Со криминалот не смее да се кокетира


Звонко Давидовиќ

Градоначалник фатен на граничен премин како шверцува цигари. Друг градоначалник фатен на слика како пие залегнат во кафеана, а полуголи танчарки играат. Противпожарни возила во просек стари 27 години (вкупно 220 во целата држава), одвај се придвижуваат и тргнуваат кога некаде гори нечиј дом. Струга нема хидранти, а противпожарните возила единствено нив можат да ги користат за гаснење пожар. Автобуски превозник сам си правел технички прегледи на своите автобуси. Вакцини со невистинити декларации за рокот на траење. Украдени пари од 12.000 осигуреници на кои не им се уплаќани придонесите во вториот пензиски фонд. Амнестирани пратеници за крвавиот четврток за политички потреби и цели. Груевски избегал во Унгарија, Бошковски и Грујовски во Грција, а Војминовски во непознат правец. Судскиот совет во ист состав зголемува плати на судии, Врховниот суд во ист состав од времето на Груевски, на чело со истиот претседател, го нокаутира СЈО. СЈО од респектабилен орган и надеж на нацијата за справување со корупцијата и злоупотребите на највисоко ниво, станува приказна изгубена во судските лавиринти и разочарувачки селфи-реклами на некои обвинителки. Од случајот со Акмисот нема абер од обвинителството, кое сè уште е изгубено во чуените гласови и своето непостапување. Прислушуван судот и обвинителството, но резултат од истрагата и одговорност за сторителите нема. Партиските вработувања продолжуваат, како и пред оваа влада, како и со секоја влада. Говор на омраза на секој чекор, дури и човечки животи кога се во прашање.
Ова е само бледа слика на она што се случува во нашата земја и што секојдневно ги полни весниците, порталите и дневниците во ударните термини на телевизиите. Слушавме „бомби“, ги слушавме прес-конференциите на СЈО, гостувањата и изјавите на првиот човек на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Го читавме извештајот на Прибе, опомените на Бејли и критиките на Фуере. Се изнаслушавме сè и сешто, ама никако да слушнеме дека за сите овие злоупотреби, пропусти и малверзации некој е правосилно осуден и пратен на издржување казна. Наместо тоа, слушаме за измени на Кривичниот законик и намалување на казните токму за овој вид кривични дела. Слушавме за помирување кое заврши со амнестија по политичка потреба, слушавме за инклузивност која заврши со неказнивост и простување на многу сомнителни ликови и зделки.
Слушавме за подобар живот и економска стабилност, а цените и даноците секојдневно растат, воздухот е сè позагаден. Слушавме за транспарентност која се состои во негирање на секојдневните пропусти и сомнителни постапки на некои функционери кои се откриени благодарејќи на новинарите. Се промовираше одговорност, особено на функционери, но не слушнавме некој функционер да ја понесе одговорноста за своите постапки.
Нашите функционери направија сè да станеме членка на НАТО, прогледаа низ прсти на многу луѓе, замижаа за многу сомнителни постапки, заборавија и на правдата и на правичноста. Влеговме во НАТО исти онакви какви што сме изминативе две децении, со истото бреме, истиот криминал, истиот ум и квазивредности. Со политички акробации и правна лакрдија стигнавме до посакуваното членство на кое секогаш гледавме со голема желба и едното око, а другото вперено кон вториот сојуз – Европската Унија.
Но колку повеќе се приближувавме и чекоревме кон воено моќниот НАТО сојуз толку повеќе се оддалечувавме од ЕУ газејќи ги принципите и неисполнувајќи ги поставените задачи и услови за членство во овој финансиски моќен сојуз. Членството во НАТО бара вложување на финансиски средства, а членството во ЕУ овозможува користење на финансиски средства за развој на државата по релативно прифатливи услови. Доказ за тоа се Бугарија, Романија и многу други земји, кои со членството во ЕУ ја постигнаа финансиската стабилност и просперитет.
Загрижува фактот што условите кои треба да ги исполниме за влез и прием во Европската Унија се дијаметрално спротивни на сите оние постапки и одлуки кои ги донесовме и спроведовме за членство во НАТО.
За влез во ЕУ не се доволни зборови и тапкање по рамо, удирање по гради и самозадоволство и самофалење, туку се бараат конкретни видливи резултати. Владеење на правото е еден од основните принципи кој мора вистински, сериозно и во целост да се исполни со конкретни дејствија и одлуки спроведени во пракса. Во преговорите со ЕУ не помага ситна селска итроштина, ниту шминкање на реалноста, таму зборовите мора да се преточени во дела. За ЕУ-боновите за такси за пијаниците не помагаат ниту амнестијата на пратениците кои ги отворија вратите на Собранието, а заради политичко пазарење. Селективната правда амнестија за едни, затвор само за некои – едноставно не поминува. Не поминува ни неказнивоста на функционерите и лидерите на политичките партии ниту затворањето на очите пред крупниот криминал на бизнис-елитата и нивната недопирливост поради политичката блискост и поврзаност со некоја партија.

Не дека во ЕУ е сè розово и нема криминал, но таму е неказнив и недопирлив само тој кој не го откриле. Таму функцијата, финансиската моќ и политичката поврзаност не се услов и гаранција за недопирливост, неказнивост и неодговорност како кај нас. Криминалот е криминал и еднаш откриен и обелоденет не може и не се заташкува, амнестира ниту со него политички се кокетира.
Само уште во неколку земји овде на Балканот се затвораат очи пред криминалот, се изведуваат политички акробации зачинети со правни лакрдии за да се оправда и да се затскрие поради политички или финансиски придобивки на неколкумина. Дури и кога ќе се открие криминал кој задира во високите политички или бизнис-кругови се измислуваат приказни или се спинува само тој да се затскрие и прикаже како нешто нормално и легално. Со еден збор, криминалот и не е криминал ако е политички функционер во прашање или бизнис-тајкун. Сево ова ме потсетува на оној виц кој пред години се раскажуваше во Бугарија – тази дупка не е дупка.