Службите ќе се одвојуваат од криминалот и политиката


По завршувањето на реформата на системот на следењето на комуникациите, преку формирањето на Оперативно-техничката агенција, која од 1 ноември е ефективна, три модели за реформирање на безбедносно-разузнавачкиот систем, согласно препораките на Рајнхард Прибе, во моментов се дел од поширока експертска дебата.

Првиот модел е Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање да функционираат како и досега – првата во рамки на МВР, а втората како посебен орган. Вториот модел е УБК да биде надвор од МВР, а третиот е формирање нова агенција која би ги инкорпорирала УБК и Агенцијата за разузнавање и би делувала надвор од МВР.

Согласно акцискиот план, како што соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, МВР до 15 ноември треба да ѝ предложи на Владата еден од трите модели, кој дополнително ќе биде анализиран преку акциски план на легислативата и сите подзаконски акти.

Првите луѓе на институциите од безбедносно разузнавачкиот сектор засега се резервирани околу тоа кој модел во моментов е најприфатлив и сакаат најнапред да го слушнат мислењето на експертската јавност.

Професорот Томе Батковски вчера излезе со конкретен предлог модел кој вклучува ново име и нов закон за национална безбедност. Тој смета дека треба да се формира Национална безбедносна агенција надвор, која ќе биде надвор од МВР и ќе нема полициски овластувања. Таа ќе биде хоризонтално поврзана со специјализиран одел во МВР кој ќе ги извршува полициските работи, а ќе има тесна врска со Јавното обвинителство, Агенцијата за разузнавање, како и министерствата за одбрана и за финансии. Моделот што сега егзистира, односно УБК да функционира во рамките на МВР, за професорот е застарено решение кое е укинато во соседните земји.

Според него, треба да се донесе и закон за национална безбедност или закон за безбедносно-разузнавачкиот систем. Во негови рамки да се одредат местото и надлежностите на безбедносните субјекти што ќе го сочинуваат. Во таа насока, посочува тој, да се формира врховно тело под назив совет за национална безбедност, кое ќе ја има основната улога преку своите две поттела – биро за координација и канцеларија на советот – да врши практично одредување на државните приоритети на безбедносно-разузнавачки план.

За професорот Маријан Николовски во многу сегменти хендикеп претставува тоа што УБК нема сопствен закон и работи согласно Законот за внатрешни работи.

„Под иста капа се и УБК и класичниот криминалитет. Дела против државата, каде што казнената политика е над десет години, се ставаат во ист ранг со расветлување кривични дела од класичниот криминал“, изјави Николовски.

Проблем претставува и контролата на кадарот. Се вработуваат луѓе без конкурс и со сомнителен капацитет. Тоа според Николовски мора да се промени и со воведување строги критериуми.

Од реформите се очекува да обезбедат функционирање на службите согласно меѓународните стандарди и правила, штитејќи и гарантирајќи ги државните интереси. Тие треба да овозможат службите да дејствуваат ослободени од политички влијанија, но и од криминалните структури и групи.

„УБК треба да доживее реформа на свеста, на разумот. Треба да се создадат механизми за професионални кадри кои ќе дејствуваат спротивно на стариот начин на размислување и раководење“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки.

Директорот на УБК, Горан Николовски, смета дека реформата во овој сектор треба да се одвива во пет чекори. Првиот е формирањето на ОТА, а вториот е изборот на моделот кој ќе ја професионализира, демократизира и департизира институцијата. За него исклучително е важно да се воспостави координација на безбедносно-разузнавачкиот систем, која сега практично не постои. Затоа, како што нагласи, неопходно е формирање тело кое ќе биде задолжено за координација.

„Четвртиот чекор е дефинирање на улогата на претседателот, а петтиот носење закон за безбедносната заедница, што ќе треба конкретно да ги дефинира мандатите и полето на дејствување на секој ентитет поединечно“, рече Николовски.

Безбедносно-разузнавачкиот сектор постои 73 години – 27 години во независна Македонија. За тој период направена е само една реформа – разузнавањето се одвои од контраразузнавањето.

Директорот на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов, посочи на Извештајот на Прибе посебно издвојувајќи го делот во кој се вели дека во насока на професионално дејствување „клучен е човечкиот фактор“.

„Ако сакаме да направиме нешто, мора сите да влеземе максимално искрено во процесот кој треба да го надградуваме. Потребно е да направиме флексибилен систем во кој секој од чинителите јасно и недвосмислено ќе ги извршува своите задачи, со што ќе се намали просторот за злоупотреба на овластувањата“, рече Иванов. (Н.К.)