Универзитетската клиника за психијатрија уште чека да го добие современиот лек „ксеплион“


Универзитетската клиника за психијатрија уште чека да го добие современиот лек „ксеплион“ (палиперидон палмеат), што се депо (ампуларни) препарати за лица со хронични психотични растројства. Директорот на Клиниката, доктор Стојан Бајрактаров, подвлекува дека за лекот „ксеплион“ добиле позитивно мислење од Министерство за здравство, а чекаат од Фондот за здравствено осигурување одобрување на условен буџет за овој лек, кој се користи во светот. Дека пациентите што имаат проблеми со менталното здравје бараат да им биде достапен новиот современ лек, Бајрактаров истакна уште пред три месеци. Укажа дека сега на корисниците им е достапен само еден современ лек „рисполепт конста“ (рисперидоне), кој е на позитивна листа.

– Лекот што го имаме и се користи за пациентите е „рисполепт конста“ (рисперидоне), а тој што го чекаме е вика „ксеплион“ (палиперидон палмеат). Тоа се депо (ампуларни) препарати за лица со хронични психотични растројства. Првиот се дава на две, вториот на четири недели. Како најново, во светот се појави и депо ампуларна терапија на три месеци, што е исто палиперидон по состав и се вика „тревикта“. Има и други лекови што се на позитивна листа, ама се стари генерации. Оваа е лек од најнова генерација, кој е раширен и прифатен во светот. Ние го баравме пред три месеци, а од Фондот за здравствено осигурување ни кажаа дека треба да влезе во буџетот за следната година. На преговорите во Фондот како основно барање го наведовме тоа дека не се работи за ставање на позитивна листа туку дека бараме да добиеме условен буџет и за овој лек. Начелно ни одговорија дека ќе го добиеме, ама не можам да кажам дека е сигурно додека не добијам решение. Ни беше кажано дека треба да се чека годишен буџет. Очекуваме со проширување на позитивна листа уште понови лекови “, објасни Бајрактаров.

 

 Расте бројот на граѓани со растројства

Земјава дури за десет отсто е зголемен бројот на граѓани што имаат проблеми со менталното здравје. На годишно ниво на Клиниката има околу 16.000 амбулантски прегледи, од нив околу 6.000 се во рамките на депресивни растројства, 2.500 на психотични растројства, а околу 600 се хроничен психооргански синдроми (деменции). Сите растројства се во голем пораст, депресијата е прва на листата не само во земјава туку и на светско ниво. Чести се и растројствата кај децата, а кај дечињата е сè поприсутен и аутизмот.

„Секоја година има по мало зголемување, меѓутоа, за да биде појасно, зголемувањето се должи во групите на депресија и анксиозни растројстава. Кои се поврзани со стрес и надворешни случувања. Бројот на лица со психози познати како шизофренија – група на хронични психотични растројства е стабилен и се движи од околу еден отсто од населението. Второ големо зголемување е во полето на деменции, болести карактеристични за повозрасните, оние во стара доба“, изјави Бајрактаров.

Во следниве три години треба да се отворат уште три центри за ментално здравје во Штип, Кичево и Битола, за што течат преговори со Министерството за здравство, а поддршка треба да се добие и од општините. Засега вакви центри има седум – во Скопје три и по еден во Струмица, Тетово, Гевгелија и Прилеп, каде на пациентите им се даваат услуги за ресоцијализација.

„За отворање на центарот поддршка ќе има од болницата во Демир Хисар и Општата болница. За Штип зборувавме со градоначалникот да даде максимална поддршка, а позитивно одговорија и од Министерството за здравство, така што таму има најголеми шанси набрзо да се отвори“, рече Бајрактаров.

Освен отворањето на нови центри плановите со Националната стратегија за унапредување на менталното здравје 2018-2025 година, се и да се подобрат условите на постоечките. Обврска на надлежните за следниот период е и да работат на процесот на децентрализација, регионализација на сервисите за ментално здравје, намалување на бројот на болничките кревети и на деинституционализација. Пациентите со тоа би имале избор да се лекуваат во болница, во центрите или, пак, терапијата да ја примаат дома. Акцискиот план на стратегијата е одобрен од Владата, а меѓу другото во него стои дека треба да се подобрат психотерапевтските услуги. Бајрактаров e задоволен што на Клиниката има нови вработувања ( двајца лекари, две сестри и психолог), кадри кои им фалеле, а за кои не успеале изминатите години да добијат согласности за вработување.

Инаку, секоја година, кај еден од четири до пет возрасни лица во развиените земји е дијагностицирано ментално растројство. Еден од 24 возрасни лица има сериозна ментална болест, а еден од 12 има растројство за кое треба употреба на психоактивни супстанции. Половина од сите хронични ментални болести започнуваат со 14-годишна возраст. Самоубиството е десетта водечка причина за смрт за сите возрасти и тоа е почесто отколку убиствата. Луѓето со ментални болести веројатно не се понасилни од оние без ментално нарушување. Всушност, оние со ментални болести имаат 10 пати поголеми шанси да бидат жртви на насилен криминал.

 

Вероника Мароска-Леова