Стартап-компаниите имаат огромен потенцијал


Марија Габриел

Во ноември го имав задоволството да учествувам во Стартап-самитот во Софија и да споделам дел од приказните на иновативни и успешни стартап-компании од централна и источна Европа и од Западен Балкан. Тоа беше навистина инспиративен настан, можност да се фрли поглед на брзорастечкиот свет на дигитални и останати стартап-компании во овој дел од Европа, каде со задоволство се уверив дека иновациите и претприемништвото не недостигаат.

На самитот во Софија се потпиша заедничка декларација за создавање две нови мрежи, чија цел е да им помогнат на стартап-компаниите од овој регион да се развиваат поефикасно. Тоа се мрежата Стартап Европа за Западен Балкан и мрежата Стартап Европа за Централна и Источна Европа. Декларацијата ја потпишаа осум земји од централна и источна Европа (Бугарија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска и Чешка) и шест држави од Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора), кои се согласија да ја официјализираат и прошират постојната соработка со цел да им обезбедат на стартап-компаниите во регионот подобар пристап до стручно знаење и можности за раст.

Сега, само пет месеци подоцна, мрежите само што не почнале да работат. Генералното собрание на мрежите ќе се одржи на 21 март во Клуж-Напока, Романија, во рамките на самитот Стартап Европа 2019. Членките на секоја мрежа – национални организации кои работат на негување и поддршка на растот на стартап-компаниите – во моментов работат на постигнување спогодба околу рамката за работењето на мрежите, која ќе ги покрива прашањата на соработка и управување. Наскоро ќе почнеме да ги прошируваме мрежите упатувајќи покани за учество до повеќе организации од различни национални стартап-екосистеми, со цел да ги направиме овие мрежи што е можно посеопфатни и поефикасни.

На самитот Стартап Европа во Клуж-Напока ќе биде објавено т.н. Екосистем портфолио на новите мрежи. Портфолиото претставува сеопфатен попис на секторите и индустриите кои ги покрива. Содржи информации за иновациски и технолошки центри во секоја од земјите со линкови до стартап-компании. Содржи преглед на клучните чинители во секоја држава, како и преглед на релевантните програми и политики во секоја од земјите кои имаат цел да го поттикнат развојот на стартап-компаниите. Портфолиото ќе претставува богат извор на корисни информации за стартап-компаниите кои сакаат да работат во која било од земјите членки на мрежите, без оглед дали веќе имаат бизнис активности во нив или не.

Основачките членки на овие мрежи не губеа време и се оддадоа на работа; тие веќе почнаа да подготвуваат препораки за подобрување на локалните политики со цел да се поттикне растот на стартап-компаниите.

Но зошто е сето ова толку важно? Претприемачите во областа на технологијата го променија начинот на кој комуницираме сите ние – меѓусебно, но и со светот воопшто. Европските компании како „Спотифај“, „Саундклауд“ или „Дизер“ направија револуција во музичката индустрија; „Бла бла кар“ во Франција или „Кабифај“ во Шпанија го демократизираа превозот; „Деливеру“, „Фрешхом“ или „Тејкавеј“ го променија секторот за достава; „Кларна“ од Шведска или германските Н26 и „Кредитек“ ги прават финансиските услуги подостапни за луѓето. Од централна и источна Европа имаме компании како „УИ пат“ во Романија, која станува светски лидер во роботичкото автоматизирање на постапките, или „Таксифај“ од Естонија, која својата такси дејност ја прошири со електрични скутери во многу градови ширум Европа.

Сите овие примери покажуваат дека не само што постои огромен потенцијал за развој на стартап-компании во дигиталниот сектор низ цела Европа, туку и дека тој потенцијал се остварува. Сепак јасно е дека може уште повеќе да им помогнеме на компаниите да ги претворат одличните идеи во одржливи бизнис понуди. Ова значи повеќе заедничко размислување за правилата и регулативите – овде мислам на проблемите со кои, на пример, се соочуваат компаниите за достава или транспорт поради различните национални правила – и воспоставување вистинска инфраструктура и рамка кои, пред сè, би поттикнале нови идеи.

На пример, мрежата на дигитални иновациски центри која ја развиваме ширум ЕУ со цел да ги поврземе истражувачите со бизнисот веќе привлекува дигитални стартап-компании со иновативни идеи. Дигиталниот иновациски центар е место каде компаниите, особено малите и средни претпријатија, стартап-компании и т.н. мид-кап фирми (компании со средна пазарна капитализација), може да добијат помош за да ги подобрат своето стопанисување, производствен процес, производи и услуги и да го приспособат сопствениот бизнис-модел на дигиталното доба.

Досега над 500 стартап-фирми, мали и средни претпријатија и мид-кап компании учествувале во истражувачки проекти финансирани од ЕУ за поддршка на центрите, вклучително и во централниот и источниот дел на ЕУ. На пример, бугарската компанија „Динабак“ работи со еден дигитален иновациски центар на натамошно развивање на „паметна маичка“, која со помош на низа сензори ги регистрира искривувањата во ’рбетниот столб. Но ни требаат повеќе такви центри за поддршка на стартап-културата во овој дел на светот. Ние им обезбедуваме препораки и тренинзи на повеќе од 30 потенцијални дигитални иновациски центри во земјите од централниот и источниот дел на ЕУ, а кон крајот на 2018 година објавивме повик вреден осум милиони евра за предлози за поддршка на развојот на дигитални иновациски центри во регионите каде тие не се доволно застапени.

Воспоставувањето ваква рамка е од витално значење за развојот на динамична стартап-култура во централниот и источниот дел на ЕУ и во земјите од Западен Балкан. Ни требаат повеќе програми и иницијативи кои поддржуваат развој на стартап-екосистеми, ни треба поголемо разбирање за потребата од поедноставени административни процедури за стартап-фирмите и, се разбира, ни треба подобар пристап до можности за висококвалитетно финансирање.

Во изминатите три години, работата на Стартап Европа им помогна на над 700 стартап-компании да добијат директен пристап до пазарот и поддршка во развојот, што привлече приватни инвестиции од над 160 милиони евра. Благодарение на иницијативата на Европската комисија, врските меѓу европските стартап-центри во различни држави значително зајакнаа и овие две нови мрежи несомнено ќе имаат корист од темелите кои се веќе поставени во други делови на Европа. Иницијативата ќе продолжи да ги поддржува не само стартап-фирмите ширум европскиот континент, туку и етаблираните компании кои сакаат да си го надградат работењето преку, на пример, обезбедување нови пазарни можности надвор од Европа.

Европа има истражувачки капацитети, финансиски средства, претприемнички дух и пазарни можности да поддржи динамична и успешна стартап-култура во сферата на дигиталната технологија и пошироко. Она што е клучно е дека има и политичка и стратегиска поддршка. Развивањето сеопфатни и ефикасни мрежи за поддршка на стартап-компаниите во централниот и источниот дел на ЕУ и во Западен Балкан сигурно ќе претставува силен поттик за претприемачите од овие региони. Уверена сум дека следните неколку години ќе бидеме сведоци на подем на дигиталните стартап-компании.

(Авторката е комесар на ЕУ за дигитална економија и општество)