Солидарноста погласна од омразата


Александра М. Митевска

Трагедијата со која се соочи оваа седмица Македонија, покрај сите тажни и потресни вести и слики за 14 прерано згаснати животи, за патници кои се борат за живот, за родители кои си ги бараат деца, за растурени семејства, за многу неостварените желби и амбиции и штотуку почнати кариери… покажа и дека има сè уште надеж за македонската општествена свест. Дека сè уште постојат светли точки што поттикнуваат солидарност, совесност, сочувство и обединување во разликите…

Само жално е што таа светлина најмногу доаѓа до израз кога е најтемно. И, најпоразително е што тука не станува збор за закономерности на физиката, тука за погрешни  општествени норми, главно диктирани од политиката. Голем дел од нејзините носители, со цел  да се одржат на власт или да ги засилат своите позиции, освен што неретко си поигруваат со национализам, главно се стремат кон омеѓување на наводните разлики, преку разни правила – за употреба на јазиците на заедниците, за правична застапеност во администрацијата, за користење на симболите…

Педесетината патници кои во средата попладне – на 13 февруари се најдоа во автобусот на смртта, најверојатно, мошне добро се разбирале или ќе се разбереле ако имало потреба. Секако, има повеќе сличности отколку разлики меѓу Валдете, Јовица, Онур или Бобан… Живеле во ист град или во негова близина, растеле во слична околина, некои од нив можеби живееле во иста зграда или населба, имале заеднички пријатели или познајници,  учеле во исто училиште и имале исти наставници… Веројатно имале различни интереси, стремежи, сфаќања, приоритети… Дома можеби зборувале на различни јазици, ама можеле да се разберат ако се сретнат на улица… На крајот, сите се најдоа во истиот кобен час на иста кобна рута на патот од Скопје кон Гостивар, повеќето од нив враќајќи се дома од работа или од факултет… Но, не се вратија…

Веста за стравотната сообраќајна несреќа кај Ласкарци  ја шокираше јавноста. За шокот да биде поголем се погрижија поединци кои, додека сè уште се пребројуваа жртвите и повредените, побрзаа да стават сол на раните, обидувајќи се да ја анализираат трагедијата  врз основа на демографската слика на регионот во кој се случи несреќата. И, повлекувајќи географски паралели со настани од пред 18 години, кога во Македонија имаше воено-политички конфликт врз етничка основа од кој земјата сепак излезе со  поставени темели за соживот, градење доверба и негување на мултиетничкиот карактер на општеството.

Добро е што надлежните институции сега ќе се занимаваат со случаите на говор на омраза кои дополнително придонесоа за трагичноста на првите вести за несреќата кај Ласкарци. А имаше повеќе такви случаи – не само тој на професорката од Институтот за одбрана, во чија биографија сега веќе „иронично“ е забележано дека е раководителка на постдипломските студии по мир и развој, па и дека е предавач на Европскиот мировен универзитет во Австрија.

Всушност, никој не ги спори стручноста и квалификациите на Билјана Ванковска. Само звучи иронично кога терминот „мир“ ќе се поврзе со некој што врз основа на една голема човечка трагедија прави алузии на милитаристичка основа, навлекувајќи врз себе сомневања дека го прекршува Кривичниот законик, ширејќи говор на омраза. Уште поспорно е кога такви ставови ќе дојдат од личност од универзитетската фела, по што и може да се очекува дека ќе се рашират низ етерот и низ социјалните мрежи со молскавична брзина, предизвикувајќи лавина реакции, но и поттикнувајќи нови случаи на говор на омраза. Ваквите несреќни примери, всушност, покажаа дека нечувствителноста и омразата може да родат само нечувствителност и омраза. Добрите дела, пак, инспирираат. Затоа е добро што со непримерната и потпалувачка реторика поврзана со трагедијата на патот Скопје-Тетово сега ќе се занимаваат МВР и Обвинителството, а потоа можеби и судот.

Во целата несреќа, уште подобро е што се покажа дека примерите на човечка солидарност во земјава се многу побројни од примерите на ширење омраза.

Луѓето што ги понудија своите домови за сместување на роднините на настраданите, оние што побрзаа да даруваат крв за повредените, фирмите што најавија помош за семејствата, лекарите и другиот персонал во болниците каде што се згрижуваа патниците од автобусот на смртта… Сите оние што се понудија да помогнат  – не прашувајќи „за вера и нација“ покажаа дека не е сè толку црно во македонската општествена свест.

Само што сега одново се наметнува тешката дилема: мораше ли да се случи кобната сообраќајна несреќа кај Ласкарци за дури тогаш да се види повторно дека граѓаните на оваа држава, независно на кои етнички, социјални или географски „касти“ им припаѓаат, имаат капацитет за солидарност и толеранција. И за надраснување на предрасудите – кои од зачетоците на државноста го трујат соживотот на национално ниво и влијаат врз политичките процеси, независно од индивидуалните животни приказни во средини каква што е сега во тага и болка окованиот Гостивар.