Уценета е Македонија


Ерол Ризаов

Зборовите „мацедонише цуштенде“, првпат употребени во Европа пред речиси еден век, не значат само македонски состојби, туку замрсени балкански работи кои никако не можат да се одмрсат. Пандан на германската дијагноза приопштена по убиствата и атентатите во европските градови на македонски дејци во меѓусебни пресметки е и француската „маседоан салат“, овошна салата со измешани плодови од непознато потекло. Денес сто години подоцна, во 21 век, на крајот на 2018 година, историјата се повторува истовремено и како трагедија и како фарса. Во време кога мислевме дека Гордиевиот јазол на Балканот конечно го пресекоа премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, со прифаќање на Преспанскиот договор кој означува почеток на европеизацијата и побрз развој на Македонија и лидерство во регионот на Грција, како пример како се решаваат нерешливите замрсени спорови на Балканот, кога двајцата храбри политичари спротивставени на национализмот и екстремните радикали во сопствените средини се предложени за Нобелова награда за мир, повторно се плетат мрежите од кои не можеме да се отплеткаме. Македонија дефинитивно не знае што да прави со слободата, влегуваме во нова портокалова фаза и во нова неизвесност за иднината на државата.

Тешко е да се објасни рационално и разбирливо што ни се случува. Дали е уценет премиерот Зоран Заев или е уценета Македонија? Кој и зошто уценува? Сакаме, навистина, или не сакаме да бидеме дел од Европа. Подготвени ли сме или не сме да ја платиме цената за тоа. Можеме ли да го разликуваме помалото зло од поголемото. Дали грчките услови за компромисно решение се потешки или домашните уцени на новите уставотворци кои тргуваат како на кванташки, на акшам пазар, да ушиќарат како црноберзијанците на туѓа мака оти до утре ќе се расипе стоката. И, конечно, дали ние одлучуваме за нашата иднина или некој друг? Ги знаеме ли последиците од неуспехот?

Деновиве ги читам внимателно обидите на премиерот да одговори на овие прашања и на оправданите критики на авторите кои ги почитувам за настанатиот хаос во земјата само на десетина дена пред да се донесе историската одлука во Собранието на Македонија со усвојување на уставните амандмани. По изјавата на премиерот Заев дека се обезбедени 76 гласа „за“, што значи пропаѓање на договорот со Грција по наша вина, се појавија првите потешки симптоми кои водат во нова длабока повеќеслојна криза во која влегува Македонија со неизвесност дали воопшто е можно да се разреши со нови предвремени парламентарни избори во одамна поделеното општество ако не бидат усвоени уставните амандмани во предвидениот оптимален рок. Ако пропадне договорот со Грција по наша вина, изборите, било претседателски било парламентарни, би биле само 40-дневен помен од неговото упокојување со добри шанси за исчезнување и на државата.

И сега еве ги моите одговори на погоре поставените прашања. Дали е уценет Заев или Македонија? Уценета е Македонија, односно сите граѓани кои се определени за европската иднина на државата со прифаќање на компромисните решенија со Грција во кои не гледаат загроза на националниот идентитет и јазикот и кои во името Република Северна Македонија препознаваат целосно меѓународно признавање и поимот северна го сметаат само како географска одредница, што всушност и е.

Кој и зошто уценува? Најдобро е тоа премиерот уште поотворено и поименично да го каже пред јавноста, иако веќе се јасно видливи личностите и моќниците во парламентот, во политичките партии кои сè уште не ја виделе сопствената загуба ако пропадне Преспанскиот договор. Уценува ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, уценуваат дел од пратениците кои беа дистанцирани од ВМРО-ДПМНЕ и формираа посебна пратеничка група и на првото гласање дадоа согласност за почеток на постапката на уставните промени, а сега ја чекаат изнудената слобода од амнестијата па да гласаат. Уценуваат и сите албански политички партии и лидери кои имаат побарувања надвор од сите морални и партнерски принципи. Едните бараат неказнивост за своите криминали, другите бараат популистичка допадливост кај своите симпатизери во стилот – кога ако не сега кога ги начекавме во тесно. Некои нивни барања се потешки од грчките.

Други моќници, кои се во притвор, уценуваат преку свои блиски пратеници. Бараат слобода за глас. Уценуваат и разни струи во СДСМ. Во политичка криза која не е поврзана со временски шаховски термини кога во цајтнот паѓа знаменцето неминовна би била оставката на премиерот и распуштање на Собранието барајќи излез во предвремени избори. Во овој случај состојбата е сосема обратна. Оставката на премиерот Заев би ја искомплицирало уште повеќе ситуацијата со дебакл на Преспанскиот договор и со долгогодишно одлагање на членството во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ.

Дали сакаме навистина да бидеме дел од Европа и дали сме подготвени да ја платиме цената за тоа? Да, сите истражувања на јавното мислење, сите партиски документи и програми, сите реформи и развојни планови, сите закони што се носат во парламентот, целиот политички и економски поредок е во согласност со изминатиот пат кон ЕУ до статусот кандидат за членство. Сите реформи во армијата и во другите области на кои инсистира НАТО се, исто така, исполнети во таа насока. Значи, сакаме членство во ЕУ и во НАТО. А дали сме подготвени да ја платиме цената за тоа со отстапки како помало зло од неизвесноста ако не сме интегрирани во Европа. НЕ. За тоа не се извршени соодветни подготовки, не е направен ниту амбиент ниту поволна клима за што вината паѓа на политичките и интелектуални елити, на медиумите кои не успеаја сиве овие 28 години да ја подготват јавноста за компромис и да се разберат и придобивките и загубите од влезот во НАТО и во ЕУ.

Дали ние одлучуваме сами за нашата иднина или некој друг. Кога го слушам ова прашање, секогаш ми паѓа на ум предупредувањето на Денко Малески кога приопшти дека најлошо е ако меѓународната заедница крене раце од нас. Новонастаната ситуација на хаос многу ми наликува на тоа, иако е за неверување по сè што вложија Америка и ЕУ, и по сите напори Македонија да тргне во вистинска насока. Повторната изолација на Македонија и препуштање на самата себе да ги одмрсува јазлите која сама ги направи би биле катастрофални.

И одговорот на последното прашање – какви ќе бидат последиците од неуспехот Македонија да го фати последниот воз за Европа? Многу потешки од сите отстапки кои сега предизвикуваат оправдана огорченост во јавноста. Македонија, како и повеќето балкански земји, доколку не станат членки на ЕУ и не се европеизираат, неминовно одат кон исчезнување. Тоа не е ништо ново и во поновата историја на народите и државите. Последниот пример е Југославија, која исчезна во крв и разорување како потрошен историски модел, во кој водачите националисти кои сонуваа за големи држави не ја видоа иднината. Наследничките на Југославија сите до една спасот го побараа во Европа. Тие што побрзо ги прифатија условите на домаќинот побрзо стасаа до целта. Тие што уште не можат да видат подалеку од носот нè држат заробени оти се уште посилни од тие што ја сакаат слободата и прогресот.