Холандија попушти, Франција единствена кочница за преговорите


Холандскиот парламент даде зелено светло Македонија да ги почне преговорите со Европската Унија, а гласаше против Албанија.

Холандија е една од земјите од групата, на чело со Франција, која изминатиот период изразуваше скептицизам во однос на тоа дали ЕУ треба да започне пристапни приговори со нашата земја. Холандија и Франција беа земјите кои стоеја и зад нон-пејпрот кој во јавноста излезе пред еден месец, а со кој се бараше за Македонија да се одложи почетокот на преговорите до наредната пролет.

Мнозинството пратеници, од друга страна, ѝ порачаа на холандската влада да гласа против тоа Албанија да ги почне преговорите со ЕУ бидејќи не се задоволни од резултатите од реформите во врска со корупцијата и криминалот.

„Албанија јасно не ги исполни петте приоритети утврдени во извештајот за напредок бидејќи нема историја со правната реформа, борбата против корупцијата или борбата против криминалот. Врз основа на овој напредок, не можеме да ги отвориме преговорите за пристап. Холандската влада не треба да гласа за предлогот на Европската комисија за отворање на пристапните преговори“, се вели во предлогот од холандскиот парламент.

Сега останува уште Франција да омекне до претстојниот Самит на ЕУ, кој ќе се одржи на 25 јуни во Брисел. Во нацрт-заклучоците останува заложбата за старт на преговори со Македонија, но таа битка сѐ уште не е извојувана. Во обид да се убеди Франција, земјите членки прифатиле да се одреди условена одлука за преговори без временски рок кога тие конкретно би почнале, но ни тоа не ги убедило Французите, кои засега прифаќаат само „попозитивен речник“ и охрабрувања за Македонија.

Меѓу најгласните што се залагаат Македонија да добие датум за преговори е Бугарија и идниот претседавач – Австрија. Австрискиот амбасадор во ЕУ, Николас Маршик, вчера изјави дека би биле многу среќни ако се отворат преговори со Скопје и Тирана за време на австриското претседателство, кое трае од 1 јули до 31 декември. Австриски дипломатски извори додаваат дека би сакале ЕК да настапи со преговарачка рамка за Македонија и се надеваат дека ќе се одреди временски рок за преговори со Македонија.

Во вторник во Луксембург треба да се состанат министрите за надворешни работи на ЕУ и да дискутираат на оваа тема. Била спомената и варијанта преговори да се одредат во ноември годинава. Голем број земји членки сметаат дека би било разочарувачки Македонија да не биде наградена по сите препораки на ЕК и постигнатиот компромис со Грција околу спорот за името.

Забелешките на Франција се однесуваат главно на темпото на реформи во Македонија, но нејзиниот отпор за почеток на преговорите може да предизвика огромно разочарување кое тоа темпо ќе го демотивира. Премиерот Заев се надева дека ќе омекне срцето на претседателот Емануел Макрон и ќе добиеме датум за преговори. Заев и Макрон имаа средба на самитот во Софија, а претходно и шефот на дипломатијата Никола Димитров беше во посета на Париз, поради јасната тенденција на актуелната француска гарнитура да најде нешто да ги кочи преговорите со Македонија бидејќи генерално не ја гледа ЕУ подготвена за таков чекор.

„Се надевам сите наши пријатели во ЕУ, ниту една земја од ЕУ, нема да останат рамнодушни на пријателството и на европскиот манир што го демонстрира Македонија, она што е толку потребно за целиот Балкан, за ЈИЕ и за цела Европа“, рече премиерот Заев. Тој очекува Македонија следната недела да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ и се надева дека со чекорите што ги презема земјава ќе ги убеди сите кои сѐ уште имаат одредена резерва за проширувањето на ЕУ.

Заев се надева дека Македонија со својот европски манир, преку изнаоѓање решенија и решавање на идентитетски прашања ќе ги разоружи сите кои се уште имаат одредена резерва за проширувањето на ЕУ.

„Знам дека холандскиот Парламент донесе позитивна одлука за нашата земја. Се надевам дека тоа ќе се случи во иднина и за Албанија зашто и тие работеа многу како држава. Но, што се однесува за нашата земја се надевам и Франција и другите земји, ако имаат резерва, ќе се прекршат поради тоа што реформи се прават и во ЕУ и можат паралелно да се прават додека Македонија преговара за членство. Поглавјата и преговорите ќе траат со години, а унапредувајќи се како држава Македонија може да помогне и во унапредувањето на Европа терајќи ги преговарачките процеси. Јас се надевам дека ќе омекне срцето на претседателот на Франција, Макрон. Ги разбирам внатрешните дебати кои се отвораат во Франција, но таа е наш голем пријател. Ако Германија, Франција, Велика Британија, Италија и други земји одат напред, тогаш и Европа ќе се движи напред, а мотивацијата на нашите граѓани ќе биде уште поголема“, додаде Заев.

Според него, очекувањата се позитивна одлука која во најмала рака ќе дефинира потврдена препорака за започнување преговори и почеток на скринингот на целиот овој процес.

„Се надевам на позитивна одлука која ќе дефинира подготвеност за одржување на меѓувладините седници од кои произлегува секако и датумот за преговори. Јас сум оптимист, знам дека Европа нема да пропушти да ја охрабри и поддржи Македонија и сите нејзини граѓани за сето она што го правиме за наше подобро заедничко живеење“, изјави премиерот Зоран Заев. (Н.В.)