Што ќе ѝ се случи на ВМРО-ДПМНЕ ако бојкотира


На секој граѓанин на Македонија цел и сон му е членството на Македонија во НАТО и во ЕУ – тврди генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, а таа цел неговата партија ја запишала уште во својата прва изборна програма.

Ако е тоа така, тогаш сите на кои им е цел и сон членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, па и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, им се дава можност на референдумот на 30 септември да кажат дали сакаат Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ под условите кои се дефинирани со договорот за добрососедство со Грција. Тоа е суштината на референдумското изјаснување на граѓаните. И тоа е и суштината на референдумското прашање, кое не е ниту нејасно ниту повеќезначно.

Главната опозициска партија, која мисли дека референдумското прашање е манипулативно, има можност низ кампањата да го убедува мнозинството дека треба да биде против влезот во НАТО и во ЕУ преку прифаќањето на условите во договорот кои таа ги смета за неповолни за Македонија. Но таа ќе има уште една задача.

Ако води кампања во насока дека Македонија не треба во овој момент да го отвори конечно својот пат за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќањето на овој договор, тогаш добро би било истовремено да ги информира граѓаните како таа мисли да постигне подобар договор со Грција, (ако воопшто мисли да постигнува договор). Со кои партнери во Грција има намера да преговара, а чии позиции се поповолни од овие на Ципрас. На каква меѓународна поддршка се надева во спречувањето на овој веќе постигнат договор, но и во постигнувањето нов. И во кое време или уште колку години ќе и бидат потребни за остварување на целта и сонот на сите граѓани во Македонија.

Исто така, ќе треба да изјави, како што го направи тоа опозицијата во Грција, дека ќе ги поддржи договорот кој е ратификуван во Собранието и превезените меѓународни обврски со него ако нејзината политика не добие мнозинска поддршка на референдумот, независно од тоа дали ќе излезе да гласа или не. Ова е можната цивилизирана варијанта на однесувањето на сегашната политичката опозиција во Македонија, која гледајќи рационално и „математички прецизно“, би ѝ донела најмногу политички поени и предности. Зошто?

Опозицијата, ако реално сака Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ, односно ако не ја користи таа изјава само за да го прикрие своето отворено противење за членство во тие организации, со учество на референдумот и со помагање за неговото успешно спроведување и постигнувањето цензус ќе стекне статус на политички субјект во земјата кој не ја спречил Македонија во клучен момент да го отвори патот за членство во НАТО и во ЕУ (а јасно ставил до знаење со што не се согласува). Истовремено, ќе стане политички субјект кој во иднина лесно ќе најде партнер за состав на влада меѓу партиите на етничките Албанци, и ќе се стекне со меѓународна поддршка од речиси сите релевантни сили во светот кои го поддржуваат и кои го поздравија веќе потпишаниот договор.

Ако Христијан Мицковски сепак реши дека треба јавно или тајно да се бојкотира референдумот со разни изговори и ако продолжи со неговата кампања за извршеното „национално предавство“ од страна на Заев, и да ветува дека тој во некоја иднина би постигнал подобар договор и поуспешно би ги заштитил македонските национални интереси, тогаш ќе му се случат неколку работи:

Прво, ќе дефинира својата партија како најнационалистичка на Балканот, и како партија која дури и по промената на корумпираното раководството не е способна да се ослободи од своите националистички митови, предрасуди и лаги.

Второ, ќе остане впечатокот дека додека била на власт водела разговори за решавање на проблемите со соседите, но не со цел да се договори туку на крајот, како со Бугарија, да признае дека на Македонија не и потребен договор и дека таа како партија најдобро функционира кога земјата е изолирана, а односите со соседите се заострени.

Трето, ќе се најде осамена во друштво со отворено проруската и анти НАТО партија на Јанко Бачев, на Левица на Апасиев кој има ставови на екстремна десница, со новата партија на Солза Грчева, на Стевчо Јакимоски и на неколку анти НАТО активисти како Билјана Ванковска и Стефан Влахов Мицов, кои ќе го зајакнат убедувањето дека е лажно тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека сака Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Таквата партија, покрај штетата што може да ја направи во овој процес, ќе остане без шанси било кога во догледно време да се врати на власт и да формира влада.

Наспроти неа, во овој процес за присоединување на Македонија кон НАТО и кон ЕУ преку прифаќање на договорот со Грција, СДСМ ќе добие можност да формира блок на партии, невладини организации и граѓани кои се за членство во НАТО и во ЕУ преку поддршка на договорот. Во тој блок, кој веќе наликува на оној што се формираше во Словенија веднаш по стекнувањето на независноста и кој настапуваше со слоган „Европа – сега“, ќе влезат не само СДСМ предводен од Заев, туку и сите 22 политички партии од коалицијата која победи на парламентарните и на локалните избори, сите партии на етничките Албанци и партиите на сите други етнички заедници во Македонија, кои сите заедно во овој момент имаат околу 75 пратеници во Собранието на Македонија.

Блокот на партии организации и граѓани за НАТО и за ЕУ ќе ја има поддршката на соседните земји, на САД, на ЕУ и на целата меѓународна прогресивна јавност бидејќи решава еден сериозен децениски спор на Балканот преку потпишувањето мировни договори со соседите и создавањето амбиент за долгогодишен мир, стабилност и економски просперитет на Балканот.

Идеолозите на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните сателити, закопани во своите митови и стравови од соседите, се уште Европа ја доживуваат како „Блудница Вавилонска“, живеат и ја шират перцепцијата за „историската неправда кон Македонија“, говорат за четирите соседи волци околу нас кои сакаат да лапнат Македонија и за тоа дека сме ние жртва на големи меѓународни заговори од кои може да не спасат само некој спасител како Груевски или некое ново „патриотско и умно“ раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

За жал, тие уште на сфаќаат дека по промената на власта на последните избори во Македонија сме сведоци на најзначајната реформа што и беше потребна на Македонија. А тоа е реформата на свеста и на политичкиот менталитет на народот преку концептот за развој на Македонија како граѓанско општество односно како едно општество за сите.

Низ таа реформа, која започна пред изборите со ослободувањето на СДСМ од национализмот и неговото трансформирање во граѓанска партија, а продолжи, по изборите со храбро потпишаните договори за добрососедство и пријателство во Бугарија и Грција, ние се ослободуваме полека но сигурно од лажната големина на нацијата, од лажните митови и митологизации, од предрасудите, од фрустрациите и од националните стравови. Низ таа реформа на свеста и менталитетот се снабдуваме со нова национална храброст, со оптимизам, рамноправност со поголемо национално достоинство, со нови пријатели во светот и поддржувачи.

Договорот со Грција и обезбедува на Македонија целосно меѓународно признавање на нејзината независност која била сон на сите борци за слобода и за независност на Македонија.. Признавање на македонскиот јазик како клучна особина на македонскиот национален идентитет. И светска промоција на нашето државјанство како македонско. Македонскиот народ создава услови за многу посигурен развој и зачувување на својата национална култура и историја.

Бидејќи тоа е сосема јасно, и секое друго толкување е само со цел да се одржи омразата и поделбите во Македонија. Блокот на партии и граѓани што се за „Европа -сега“ и за договорот со Грција, кој е услов за остварување на таа важна историска цел на Македонија, треба да избегнува противниците на овој договор, во кампањата да ги етикетира како „ неосвестени маси“, „непријатели на народот“, „предавници и платеници“ заврбувани од странски служби, „слуги на туѓи интереси“ и слично.

Наспроти нервозата на противниците на договорот, и особено на Партијата за македонско национално единство која сее раздор, кампањата на блокот „Европа – сега“ може да биде сосема цивилизирана, објаснувачка, толерантна, поттикнувачка, обединувачка и да води кон создавање на најголемо можно национално единство во земјата, кое ни е потребно за остварување на целта и сонот на сите граѓани – што би рекол Јанушев.

Ѓорѓи Спасов