Собранието во заложништво: Талат го враќа ударот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе настрада СДСМ


Нема избор на нов состав на Државната изборна комисија во догледно време ниту на нови потпретседатели на парламентот, а на чекање ќе бидат ставени и дел од реформските закони, како и други регулативи предложени од Владата…
Ова е очекуваниот исход откако претседателот на парламентот, Талат Џафери, реши да го возврати ударот, така што на вчерашната редовна координација ги известил шефовите на пратеничките групи дека не планира да закаже нова собраниска седница додека не се реши ситуацијата со 35-те илјади амандмани што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ на законот за употреба на јазиците.

Минатата седмица во парламентот се правеа проценки според кои за завршување на амандманската расправа за законот за јазици треба да поминат од три до шест месеци, освен ако прашањето не се реши политички. За таа цел од СДСМ најавија за синоќа координација меѓу партиското раководство и пратениците околу можностите за надминување на состојбите во парламентот.
Во собраниската агенда за оваа недела, како и за цел февруари, засега нема најава за одржување пленарна седница. Официјалното објаснување од законодавниот дом е дека во наредниот период, од објективни причини, е невозможно да почне нова седница бидејќи многу пратеници ќе бидат на службен пат.

Од СДСМ потврдуваат дека спикерот им соопштил оти нема да закажува во наредниот период нови седници. Џафери единствено планира да свика продолжение на 32. седницата на чиј дневен ред останаа законот за јазиците и уште неколку други закони, меѓу кои се и предлозите на СДСМ за законски измени во насока на намалување на патните трошоци за пратениците.
„Џафери нѐ информира дека планира наредната седница што ќе ја закаже да биде продолжение на прекинатата 32. седница, на која, меѓу другите точки, е и третото читање на законот за употреба на јазиците. Исто така, бевме информирани дека, поради интензивна меѓународна активност на пратениците и во услови на отсуство на опозицијата, не е можно да биде закажана нова седница“, информира Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Според тоа, „замрзнат“ засега останува и предлогот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, за распишување оглас за избор на нови членови на ДИК. Тоа барање ќе мора да почека додека не биде закажано ново заседание, иако и од СДСМ првично искажаа согласност за пополнување на празните места во Комисијата. Со оглед на драстичното пробивање на роковите за комплетирање на ДИК, за што, пак, е потребно двотретинско мнозинство, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека, и покрај бојкотот, се подготвени да дојдат во парламентот кога ќе се отвори расправа и за оваа точка, како што ќе го направат тоа и за законот за јазиците. Исто така, парламентот, иако поминаа дури 14 месеци од неговото конституирање, и натаму ќе биде без потпретседатели кои би можеле да го заменат Џафери при водење на седниците, затоа што оваа точка во последен момент „испадна“ од дневниот ред на тековната седница. Џафери најави дека ќе ги стави на дневен ред предлозите за потпретседатели на нова седница, кога ќе му бидат доставени, а за оваа функција веќе се подготвени три кандидатури поддржани со по дваесет потписи од пратеници. Како што објавивме, за потпретседатели на Џафери се предложени пратениците Фросина Ременски од СДСМ, Горан Мисовски од НСДП и Весел Мемеди од НДП, а останува отворена можноста за уште два предлога – од ВМРО-ДПМНЕ и од Беса, како опозициски партии. Но, блокадата на изборот на потпретседатели не е единствена главоболка за СДСМ, како водечка владејачка партија. Со оглед на моменталната ситуација во Собранието, се очекува да останат да висат и законите што Владата би ги усвоила на наредната седница, пред да ги испрати во парламентот.

Инаку, ставот на СДСМ во однос на амандманската блокада на Законот за јазиците, кој, пак, е една од основните точки од преткоалицискиот договор со ДУИ, е дека треба да се испочитуваат сите деловнички правила во однос на повторената постапка по ветото на Иванов. Наспроти тоа, спикерот Џафери на минатонеделниот брифинг со новинарите оцени дека потегот на ВМРО-ДПМНЕ е политички и дека треба да се решава на тој начин. Тој дури и не исклучи можност да се прескокне расправата за амандманите што се однесуваат на забелешките што шефот на државата ги стави на 19 члена од законот. Според Џафери, во сите амандмани имало забелешка дека законските одредби се неуставни, а Собранието не е надлежно да толкува уставноста на закон. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека на таков начин Џафери практично би го укинал парламентот.
Александра М. Митевска