Цунамито и чадорчето


Петар Арсовски

Моменталната стратегија на ВМРО-ДПМНЕ изгледа како да сакаат да се одбранат од цунами со чадорче. Изгледа дека најголемата опозициска партија не успеа да разбере дека процесот за целосна имплементација на договорот од Преспа е сепак поголем од нив. Геостратегиската позиција и одлука на големите сили и меѓународната заедница, па, ако сакате, и на мнозинството на граѓаните на Македонија, оди, и ќе продолжи да оди, во правец на глобализација, за ЕУ и НАТО, за договорот, односно кон неповратниот правец во кој општеството почна да се движи по промената на власта на последните парламентарни избори. Е сега, опозицијата упорно се противи на тој процес, па уште со погрешни стратегии и пораки. Мислам дека ваквата поставеност ќе направи ВМРО-ДПМНЕ од овој процес, кој не зависи веќе од нив, да остане повторно девастирана, да ја собираме со пинцета, што за возврат ќе донесе премногу комоција на постојното мнозинство, што е секако лош сигнал за државата. Еве ги, според мене, најголемите неколку грешки кои опозицијата ги прави во моментов.

Прво, нивното колебање околу референдумското прашање и референдумот нема да им донесе победа. Прашањето е проширено, и ги спојува НАТО и ЕУ со договорот со Грција, зашто тоа е вистинскиот контекст на дилемата. Ние знаеме дека огромно мнозинство граѓани се за НАТО и ЕУ, тоа не треба да го проверуваме – ние треба да провериме дали граѓаните се за НАТО и ЕУ преку договорот со Грција, во тој контекст, со таа цена и специфика. Тоа е вистинскиот одраз на комбинираната волја на мнозинството. Потоа, се појавија дилеми дали требало да се прашуваме за целиот договор или само за уставното име. Повторно, погрешна дилема – договорот се проверува во целост, а не на стотина парчиња од колку што е составен компромисот. Инаку, ако веќе делиме на парчиња, зошто да не прашаме дали сте за македонскиот јазик да остане македонски јазик?

Второ, нивната мантра за условена поддршка на процесот ќе им се распадне како меур од сапуница во лицето. Од сите услови кои ВМРО-ДПМНЕ ги постави, мислам дека политичкиот процес ќе донесе разрешница за повеќето, а опозицијата ќе остане со единствениот услов кој за нив е неодминлив, а за власта неприфатлив – амнестијата. Тоа е за нив најлошата позиција во која можат да се најдат. Од таа позиција, која полека се наметнува во јавноста како нивен единствен вистински услов, ВМРО-ДПМНЕ не може да излезе ќар. Никако нема да може да го спои тоа барање со патриотизмот, принципиелноста, националното чувство или политичката инклузивност. Истовремено, нема да најде сојузници за таквата политика, зашто целата домашна јавност и меѓународната заедница ќе бидат хистерично против. Власта нема да може да го прифати ова, зашто сепак, учеството на ВМРО-ДПМНЕ во овој процес не е поважно од владеењето на правото и огромниот минус кој амнестијата би ѝ го донела на власта.

Трето, нивната приказна за бојкот е, исто така, лузерска. Никогаш, ама баш никогаш, политичкиот актер кој бојкотирал не излегол ќар од бојкотот. Истото важи и за процесите во парламентот, како и за веќе извесниот референдум. Еве зошто позицијата е налудничава – ВМРО-ДПМНЕ тврди дека мнозинството граѓани се против договорот, а истовремено не дозволува да се пребројат. Ако навистина имаат мнозинство, тие ќе врескаа за референдум, ќе го бараа побрзо а немаше да бараат начин да го одолговлечат и немаше да се секираат за одѕивот. Единствено логично објаснување зошто инсистираат на референдум каде единствено оружје би им бил бојкотот, е ако знаат дека се малцинство, па преку бојкотот сакаат да го постигнат она за кое инаку не би имале бројки. Така поставената политика е проблематична, зашто исходот на референдумот практично сигурно ќе го стави ВМРО-ДПМНЕ во неповолна позиција – да инсистира да се игнорира волјата на очигледното мнозинство.

Третиот, и по мене најважен проблем на опозицијата во моментов, е што таа нема вистинска алтернативна понуда. Тие знаат што не сакаат, но не знаат што сакаат. Заев и СДСМ во моментов се во комуникациски подобра позиција од стратегиска гледна точка, зашто имаат конзистентна и појасна порака. Тие, барем, имаат некаков план: комплициран, со компромиси, на моменти непопуларен, полн со предизвици, но имаат понуда – тие велат, еве како од Македонија ќе направиме подобро место за живеење, преку договорот со Грција, ЕУ и НАТО, со сите жртви кои треба да ги направиме. Добар или лош, евтин или скап, тоа е барем некаков план.

Од другата страна… ништо. Опозицијата нема алтернативна понуда, за која реално можеме да разговараме. Тие не велат, на пример, ќе се повлечеме од договорот, ама ќе направиме стратегиски сојуз со Русија, Кина, или ќе одиме на директно признавање во Обединетите нации, или ќе се откажеме од НАТО и ЕУ, ама економијата ќе ја придвижиме со стратегиски инвестиции од, што знам, Иркутск, сеедно. Ним им недостасува каков било конзистентен план и визија за иднината на општеството и државата. Тие ја немаат таа суштинска компонента, а без таа, жалам дечки, тешко ќе биде да се спротивставите на план кој има цена, но и конкретни, веднаш опипливи бенефити. Поголемиот број гласачи, најверојатно, сепак, ќе го изберат извесното.