Странски сили се борат за свој „колач“ од Сирија


Што имаат заедничко фалсификатор од Сирија, ирачко-авганистански милициски борец под иранско раководство и руски козак? Повеќе отколку што мислите. Сите учествуваа во чудната офанзива на околу 300 мажи на 7 февруари – борбена сила што беше бомбардирана од силите на САД при преминувањето мост преку реката Еуфрат, а во обид да освои едно од најголемите полиња со природен гас во источниот дел на Сирија во корист на режимот на Асад. Лоцирано во близина на градот Деир ез Зор, таканареченото поле Коноко беше ослободено од „Исламската држава“ (ИД) минатиот септември од страна на курдските војници со помош на американските специјални сили, кои тогаш беа стационирани во областа.
Ова е збунувачка приказна, но таа многу зборува за сè поголемата интригантна и опасна ситуација во сириската војна. Пробивот на полето Коноко, каде што се смета дека околу 100 од напаѓачите ги загубиле своите животи при американските воздушни напади, е само еден од неколкуте судири помеѓу воените сили во земјата. Всушност, Сирија стана бојно поле за глобални и регионални сили – вклучувајќи ги САД, Русија, Турција, Иран и Израел – кои ја користат земјата како место за остварување на сопствените интереси. Опасноста од ненамерен судир стана голема. И конфликтот стана уште потежок да го разберат луѓето однадвор.

Различните меѓународни сили во оваа војна, речиси истовремено, започнаа големи напади во изминатите неколку седмици. Во последните 28 дена турската армија ја напаѓаше курдската милиција во северниот сириски град Африн. И израелските воздухопловни сили започнаа бран воздушни напади во кои, како што пишуваат, уништија половина од сириските воздухопловни резерви откако еден од нивните воени авиони беше соборен за време на одбраната од ирански напад со беспилотни летала врз израелскиот воздушен простор. Потоа, имаше  мистериозен судир во близина на полето за природен гас, што некои извештаи го прикажаа како најсмртоносна средба меѓу руските и американските трупи од крајот на Студената војна. Руски платеници, наводно, се пронајдени меѓу загинатите, а некои извори тврдат дека речиси 200 Руси ги загубиле своите животи.

Интервенцијата на странските сили во Сирија во никој случај не е нова. Но сегашниот интензитет на војната  е апсурд бидејќи нивниот заеднички непријател го нема. Од есента 2014 година сите сили можеа да се согласат дека „Исламската држава“ е примарна цел. И дури ако имаше простор за сомневање во врска со искреноста на Русија и Турција, борбата против ИД служеше за обединување на сите вклучени.
Сега, сепак, ИД е поразена и нејзиниот „калифат“ е сведен на неколку ситни точки и на некоја територија во пустината. Но, мирот не дојде. Во ретроспектива, ИД не беше само монструозност, туку и изговор. Борбата против исламистичките екстремисти  беше постојано поттикнувана од намерата ослободената територија да  стане дел од сопствената сфера на влијание. Тоа им овозможи на сите да обезбедат парче од Сирија.
Така, коалицијата против ИД ги донесе американските војници во земјата и ги направи моќни Курдите во северна Сирија. Тие сега контролираат една четвртина од земјата и би сакале да остане така. Сепак, Турција сака да ги спречи Курдите да ја задржат таа територија. Кога војниците, главно Курди, минатиот септември напредуваа кон југ, војската на САД ги однесе со хеликоптери во областа околу Деир ез Зор, за да спречи некој друг да ги окупира нафтените и гасните полиња. Сега, САД сакаат да ги користат истите курдски војници што ги опремија за борбата против ИД да го блокираат иранскиот напредок во Сирија. И, се разбира, секоја странска сила е заинтересирана да ги држи своите загуби колку што е можно поминимални – поради што се регрутирани многубројни воени платеници и милиции за да се грижат за валканата борба на теренот.

Американците ги користат Курдите за да ги промовираат сопствените интереси, а Турците, покрај своите војници, ги користат анти-Асад бунтовници за да се борат во нивно име. Иран, пак, има разновидна мешавина од ирачки, авганистански и пакистански регрути под своја команда, покрај сопствениот народ. Од 2013 година десетици илјади војници под иранска контрола го поддржуваат режимот на Башар Ел Асад. Тие се командувани, обучени и финансирани од Иранската револуционерна гарда, која сака да го задржи сирискиот сојузник на власт по секоја цена. Една од овие мултинационални шиитски милиции, исто така, беше вклучена во нападот на гасоводот Коноко – збир на борци како од филм на дистописка катастрофа.

Две локални племенски милиции, исто така, учествуваа во нападот, вклучувајќи и еден контролиран од фалсификаторот Торки Албо Хамад. Некогаш баран во Катар за убиство и фалсификување документи во Саудиска Арабија, тој беше познат во Сирија како лидер на банда разбојници по автопати. Во 2013 година Дамаск му понуди пари и ослободување од казна ако тој и неговите луѓе се стават во служба на режимот.Покрај сите нив, на терен се и руските платеници, меѓу кои и 51-годишен козак, кој позирал со медал и крената сабја на фотографија пред борбата. Единицата, позната како „Група Вагнер“, очигледно била ангажирана од група сириски бизнисмени.