СЈО на одумирање, ЈО на тест: Ќе ја победи ли криминалот правдата?


Сега кога Врховниот суд пресече дека СЈО не може да отвора истраги и да покренува обвиненија по 30 јуни 2017 година и нема повисока институција што ќе го оспори ова мислење, старо- новиот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски останува замислен непријател на власта. Зад ставот на највисокиот суд застанаа 17 од вкупно 19 судии, но никој од врховните судии, освен судијката Лидија Неделкова која не кажа како гласала, не го крена својот глас против правнота мислење. Сепак Вангеловски останува фигура која се поврзува со минатата власт и која сегашната гарнитура не пропушта да ја дискредира во јавноста, иако сомнежите дека работел во дослух со минатата власт никако да се докажат.

Откако во 2017 година повторно седна на претседателското столче, името на Вангеловски се најде на тапет околу укинувањето на притворот на бизнисменот Сеад Кочан и бегството на поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Судскиот совет уште го нема разгледувано предлогот за разрешување на Вангеловски и уште четворица судии на Кривичниот совет на Врховниот суд за одлуката за Кочан, а Обвинителството речиси две години собира докази дека Врховниот суд местел предмети на СЈО кај подобни врховни судии. Сеад Кочан се врати во Македонија, беше осуден на шест години затвор, но не заврши зад решетки, а неговиот случај најверојатно ќе застари додека пресудата стане правосилна. Во бегството на Грујевски и Бошкоски СЈО утврдило дека им помогнале структури од Министерството за внатрешни работи, но одговорност нема ниту за нивното бегство, ниту за истрагата за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Декларативната заложба на власта дека ниту еден криминал не смее да остане неказнет сега треба да ја докаже редовното Јавно обвинителство и другите правосудни институции. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески порачаа дека ништо не е готово и дека редовното Обвинителство ќе ги преземе сите предмети согласно позитивните законски прописи. Професорката Мирјана Најчевска вели дека сега треба да се утврди дали во овој временски период редовните институции профунционирале, бидејќи Специјалното јавно обвинителство беше замислено како ад хок институција која требаше да направи исчекор во борбата со неказнивоста, а не да ја води до крај. Според неа прислушуваните разговори, односно „бомбите“ воопшто не мора да се искористат како докази во постапките.

„Тие се индикатор на сторени кривични дела и, едноставно, истрагата треба да открие соодветни докази со кои ќе се потврди индицијата. Тоа значи дека Јавното обвинителство на Македонија треба да преземе низа истраги со кои ќе се оформат обвинителни акти за случаите индицирани со овие разговори. Со други зборови, ајде немој веќе да нѐ замајувате. Криминали има, органи на прогон има, можност за истрага има. Сега е време за вистинска, а не за декларативно искажана политичка волја за прогон на високите функционери во власта кои го прекршиле законот“, порачува Најчевска.

Сега на тест е созревањето на институциите, но и политичаката волја да се истражи криминалот на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, сомнежите за функционерите од ДУИ, но и отворените истраги кои се водат во редовното јавно Обвинителство за сомнителните тендери.

Згаснувањето на Специјалното јавно обвинителство го најави самата власт со признанието дека не може да обезбеди двотретинско мнозинство за да го реши неговиот статус и одлуката на Врховниот суд само им го реши проблемот на коалициските партнери. Амнестијата за обвинетите функционери почна со помирувањето што го најави премиерот Зоран Заев од собраниска говорница. Тоа значеше амнестија за половина од обвинетите за упадот во Собранието, а со измените во Кривичниот законик се спасија Кочан и Авировиќ. Одлуката на врховните судии ќе биде само проверка колку се силни институциите.

Фросина Факова – Серафиновиќ