Судот ја победи политиката – засега


Александра М. Митевска

Сведочењето во судот на Александар Василевски-Нинџа, еден од обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок, е шокантно и скандалозно – и под претпоставка да е делумно вистинито, со оглед на демантите за својата улога во крвавиот четврток на некои од оние што тој ги наведе како сценаристи на упадот во парламентот.
Посочените – мошне познати ликови од периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, можеби, ќе имаат шанса пред судот да раскажат поопширно за тоа што сега го демантираат, доколку стигне дотаму некој нов предмет на обвинителството за организаторите на насилствата на 27 април минатата година. Во таков случај, новите евентуално обвинети не би биле опфатени со амнестијата што како идеја се тркала низ парламентот, додека се пребројуваат гласовите за клучниот политички проект – уставните измени.
Последните сведочења во Кривичниот суд, всушност, фрлаат нова светлина и внесуваат друга димензија во однос на клучните политички процеси во земјава. Тоа, пред сè, се однесува на т.н. процес на помирување, преку кој дел од оние што на ваков или онаков начин биле вклучени во настаните на 27 април требаше да бидат прикажани како проевропски и демократски настроени политички фигури што ги поддржуваат интеграциските процеси на земјава, така што се подготвени да го поддржат и договорот со Грција и да придонесат за негово спроведување.
Впрочем, и да е така како што се прикажува, тоа не значи дека треба како со гума да се избрише од колективната меморија придонесот на секој поединец во подгревањето на насилствата таа априлска вечер во парламентот, независно од тоа дали се работи (само) за отворање на собраниските порти или за составување пеколен план за тоа како да се осуети изборот на нов претседател на законодавниот дом, а потоа и на нова влада. Тоа не значи ниту дека оние што беа тепани на 27 април сега треба да ги проголтаат сите уцени од оние на кои им „простуваат“, особено ако тие се во насока на ослободување од притвор на дел од оние што Нинџа ги посочи како организатори на насилствата во парламентот.
Меѓу нив има и такви што во последните неколку седмици најгласно го поддржуваа процесот на помирување и простување, кој, нели, стана неопходен откако тие заминаа во опозиција. А да не заминеа од власт, досието за 27 април, можеби, немаше да стигне ниту до судската архива, туку ќе паднеше во заборав, како и други случаи на политичко насилство што се случуваа претходно – на пример тој од 24 декември 2012 година.
Ако се суди според исказот на Василевски, сценариото за 27 април 2017 година се подготвувало подолго време, а неговиот епилог, кој можеше да биде уште потрагичен, се „пишувал“ во од. И тоа во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ која била претворена во парамилитантен штаб додека политичките тензии што со месеци се потхрануваа пред собраниската зграда, таа критична вечер почнаа да влегуваат и во нејзиниот ентериер.
Не дека сето ова време не се насетуваше дека црното сценарио доаѓа од повисоко, како на пример од осмиот кат во белата палата на партијата која постепено ги испушташе од раце конците на власта. Не дека сето ова време не се знаеше дека упадот во собраниската зграда не е изум на демонстрантите што неколку месеци се собираа пред неа, додека траеше парализата на сите институции во државата.
Сепак, кога тоа ќе го каже еден од клучните обвинети во судскиот процес за 27 април и притоа ќе наброи дузина имиња на поранешни, тогашни, па и сегашни носители на високи функции во законодавната и во извршната власт, се создава ситуација што не смее да ја премолчи и игнорира ниту новото раководство на сега опозициската партија. Особено ако се знаат околностите под кои се случи смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, испровоцирана токму од приведувањата за крвавиот четврток, кон крајот на минатата година. Ако ништо друго, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното ново раководство сега се должни да се вклучат во процесот на помирување, наместо да создаваат лажен впечаток со тоа што ги прогласуваат за џелати жртвите од 27 април.
Тоа не значи дека деликатноста и сензитивноста на политичкиот момент не ја наметнуваат потребата од помирување во насока на остварување на стратешките цели во државата. Но, помирување во која било смисла не може да биде едностран процес. Особено ако се има предвид дека последните сведочења во судот ја разголуваат ширината на заговорот насочен против смената на власта во земјава. Заговор од такви размери не може да се покрие само со едно тело за помирување и со еден закон за амнестија, особено ако тој навлезе во независноста на правосудството и се донесе пред да има судска разврска за 27 април, со што би се уважил и критериумот на ЕУ за окончување на овој случај. Затоа што ако дојде до тоа, политиката ќе се најде на мошне лизгав терен, со оглед на победата што засега ја извојува судот над неа.