Сè ќе направиме да нè нема


Ерол Ризаов

Ќе направиме сè да го блокираме Преспанскиот договор, рече лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, и ја напушти владата оти не може да се помири со фактот дека Македонија и натаму останува Македонија и кога е северна, оти Македонците си остануваат Македонци и кога не се антички, оти ќе продолжат да зборуваат на македонски јазик, иако е од словенската група јазици одамна признати во светот. Ќе се бори Каменос на сите начини, и во парламентот и надвор од него, да ја урне владата на довчерашниот партнер Алексис Ципрас за да дојде наводно новата власт на Кирјакос Мицотакис, која божем ќе направи со северниот сосед договор по грчка мера, каков што треба: без името Македонија, без македонски јазик и без ништо македонско. Ете, тоа ти се вика вистински грчки патриот.
Нашиот Каменос, лидерот на „независни Мекедонци“, Христијан Мицкоски, има иста цел, но неговиот пат кон остварување е малку пореволуционерен. И тој ќе направи сè, помалку во парламентот, а повеќе надвор од него, да се отфрли „срамниот договор од Преспа“ и потпишаната капитулација. Разликата е во тоа што на Мицкоски не му е најважен зборот Македонија во името, туку одредницата северна. Не му значи многу што се сочувани македонскиот јазик и македонското државјанство, туку онаа коса тенка линија „/“, која ги одвојува зборовите државјанство македонско и граѓанин на Република северна Македонија. Во суштина, на Мицкоски не му пречи ништо од договорот, туку маката како ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт, оти партијата по 11 години владеење без контрола, е без власт, а поминаа цели две мачни години. Тоа тешко им паѓа, иако администрацијата и јавните претпријатија и фондови со години остануваат чисто партиско и вмровско утврдување, кое одлично работи на остварување на блокадите за иднината на државата.
Освојувањето на власта е најсилниот мотив и во Грција и во Македонија најмалку заради поништувањето на договорот од Преспа доколку дојде до негово усвојување и во грчкиот парламент. Никогаш ниту една грчка или македонска влада нема да го поништи. Бидете убедени во тоа. Националните анахрони екстремни партии нема да престанат да го критикуваат. Тоа ќе им биде сериозна предизборна активност во наредните сто години, но нема да го сменат ниту, пак, ќе се обидат тоа да го направат кога се на власт. Таа мачна и тешка работа штом друг ја заврши ја примија со олеснување бидејќи со нивната идеологија и нивните наследени пластови во свеста од минатите векови, тоа не е можно ни на сон. Таков компромис не можат да го сварат националистите од двете страни. Но прифаќаат таа жртва да ја поднесе друг, а отстапките кај двете страни на патриотските партии и во Грција и во Македонија ќе бидат идеални за манипулации за кревање на патриотскиот вознес, особено пред избори и во кризни ситуации. Дури и кога ќе станат Грција и Македонија, ако се спроведе Договорот и ако Македонија стане членка на НАТО и ЕУ, веројатно најголеми пријатели на Балканот.
Тоа е политика. Наука за правење пријатели, но и непријатели. Но она што се одвива на јавната сцена во Македонија, преку социјалните мрежи, особено по неуспехот да се организираат помасовни протести од страна на опозицијата и нејзините и руски сателити, навистина загрижува, иако станува збор за мала група, но многу агресивна, која создава привид дека целиот македонски народ е зад нив, а не можат да изнесат ни стотина души на протести.
Прв за поништување на Договорот се јави кој друг ако не Тодор Петров. Оваа маша е подготвена секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ сака некоја валкана работа, друг да ја одработи. Тодор Петров махер за блокади секогаш на македонска штета, ќе собира 150.000 потписи за распишување на нов референдум за поништување на Преспанскиот договор. Тие 81 пратеник што го изгласале договорот биле очајници, а не народни избраници на повеќе стотици илјади граѓани. Бидејќи од дрво маша не бидува, така и блокадата на Петров ќе изгори пред историските придобивки што ги носи договорот со Грција, членството во НАТО, обновата и европеизацијата на македонското општество во сите сфери. Почетокот на новата ера на целиот Балкан е незапирлив историски процес кој ќе стане модел и мала, но значајна алка во реформите на цела ЕУ.
Втората работа, која повеќе ми предизвика болка отколку загриженост, е обидот за манипулација со нашите големи спортисти ракометната репрезентација. До мене стаса анкетата со прашањето: „Дали нè поддржувате во ставот дека ние, македонската ракометна репрезентација, не треба да го смениме името без разлика на притисоци“. ДА или НЕ. Не може поинаку да се одговори. Точно, спортот е дел од големата и значајна политика за афирмација на татковината, но е секогаш против каква било дискриминација, теснопартиска злоупотреба и манипулација. Политичарите сакаат да кокетираат и да се сликаат со спортските ѕвезди, но да ги впрегнат во уривање на иднината на својата татковина е големо злодело и срамен чин.

Не верувам дека оваа анкета е со одобрување на нашите ракометари. Нивните победи се најголемиот придонес за афирмација на државата, за гордост и достоинство и најголема потврда за одбрана на националниот идентитет и угледот на Македонија без оглед од која национална и верска и расна припадност се нашите репрезентативци во сите спортови. Сите тие ги бранат боите на Македонија и кога беше федерална и народна и социјалистичка и поранешна и кога ќе биде северна, или еден ден европска. Дечки, победувајте на терен, така ќе завршите поголема работа.
Ми ја испратија и сменетата химна на државата. Некој бил многу незадоволен што со договорот не се чепка химната. Па човекот си напишал нова химна како пародија. Немам зборови. Браво. Треба да се направи сè за да нè нема. Ама тешко им оди. Ќе нè има и ќе нè биде. Побрзо фаќајте ја светлата страна на историјата. Оти времето ќе ве прегази без да сетите.