Шабан Шаулиќ и Жељко Јоксимовиќ на „Пивофест“ во Прилеп


Прилеп ги почна подготовките за една од најголемите летни манифестации „Пивофест“ која годинава по 16 пат ќе се одржи од 12 до 15 јули.

Организаторот, скопската компанија „Ентфинити“ и покровителот, прилепската локална самоуправа уверуваат дека и годинава посетителите ќе уживаат четирите фестивалски дена, а се очекуваат гости од цела Македонија и од Балканот.

– Во организационите подготовки се вклучени сите надлежни служби во градот: јавните комунални претпријатија, противпожарната единица, службата за итна помош, редарите, а помошта ќе биде голема и од полицијата. Годинава од буџетот на општината се одвоени 2,5 милиона денари, цената на паркирањето за еден фестивалски ден е преполовена, од 100 на 50 денари на барање на посетителите од другите градови. За младите и сите со авантуристички дух, и годинава на располагање ќе им биде кампинг-просторот во Паркот на револуцијата и сите ќе добиваат топли напитоци. Очекуваме голем број гости, туристичка промоција на Прилеп и одлична летна забава на фестивалот на кој ќе се дегустираат повеќе видови пиво и вкусна скара, рече приелпскиот градоначалник Илија Јованоски на денешна прва прес-конференција за манифестацијата „Пивофест“.

На 29 локации во центарот на Прилеп, на површина од пореку 4 000 метри квадратни ќе бидат поставени штандовите, а досега се ангажирани повеќе од половината локации.

Според Дарко Манасиески од компанијата „Ентфинити“ која имала искуство во организирањето вакви фестивалчски манифестации, во сите четири фестивалски дена ќе има богата програма и ќе гостуваат познати музички имиња од Македонија и Балканот , а музиката ќе ги задоволи сите генерации.

– На првиот фестивалски ден, на отворањето, в четврток на 12 јули, ќе настапат Дани, Тони Зен и Цајковски. В петок на програмата се: Дарио, Ван Гог, Црвена јабука и ДЏ Мосел од Грција. на третиот фестивалски ден, в сабота, ќе настапат: Фортисимо бенд, некстајм, Џенан Лончаревиќ и познатата балканска ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. Последната фестивалска вечер, в недела, гостите ќе ги забавуваат: Александра Јанева, Либеро бенд, Милица Тодоровиќ и фолк-ѕвездата Шабан Шаулиќ. Наш приоритет е сите четири фестивалски дена на поминат во весела атмосфера и да биде безбедно за сите гости кои ќе допатуваат на Фестивалот, и секако, повикуваме на еколошка свест на учесниците, вели Манасиески