Школски пример


Никола Поповски

Деновиве многу се зборува и пишува за една македонска државна институција и политиката што таа ја води. Станува збор за државниот Фонд за иновации и технолошки развој. Контроверзиите околу Фондот се кренаа до небото. Со право. Владата на Македонија води агресивна интервенционистичка политика во делови од економијата и овој Фонд е претворен во инструмент на таа политика. Мерката е многу едноставна – доделување грантови (дарови) на компании. Даровите се доделуваат за поддршка на микро, мали и средни претпријатија.
Во рамките на третиот столб од планот за економски раст што го планирала Владата се објави јавен повик за финансирање проекти. Во јавниот повик уште е додадено и дека тоа е прв инвестициски бран. Многу сложени имиња за постапка на доделување на обични грантови. Според видувањето на власта, ова се суштински мерки за напредок на економијата. Тие мерки, заедно со државните грантови што следат согласно законските решенија за поттикнувањето на економскиот раст и оние за сè поголемото субвенционирање на земјоделството, како и огромните средства што се доделуваат за градежните работи во јавната инфраструктура би требало да ја подобрат економијата.
Концептот на власта е јасен и едноставен – ако на економијата не ѝ оди, заборавете на стандардните, но сложени и тешки макроекономски мерки за кои треба многу истражување, знаење и вештини, и пристапете кон обилно доделување на средства од буџетот по разни основи за директно дотирање на економијата. Концепт што е испробан безброј пати и – исто толку пати пропаднат во светот, за што има купишта на релевантни примери, студии, книги, па и добиени Нобелови награди.
Со еден збор, преголемиот директен интервенционизам и волунтаризам од овој карактер никогаш и никаде не се прославил и не донел одржлив успех, па можно е да се сомневаме дека така ќе биде и овој пат. Тоа е школски пример. Едноставно, пазарните механизми, како и секогаш во историјата ќе се покажат како посилни и поупорни од кој било вид директен економски интервенционизам од ваков карактер. Подобро ќе беше економската политика да се потпре на нефаворизација, неселективност и индиректно поттикнување за што барем денес постои, колку толку, согласност во светот.
Ако ја прашате Владата, таа едногласно ќе ви одговори дека ваквата политика е најдобрата можна и дека во свет во кој почна да доминира Трамповиот ад хок економски интервенционизам не постои друга алтернатива. Тука е основната грешка. Алтернатива на пазарниот механизам со кој треба да се соочуваат компаниите во услови на висока регулација на пазарот и поттикнувачка, но секторски неутрална макроекономска политика (со исклучок на производството на јавните добра) што е во насока на раст, развој, висока вработеност и макроекономска стабилност, де факто не постои. Во тоа брзо ќе се уверат сите оние што од кои било причини мислат поинаку. Почнувајќи од Трамп, кој мисли дека пониската продуктивност на американските производители на челик и алуминиум (а сега гледаме и на сè поголем број производи и компании) ќе ја подобри со високи заштитни царини од 20 отсто на нивното производство, преку македонската Влада што мисли дека со грантови ќе ја подобри иновативноста на компаниите, па сè до косовската влада, која мисли дека ниската продуктивност на нивниот земјоделски сектор ќе се подобри со превисоките царини од 30 отсто на увезеното производството од земјите со кои имаат склучено Договор за слободна трговија (ЦЕФТА).
Но да се вратиме на нашиот Фонд за иновации и технолошки развој и неговата иновативна и технолошка политика. По сè изгледа таа ќе се сведе на грантови во неколку „инвестициски бранови“ со кои нешто ќе се поддржува. Велам „нешто“, бидејќи според резултатите од „првиот бран“ инвестициски грантови, може да се случи од политика за поддршка на иновации и нови технологии да се сведе на политика само на грантови и тоа во, за јавноста, контроверзна постапка. Како инаку да се толкува доделување грантови (дарови) од државниот буџет на компании што не така малите средства ќе ги употребат за „Изработка на нови модни колекции“ или за производство на „Путер од органски лешник“, „Изградба на хала за производство на автомобилски делови“, „Екодостава на храна со електрични возила“ и слично? Вакви примери има на десетици и десетици. Кој и каква иновација може да види во тоа?
Конечно, проблеми во поттикнувањето на иновациите и технолошкиот развој има и со нагласените субјективизми што доведоа до попуштање од страна на оние што одлучувале по субјективни критериуми пред критиките на јавноста и повлекување на проектите и грантовите. Тоа е уште една вредна поука во врска со механизмите на претеран државен интервенционизам во економијата што, нужно, со себе носи и субјективизми од таков карактер.
Дополнителни проблеми од ваквите владини механизми, што за волја на вистината ги воведе претходната власт со Законот за иновациска дејност од 2013 година, произлегуваат од неговата арбитрерност што системски е вградена во него. Таа арбитрерност на државните органи е непазарна и не се потпира на ценовните механизми и информации од пазарот. Таа се потпира на убедување на државните службеници и функционери. Се разбира дека таквото убедување исто така е непазарно мотивирано и затоа може да, а најчесто и де факто, алоцира средства за кои рентабилноста, ефикасноста и ефективноста е непозната. Ваквите постапки обично доведуваат до неефикасно користење на средствата или нивна можна злоупотреба.
Затоа овие инструменти и мерки на економската и развојна политика мора брзо и радикално да се менуваат. Прво, тие се востановени од една претходна, неинвентивна власт со многу сомнителни намери. Впрочем, сè појасно станува дека за нив злоупотребата на државните средства била со висок приоритет при носењето на речиси сите мерки. Како такви тие не можат и не смеат да останат. Второ, системското законско решение е лошо и доказ за тоа е токму распределбата на средствата во тнр. „прв инвестициски бран“. Доколку системските решенија, односно инструментот сериозно не се промени, тој и во иднина ќе создава исти или слични ситуации. Трето, треба да се сменат и мерките што се вградени во, или произлегуваат од, основниот инструмент од истите причини. Четврто, треба да се промени и праксата на функционирање на органите во рамки на надлежните институции. Тие се премногу: Комитет за иновации и претприемништво формиран од Владата; Фонд за иновации и технолошки развој со свој Управен одбор именуван од Владата; Комитетот за одобрување на инвестиции именуван од Владата и директор избран од Владата. На ова се додаваат повеќе комисии и стручни тела што служат како експертски тимови за евалуација на програми. Нема потреба од толку големо администрирање и бирократија типични за државите со лоша и неефикасна бирократија што без потреба и неефикасно се вплеткува во економските активности на компаниите. Конечно, петто, треба сериозно да се преиспита и високото ниво на средства што се алоцира од буџетот за овие неефикасни и арбитрерни економски политики, а особено максималното ниво на средства што еден апликант може да го добие.
На тој начин би можело да се избегне да се повторуваат несмасно па дури и погрешно водените политики во овој домен што актуелната власт веќе ја чинат и намалување на сопствената кредибилност.