Техеран подготви одговор на американската блокада: „Ќе ги затвориме Црвеното Море и Персискиот Залив за трговија“


Иранската војска издаде предупредување дека би можела целосно да го блокира поморскиот сообраќај во Персискиот Залив, Оманското Море и Црвеното Море ако САД продолжат да ги блокираат иранските пристаништа.

Според полуофицијалната иранска новинска агенција Мехр, генерал-мајор Али Абдолахи, висок командант во Централниот штаб на Иран, Хатам ал-Анбија, изјави дека Техеран би можел да ги затвори сите трговски патишта во клучните поморски коридори ако американската поморска блокада остане на сила.

Абдолахи го критикуваше Вашингтон, нарекувајќи ги американските акции „нелегални“.

„Доколку агресивната и терористичка Америка продолжи со своите нелегални акции за поморска блокада во регионот и продолжи да создава несигурност за иранските трговски бродови и танкери за нафта, оваа акција ќе се смета за прелудиум за кршење на прекинот на огнот“, нагласи иранскиот командант.

Тој додаде дека во тој случај, моќните вооружени сили на Иран „нема да дозволат никаков извоз и увоз да продолжи во Персискиот Залив, Оманското Море и Црвеното Море“.

Сумирајќи ги клучните пораки на вооружените сили, од Техеран беше јасно објавено дека Иран нема да дозволи никакви увозни или извозни активности во Заливот и Оманското Море доколку продолжи блокадата на САД.

Иранската армија нагласи дека под сегашните услови нема ниту да дозволи проток на трговија преку Црвеното Море, а со остри предупредувања беше заклучено дека Иран ќе дејствува „со полна сила“ со цел бескомпромисно да ја брани својата територија, национален суверенитет и интереси.

Оваа закана доаѓа во време на исклучително високи тензии во регионот, а евентуалното остварување на овие најави би можело да предизвика катастрофални последици за глобалната трговија и транспортот на енергетски производи што секојдневно минуваат низ овие витални морски патишта.