СЈО ќе се реформира в година


Втората тура закони за реформа на правосудството ќе влезат во собраниска процедура до крајот на оваа година, најавуваат од Министерството за правда. Станува збор за нови измени на законите за судови и за Судски совет, како и во Законот за Јавно обвинителство, каде што клучната интервенција се однесува на Специјалното јавно обвинителство, односно на негово вклучување во рамки на редовното обвинителство. Според тоа, не е исклучено донесувањето на овие закони да се реализира во почетокот на следната година. Интенцијата е овие закони да се носат по редовна, а не по скратена постапка.
За донесување на законите за судови и за Јавно обвинителство е потребно двотретинско мнозинство, што пред неколку месеци, кога течеше првата фаза од судската реформа, беше обезбедено со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат, со оглед на отпорот што го манифестира ВМРО-ДПМНЕ во однос на СЈО, прашање е дали од најголемата опозициска пратеничка група може да се очекува соработка за донесување на измените во Законот за Јавно обвинителство. Или, пак, владејачкото мнозинство и во овој случај ќе треба да се потпре на гласовите на пратениците кои минатата седмица овозможија да почне постапката за уставни измени.
За усогласување на законите од областа на правосудството, уште по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, беа формирани работни групи меѓу претставници на СДСМ и на опозицијата. Но, исходот од разговорите во овие групи засега е непознат. Во одлучувачкиот период околу тоа дали ќе се оди на уставни измени, согласно со договорот од Преспа, или на вонредни избори, ВМРО-ДПМНЕ излезе со неколку барања, меѓу кои и за избор на нов државен јавен обвинител и формирање ново независно обвинителско тело кое, практично, би го заменило СЈО и кое практично би ги работело случаите што ги почна тимот на Катица Јанева, но и, како што беше наведено, сите криминали од време на владеењето на СДСМ.
Затворањето на сите случаи што произлегоа од аферата со прислушувањето е еден од клучните критериуми што Европската комисија ѝ ги постави на Македонија за почетокот на преговорите за полноправно членство на земјата во ЕУ. Сепак, СЈО речиси една и пол година нема мандат да покренува нови обвинувања за предмети што произлегуваат од „бомбите“. На ова обвинителство му се врзани рацете и за подигање обвиненија за новите истраги што ги отвори во периодот пред гласањето за уставните измени, а со кои беа опфатени десетици поранешни, но и актуелни функционери и политички лидери.
Според нацрт-стратегијата на Владата за реформа на правосудниот сектор, СЈО, освен што ќе се интегрира во редовното обвинителство и ќе може да продолжи да покренува обвиненија за „бомбите“, ќе добие и проширена надлежност. Односно екипата на Јанева ќе гони и корупција од висок профил. Очекувањата се дека на тој начин СЈО ќе добие автономен статус во рамки на Јавното обвинителство – откако ќе бидат донесени законските измени што веќе подолго време се најавуваат.
Од Министерството за правда велат дека целта е во што е можно побрз рок да се донесат реформските закони од областа на правосудството, со оглед на скрининг-процесот за Македонија во ЕК, кој почна кон крајот на септември, и тоа од поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права. Следниот месец, пак, треба да се одржи вториот состанок во Брисел, во рамки на скрининг-процесот, за поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност.

На Кирацовски му се брза, ама не и на Владата

Веќе неколку дена траат консултациите меѓу Владата и пратеничките групи за подготовката на нацрт-амандманите на Уставот, така што нема прецизна информација дали следната седмица ќе почне и собраниската процедура во оваа фаза од уставните измени. Крајниот рок за доставување на нацрт-амандманите би бил околу 3 ноември, со оглед на предвидениот рок од 15 дена од донесувањето на одлуката за пристапување кон уставни измени.
Од Владата велат дека координацијата со пратеничките групи сè уште трае, наспроти претходната најава на пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски дека дел од амандманите ќе биле доставени уште во текот на вчерашниот ден. Подготовката на амандманите во Владата се одвива преку Министерството за правда.
Кога амандманите ќе стигнат во законодавниот дом, секој од нив треба да помине низ Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија. Кирацовски појасни дека е потребно по три дена за амандман во собраниската комисија, а подоцна и на пленарната седница.
-Доколку бидат доставени сите амандмани – оние што ги знаеме и очекуваме да бидат предложени – тоа ќе одземе околу два – два и пол месеци за комплетниот процес. Се надевам и убеден сум дека сите пратеници интегративно ќе учествуваат во дебатата за поднесените амандмани, во подобрување на оние точки кои се евидентни и сите заедно да го заокружиме процесот што нè движи напред кон ЕУ и НАТО, рече Кирацовски.
Владата најави првично четири амандмани на Уставот, согласно со договорот со Грција – во делот на грижата за дијаспората и зацврстувањето на принципот за неповредливост на границите. Амандмански ќе се интервенира и за додавање на одредницата „Северна“ пред Република Македонија, како и во преамбулата, за што, во крајните фази од постапката, покрај двотретинско, ќе биде потребно и Бадинтерово мнозинство.
Но, покрај овие четири интервенции, предлог-амандмани најавија и опозициските пратеници кои на 19 октомври го поддржаа владиниот предлог за пристапување кон уставни измени. Од друга страна, опозициските Беса (тетовското крило) и Алијансата за Албанците предлагаат уставни корекции надвор од договорот од Преспа, односно во насока на дополнително зајакнување на правата на албанската етничка заедница во земјава. Според информации од владејачкиот табор, амандманите што ги предлага Биљал Касами најверојатно ќе бидат отфрлени. Очекувањата се дека четворицата пратеници на Беса и на Алијансата сепак и во следните фази ќе гласаат за уставните измени што произлегуваат од договорот со Грција. Но и да не се случи тоа, се очекува во наредните фази да се зголемува мнозинството за донесување на уставните измени – со други пратеници од опозицијата. Александра М. Митевска