Судиите ќе судат постари и позрели


Судиите, наместо на 64 години, да се пензионираат на 67 години и да се зголемат групите на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители. Ова се некои од законските опции што се разгледуваат за да се реши недостигот на судии и обвинители, велат за „Независен“ извори од Министерството за правда.

Измените на Законот за судови и судски совет сè уште се подготвуваат во Министерството за правда и овој пакет измени треба да биде испратен во собраниска процедура до крајот на годинава, односно за околу два месеца.

Сега судиите, освен оние што се избираат во Уставен суд, мора да заминат во пензија на 64 години, за разлика од другите вработени кои, по 64 години, може да изберат да продолжат со работа. Се размислува истото право да го имаат и судиите, односно, ако сакаат, да продолжат да работат до 67 години, за да се намали бројот на судии кои ќе одат во пензија и судовите да не се соочат со недостиг на кадри.

Од друга страна, една од опциите е да се зголемат групите на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, односно Советот на јавни обвинители и Судскиот совет да предложат бројки, во зависност од тоа каква е потребата на судовите и обвинителствата. Сепак, Академијата останува скалило што идните судии ќе мора да го поминат. Иако имаше најави и судските соработници бараа да поминат скратен курс во Академијата, сепак од Министерството за правда се децидни дека за сите ќе важат исти критериуми.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, смета дека треба да им се даде можност на стручните соработници со скратени курсеви во Академијата да станат судии.

„Тие имаат квалитетно положен правосуден испит, имаат стаж, искуство, работат и тие исполнуваат квалитетни норми за да станат судии“, вели Николовска. Сепак, вели дека тоа е нејзино лично мислење бидејќи конечната одлука ќе зависи од политичката елита, предлагачот на законот и волјата на пратениците.

На иста линија е и обвинителката од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

„Вака како што е поставен Законот за академија за судии и јавни обвинители, долго време нема да има доволен број на кандидати кои ќе се пријават да ја завршат, а е услов да бидат избрани за судии и јавни обвинители. Во Хрватска услов да се стане обвинител е завршена академија, но може и долгогодишен стручен соработник со полагање на завршниот испит да конкурира и да стане судија. Тие стручни соработници со години работат под туторство на повеќе обвинители и повеќе знаат и имаат повеќе искуство од оние кои завршиле академија“, изјави Русковска во гостување на емисијата Топ тема.

И покрај јавните повици, оние чија идеја беше формирањето на Академијата не се согласуваат стручните соработници да имаат скратени курсеви. Останува како и досега, сите да ја поминат двегодишната обука, но останува нејасно како ќе се зголемува бројот на слушатели.

Македонската Академија за обука на судии и јавни обвинители е основана во 2006 година, а од јануари 2013 година судиите и јавните обвинители се избираат исклучиво од редовите на нејзините кандидати. Во време кога Европа бара реформирање на судството до јуни 2019 година, Македонија се соочува со недостиг на судии. Сите завршени кандидати од Академијата на судии и јавни обвинители се избрани и нема нови кадри. Следната генерација завршува кон крајот на првата половина од идната година, а голем број стручни судски службеници не можат да бидат избрани за судии бидејќи ја немаат завршено Академијата.

Во овој вакуум-простор од една година судските соработници бараат да бидат избрани за судии, па потоа дополнително да ја завршуваат обуката во Академијата за судии и јавни обвинители, како и да се вметне законска одредба кандидатите во Академијата да се избираат од редот на стручните соработници со стаж од над осум години.

Венециската комисија бара прецизни правила за разрешување

Според мислењето на Венециската комисија, кое е неодамна доставено до Министерството за правда, последните измени и дополнувања на Законот за Судски совет и Законот за судови се оценети позитивно, но се укажува и на потребата од понатамошно подобрување на текстовите на законите.

Во мислењето е наведено дека новите институционални аранжмани и процедурални правила се поедноставени и упростени и ја заштитуваат судската независност, но сепак се препорачува дополнително изменување и дополнување на законите со цел нивно појаснување. Меѓу препораките се:

– Во Законот за Судски совет треба да се наведе кој ја има функцијата на филтрирање во новиот систем за дисциплински постапки.

-Треба да се допрецизира дисциплинската постапка и постапката за одговорност на судиите.

– Да се прецизира разликата направена помеѓу нестручно и несовесно вршење на судиската функција и она што претставува сериозен дисциплински престап. Законот мора да нагласи дека разрешувањето на судија за професионална грешка е можно само ако се исполнат два предуслова: вината на засегнатиот судија (водејќи сметка за намерата на дејствието или очигледноста на небрежноста) и тежината на грешката и нејзините последици.

– Венециската комисија препорача и укинувањето на основот за разрешување на судиите доколку се утврди повреда на Европската конвенција за човековите права.

Конечно нов директор на Академијата

Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ на крајот на октомври донесе одлука со која се определува за вршител на должност директор Вјолца Елмази, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар. Досегашната директорка Анета Арнаудова три години беше на чело на Академијата со истечен мандат.

Управниот одбор на Академијата донесе и одлука за распишување јавен оглас за избор на директор и заменик на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители.

Фросина Факова Серафиновиќ