Собраниското тело за помирување – лага или вистина


Политичките случувања викендов имаа силен интензитет. Бурата, очигледно, нема да запре така лесно. Најавите од владејачката гарнитура дека процесот на помирување ќе започне во Собранието, а потоа таа позитивна енергија ќе придонесе за релаксација на општествените односи, не наидуваат на позитивна реакција кај најголемата опозициска партија. Формирањето собраниско тело за помирување кое, практично, произлегува од едно од четирите барања што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставни измени го доставија до парламентот, за опозицијата е уште една лага на власта.

„Таа ги погази сите демократски процедури што постојат, погази и Деловник, и Устав, и законик, и референдум, и волја, и сите можни демократски средства и продолжува со лажење, како што е лагата дека сака нешто да формира или да креира демократско во овој систем. Нема никаква покана, никакво известување, ништо нема и сè е тоа една голема шпекулација и нова лага на власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеници од владејачкото мнозинство, пак, велат дека за очекување е неделава да почне постапката за формирање на телото за помирување кое, според нив, ќе води до помирување меѓу пратениците во однос на она што се случи на 27 април. Никој засега не открива детали за процесот. Нејасно е кој сè ќе партиципира во телото, со оглед на негативниот став на ВМРО-ДПМНЕ, што ќе биде конкретната задача и какви заклучоци, одлуки или предлози може да произлезат од неговата работа.

Разговорите меѓу пратеничките групи од процесот „Жан Моне“, иницирани од тројцата европратеници Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан, беа своевиден обид во насока во насока на помирување – но тие не дадоа резултат.

„Сега се надеваме на позитивен ефект – процесот на помирување да почне од Собранието и потоа да се трансферира во сите општествени сфери“, рече вчера на прес-конференција вицепремиерката Радмила Шекеринска.

Тројцата обвинети пратеници за настаните на 27 април, Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, дадоа поддршка за пристапување кон уставните измени, кои произлегуваат од договорот со Грција. Но во замена за својот глас испорачаа неколку услови меѓу кои и прифаќање на иницијативата на премиерот Зоран Заев искажана на седница на Собранието за простување во врска со настаните на 27 април и сеопфатно национално помирување. За Шекеринска позитивно е што повикот на премиерот бил сфатен како добронамерен политички гест.

„Драго ни е што пратениците се повикуваат на таа изјава на премиерот и што се подготвени во Собранието да ги почнеме разговорите за кавгите да бидат дел од нашето минато, а не да ја диктираат иднината. Политиката за обединување и помирување е практично политика за целите што сите сме ги поставиле. Сум била сведок и жртва на тоа како политичка квага се претвора во жесток конфликт со несогледливи последици. Не сакам никогаш да се случи тоа повторно“, рече Шекеринска.

На новинарско прашање дали помирувањето и простувањето значи амнестија, Шекеринска одговори дека некои работи не треба да се поистоветуваат.

„Би ве замолила и сега да не бараме политичка порака во тоа. Некои пратеници излегоа порано од притвор некои подоцна. Процесот на замена на притворите и куќните притвори траеше подолго време. Вие бевте свесни за тоа како новинари и ние како граѓани. Едното со другото не беше поврзано. Судиите и обвинителствата се вистинската адреса да се поставуваат прашања и да се добијат конкретни одговори. Во ниту еден момент за ниту една политичка причина ние не сакавме да користиме инструменти на притисок ниту во обвинителството ниту во судството“, рече Шекеринска. (Н.К.)