Собранието ќе му „суди“ на Врховниот суд


Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ќе поднесе барање до Собранието за автентично толкување на спорниот член 22 од законот за СЈО кое, ако се проследи, може да биде донесено со обично мнозинство. Според обвинителот, Врховниот суд со ставот дека секоја истрага и обвинение покренати од СЈО по 30 јуни 2017 година се неважечки излегол надвор од законските надлежности и создал правна несигурност. Вангеловски, имено, порача дека Врховниот суд ќе ја укине пресудата ако добие жалба од некоја странка осудена во постапка отворена по истекувањето на овој рок за СЈО.

„Ни се нарушува принципот на легалитет на кривичното гонење. Ние имаме законска обврска да ги гониме сторителите на кривични дела, а се доведуваме во ситуација да се водат постапки кои на крајот ќе пропаднат“, ја објасни вчера одлуката за барање автентично толкување обвинителот Јовески.

„Начелното правно мислење на Врховниот суд е донесено без да постои различна примена на законите од пониските судови и не се заснова на одредбите и смислата на законот за СЈО, така што е противречно самото на себе. Наспроти одредбата од член 22 од законот дека ова обвинителство во рок од 18 месеци од примањето на материјалите и преземањето на предметите може да покрене обвинение и да донесе наредба за запирање на истражната постапка, во начелното мислење, и покрај тоа што тие се наведуваат како кумулативен услов, овој рок се смета само од времето на приемот на материјалите занемарувајќи го денот на преземањето на предметите“, објасни Јовески.

 

Со обично мнозинство се одредува судбината на СЈО

Со поднесувањето на барањето за автентично толкување, одлуката за мандатот на СЈО да покренува обвиненија, практично, се враќа во парламентот. Но, наместо двотретинско мнозинство што беше потребно за донесување на законот за СЈО, за автентично толкување ќе треба да се обезбеди само обично мнозинство, односно најмалку 31 глас, за да се овозможи СЈО да може да продолжи да покренува обвиненија. Процедурата за автентично толкување оди преку Законодавно-правната комисија, а конечната одлука ја носи собранискиот пленум. Автентичното толкување има ретроактивно дејство, што значи дека би важело и за истрагите и за обвиненијата што СЈО ги отвори и покрена по истекот на законски предвидениот рок што сега го оспорува Врховниот суд.

Јовески вчера рече исто така дека предметите по кои работи СЈО, а за кои ќе се огласи за ненадлежно, ќе бидат преземени од Основното јавно обвинителство. ОЈО, исто така, ќе ги користи „бомбите“ како докази прибавени на легален начин. Тој призна дека за разлика од СЈО капацитетите на ОЈО се ограничени но, сепак, има можност, сила и волја тие предмети да ги преземе и да ги одработи професионално.

 

Мислењето на Врховниот суд не го спаси Мијалков

 

Начелното мислење на Врховниот суд не го спаси ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, од продолжување на судењето за „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошковски. Тој се повика на него преку адвокатите барајќи да биде ослободен од гонење, со образложение дека рокот за подигнување на ова обвинение бил надминат за 20 дена. Обвинителот Љубомир Лапе му порача дека обвинението е поднесено во рокот, дека е правосилно и дека СЈО е овластен тужител. Судијката Александра Ристевска, исто така, го одби барањето на Мијалков да донесе одбивателна пресуда за случајот „Тортура“.

„Мислењето на Врховниот суд уште не е обврзувачко за Основниот суд Скопје 1. Приговорот и вашите аргументи со кои денеска ја оспоривте надлежноста на СЈО сте требале да ги истакнете за време на оценката на обвинителниот акт. Сега сме во доказна постапка, судењето продолжува со сослушување на сведоци“, рече Ристевска. На тоа адвокатот Љупчо Шврговски потсети дека кога бил поднесен овој обвинителен акт Врховниот суд немал донесено начелно правно мислење за тоа до кога трае рокот за покренување истраги и обвиненија од страна на СЈО.

Обвинителот Лапе одговори дека во законот за СЈО, членот 22 наведува дека рокот почнува да тече од приемот на предметите и материјалите, а не само ако е исполнет едниот од овие два услова. Тој рече дека треба двата услова да се исполнат за да почне да тече рокот од 18 месеци.

Ова е прва одлука на Кривичниот во врска со мислењето на Врховниот суд околу мандатот на СЈО, со кое под знак прашалник се доведоа десетици истраги против голем број функционери од поранешната власт, но и за претставници од ДУИ. Меѓу нив е и „Талир“, капиталниот предмет за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за незаконска изградба на партиското седиште.

 

 

Орце Камчев останува во куќен притвор

 

Бизнисменот Орце Камчев останува во куќен притвор, откако Апелацискиот суд вчера му ја одби жалбата на мерката на претпазливост што му е одредена како осомничен во случајот на СЈО, „Империја“. Сега Камчев има право да поднесе жалба до Врховниот суд кој, ако се води по своето начелно правно мислење за истрагите на СЈО, ќе го ослободи него и сите други притворени во случајот „Империја“.

Орце Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска-Камчева, Христина Камчева-Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Во предистражната постапка, СЈО тврди дека обезбедило доволно докази од кои произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.

 

Наум Котевски