Човек без идентитет


Ерол Ризаов

Поминаа цели три дена од изгласувањето на уставните промени и големото предавство на Македонија, сè уште кај себе не почувствував некоја идентитетска промена. Заспивам и се будам истиот. Многу загрижувачки. По сè изгледа, не сум ни имал идентитет. Не е ни чудо ако се земат предвид моите измешани гени, и национални и јазични, како турли-тава. На која страна и да пипнеш, саде мешавини. Така, со стекнат имунитет од раѓање, без вакцини и без пелцување против идентитетски вируси лесно го одбегнав првиот удар на обезличувањето. Поминав само со мала настинка.
Повеќе сум загрижен за античката и ариевска раса која ја снема преку ноќ. Кога видов дека само стотина големи и храбри национални дејци стасаа пред Собранието да го бранат името и идентитетот, си реков на преостанатите половина милион, колку што беа најавени дека ќе ја бранат Македонија, им застуделно од северниот ветер толку многу што им замрзнале јужните гени.
Уште полесно го поднесов сопственото предавство на татковината. На тоа навикнав и отрпнав одамна и како странски платеник и како немакедонец и како Турчин и како југоносталгичар и југоплачко и како југословенски, српски, словенечки, црногорски, бошњачки, македонски, германски, турски и еве сега како грчки новинар, туркофил, албанофил, иредентист, неверник и националист. Осведочен предавник премачкан со сите бои и со сите нишани.
Но овој пат да бидам искрен со радост го прифатив предавството на татковината затоа што не бев само со неколкумина петтоколонаши, колку што бевме на почетокот кога нè открија будните бранители на името на државата, идентитетот, јазикот, верата, независноста и самостојноста. Тогаш тоа ми предизвикуваше бес, тага и големо разочарување кога не објавуваа со слика име и презиме на ударните вести и на првите страници како непријатели, предавници, шпиони, кодоши и странски платеници, кога ни испраќаа куршум во чело и ни откриваа големи гревови. Не дека некој им се плашеше на тие кукавици сместени во скутот на арамиската власт од каде што нарачуваа затворски казни и драконски глоби, туку нивната пропагандна гебелсовска машинерија кај многу добронамерни луѓе, предизвикуваше сомнеж дека можеби има нешто вистина во фабрикуваните и нарачани компромитации повторувани по сто пати дневно.
Сега, кога сме илјадници што станавме домашни предавници, не е исто. Нели. Полесно се дише. А, за надворешни непријатели воопшто да не правиме муабет. Ги има милиони. Цел свет непријатели. Не ги гледате. Е, па сите што ни честитаат за Преспанскиот договор и за северна Македонија се нашите најголеми непријатели. Прва Америка, потоа цела ЕУ сосе Англија на заминување. Потоа сите наши комшии кои го потврдија своето вековно непријателство кон нас со честитки. На нив им се приклучија и голем број предавници од целиот свет. Така што е откриен големиот заговор како е донесен Зоран Заев на власт да го завери и потпише предавството на планетата земја против кутра Македонија. Замислете уште да му дадат Нобелова награда за мир.
Останаа на браникот на татковината херојски како последни Мохиканци пратеникот и азилант Никола Груевски, кој нè брани од далеку преку седум граници и неговиот чувар на престолот Христијан Мицкоски, кој почнува татковинска војна за поништување на срамниот договорот со Грција и враќање на Македонија каде што ѝ беше местото, во славната ера на груевизмот. Секако, и претседателот на заминување Ѓорге Иванов со своите следбеници.
Ги разбирам колегите, кои ги почитувам, што предупредуваат дека не е време за еуфорија и радост. И јас мислам дека ништо не е готово додека не заврши. Неизвесноста останува додека грчкиот парламент не ја заврши работата и додека не се завее знамето пред седиштето на НАТО алијансата во Брисел и додека не почнат преговорите со ЕУ, па еве да бидам уште построг додека не завршат и не станеме членка на ЕУ. На тој пат ќе има многу пречки и неизвесности. Првата пречка може да ја направат уште денес истомислениците на нашите патриоти во Грција. Може во последен час да им ја завршат работата министерот Панос Каменос и неговите националисти. Тоа би била трагичната гротеска Каменос да биде херојот на ВМРО-ДПМНЕ и да ја заврши работата што не можеа тие, да ја спречат Македонија да биде членка на НАТО, па утре со Каменос или Кирјакос Мицотакис да направат подобар договор. А, да не зборуваме за различните можности да се одложи почетокот на преговорите, или да се пролонгираат во недоглед. Па барем тоа го знаеме како 15-годишен најстар кандидат, по Турција, за членство во ЕУ, кој беше пред сите, па остана последен поради мудрата политика на нашите водачи. Меѓутоа, кога ни држат лекции колегите балансери на гуми кои за време на режимот, кога совеста и професијата им налагаа да се спротивстават на режимот и на страховладата и да бидат сведоци на страната на тие што страдаат од новата историја и тиранија на Груевски и неговите дворјани тие,тогаш, избраа срамно да молчат за злоделата на власта и ни држеа лекции за рамноправна застапеност. Што беше еднакво, ако не и полошо, од оние што отворено застанаа зад Груевски и семејството.
Затоа, јас одлучив без таламбаси и чалгии, онака осамено и тивко за душа како што се слуша ориенталниот инструмент неј, со големо олеснување да се израдувам на она што се случи во Македонија. Како да ви кажам, тоа се измешани чувства на човек без идентитет, истовремено радост што не било се залудно, но и добра доза на сета за потрошените години кои поминаа додека трепнеш. И, пак, со јанѕа дали ќе се заврши работата како треба и ќе дочекам ли да го видам и тоа чудо.
Од 42 години во горчливата професија, но некогаш хранлива, цели 30 години потрошив на определбата за влез во Европа. Уште пред распадот на Југославија спасот го гледавме, ние тогашните предавници, во членството на ЕУ и НАТО. Тие патриоти и тогаш го употребуваа истите зборови како и сега нивните наследници во одбрана на својот поход за распад на земјата и крвавата војна.
Кога ја примав наградата „Жан Моне“, која ја доделува ЕУ за текстови со критичка интонација кон Брисел за улогата на ЕУ во неправдата што ѝ се нанесува на Македонија, кога се заблагодарував пред европските дипломати, кажав дека ја прифаќам како признание на мојот најголем пораз во професијата. Бидејќи како да пишувам на мраз, годините одминуваа, а Македонија остана во балканската крчма. Денес Европа е реална и единствена добра перспектива за Македонија како никогаш досега. Доволно за малку радост и на осведочен предавник, иако работата не е завршена. Каменос фрли камен, ама галиба прво него ќе го удри по глава.