Стивен Фрај боледува од рак на простата


Познатиот британски актер Стивен Фрај објави дека боледува од рак на простата, но и дека води жестока борба со болеста.

Фрај наведува дека болеста му била дијагностицирана на крајот на минатата година, а дека неодамна со операција му била отстранета простатата.

Тој истакна дека сега ги чека резултатите и се надева дека се ќе помине во најдобар ред.

– Се надевам дека ќе добијам уште неколку години на оваа планета, бидејќи во моментов уживам во животот, што е само по себе прекрасна работа. Навистина не би сакал да си одам од овде, потенцира шеесетгодишниот актер, кој со години се справуваше со депресијата.

Фрај има играно во многу серии и филмови, во голем дел од нив заедно со неговиот пријател Хју Лори. Меѓу попопуларните серии во кои се појавува е „Црна змија“. Тој беше ангажиран и како телевизиски водител, сценарист и режисер. Автор е и на неколку книги