е со договорот државата да го оневозможи одливот на својот кадар, своите експерти кои ги испраќа на „времена работа“ во приватниот субјект. Значи, ако веќе во тоа јавно-приватно партнерство е договорено зграда и опрема од приватен субјект, а услуги (операции) да се пружаат од страна на медицинска екипа вработена во јавното здравство, тогаш договорот ќе ја уредува и висината на платата на медицинскиот кадар, како и сите други додатоци и привилегии бидејќи во интерес на државата е тој кадар да остане во јавното здравство и тогаш кога дејноста ќе се врати повторно во рамките на Клиничкиот центар овие доктори и сестри да продолжат во него да ја вршат истата дејност. И, се разбира, да продуцираат подмладок. Платата на медицинскиот персонал од јавното здравство кој ќе врши дејност во приватна болница која е партнер на државата дури и не мора да се исплаќа од приватниот субјект. Платите може да останат буџетски за точниот број на операции на детски срца кои се на товар на Фондот. Но во „Жан Митрев“ може да се оперираат и деца кои не се на товар на нашиот буџет (странски државјани) со плаќање пазарна цена на чинење на услугата и тогаш сето тоа би било дополнителна заработувачка за нашите хирурзи и сестри, како и за самата приватна болница. Можни се многу модели на вакви договори. Но договор мора да има!

Старите рекле – за да се знае кој пие, а кој плаќа. За да има есап. За да може да имаме задоволни граѓани/пациенти, но и задоволени интереси на приватниот сектор кој е неопходен во секој здравствен систем. И не само здравствен, се разбира. За да може професор, хирург, доктор на медицински науки да оперира во солидни услови, но и да предава на студенти, за да создаде поголем број свои наследници, поголем број стручни хирурзи за нас, за нашите деца.

Ајде да видиме, што од сето ова содржи договорот за јавно-приватно партнерство на нашево Министерство за здравство. Ми се чини, ништо. Искрено посакувам да грешам, да не знам, да сум во заблуда, но мојот впечаток е дека таков договор воопшто нема. Не постои.

Како инаку да се протолкува отказот што детскиот кардиохирург го дава од Клинички центар? Каков е тој договор за јавно-приватно партнерство што предвидува отказ на лекарите од јавно здравство и нивен трансфер во приватен сектор? Тоа не е никакво јавно-приватно партнерство. Тоа е обичен одлив на најдобрите кадри од јавно во приватно здравство. Со „амин“ на државата, а таа ќе му плаќа операциите да ги врши во приватна клиника, а не во својата, државната!? Чудно партнерство ова нашево. Какво e тоа партнерство ако хирургот-професор или доцент, сеедно, мора да си даде отказ од државниот Медицински факултет на кој предава, а наводно ќе оперира во приватна болница затоа што државата е „партнер“ со таа болница. Тогаш и државниот Факултет треба да е вклучен во партнерството, нели?

Каде е договорено кој ќе ја утврдува приоритетната листа на операции? Каде е утврдено дека хирургот и останатите членови на екипата од јавното здравство не смеат да бидат отпуштени или да си дадат отказ за време на периодот кој е договорен за делегирање (пренесување) на дејноста од државата на приватната болница? Каде се договорени правата, но и обврските на приватниот субјект? Финансиската гаранција за непречено и континуирано вршење на дејноста? Неговото обесштетување? И, многу други важни прашања, каде се уредени?

Ако постои ваков договор тој треба да ѝ се стави на увид на јавноста. Доколку тој не постои, доколку прецизно и ефикасно не ги уредува сиве отворени прашања и дилеми, тогаш ние немаме никакво јавно-приватно партнерство, туку само продажба на доктори од јавно во приватно здравство во која државата се јавува како посредник, преку препраќање на болните граѓани, на пациентите од една во друга зграда, а одговорност никој нема да сноси за ништо. На долг рок, тоа на сите ќе ни се удри од глава.

Без здравство и образование, нема држава, па макар сто пати менувале име и Устав, макар испишале сто стратегии за реформи во сите области. Затоа, нека се баталат маркетиншките обиди за прикажување на квалитет, подобро помалку реклами и изјави, повеќе работа, сериозна, макотрпна работа и искрена желба да се стори нешто за сите нас!