Скриена невработеност


Никола Поповски

Според последните официјални податоци на Македонија, публикувани од Државниот завод за статистика (ДЗС), а што се однесуваат за третиот квартал од 2017 година, невработени се 211.363 лица, а стапката на невработеност изнесува 22,1 отсто. Никој не спори дека таа е висока и вознемирувачка. Но, таа не кажува сè, односно во нашиот случај таа кажува многу малку. За да се добие вистинската слика треба да се каже дека според истите тие податоци имаме уште неколку вознемирувачки факти. Да појдеме по ред.

Вкупното население, според ДЗС, надминува два милиони, но никој не знае дали тоа е така бидејќи последниот попис е направен пред речиси 16 години и од тогаш до денес имаме само претпоставки колку население де факто живее во нашата земја. Стапката на природниот прираст е драстично намалена и таа во 2016 година изнесува само 2.581 лица. Да, само толку. Живородени биле 23.002, а починале 20.421 лица. Со тој природен прираст ние не можеме да ги компензираме ефектите од механичкото движење на населението кое е негативно и се мери како разлика меѓу имиграцијата во и емиграцијата од државата во странство. За жал никој во земјава не знае колкаво ни е негативното салдо од механичкото движење на населението, но сигурни сме дека тоа постои и е многу големо. Доколку е поголемо од нивото на природниот прираст, односно од 2.581 лица, тогаш е јасно дека секоја година ние сме сè помалку и помалку, односно бројот на населението се намалува секоја година. Колку е тоа намалување и колку години трае, исто така не знаеме. Сепак, во овие 16 години не можеме да очекуваме дека намалениот природен прираст е поголем од зголеменото негативно салдо на механичкото движење на населението, односно можеме со сигурност да тврдиме дека природниот прираст е недоволен да го компензира миграциското салдо и затоа населението се намалува секоја година. Веројатно затоа многумина и се сомневаат дека Македонија сега има повеќе од 2 милиони население. Во тој случај колку има? Постојат повеќе претпоставки и проценки во јавноста и тие се движат најмногу до 1,85 милиони жители.

Но, да земеме дека ДЗС е во право, иако не е, и да продолжиме натаму. Од вкупното население од над два милиони, дури 1.680.360 лица се работоспособни. Тоа се лицата од 15 до 79 години. Горната граница е високо подигната, но тоа отвора нова методолошка дебата. Од лицата што се работоспособни, само 954.814 или 56,8 отсто се активни, односно работат или активно бараат работа, но не можат да ја најдат (невработени лица). Останатите 725.546 лица се работоспособни, но не работат заради тоа што не сакаат да работат и не бараат работа. Тие се економски неактивно население (најпрепознатлива категорија од нив се т.н. „домаќинки“, но во последно време очигледно постојат и сè поголем број на „домаќини“). Невработените се оние споменати 211.363 лица од активните 954.814 што не можат да најдат работа. Но ,тука има едно големо „но“. Имено контингентот на економски неактивните лица е преголем. Зошто е тоа така? Најголем дел од одговорот е во фактот што горната граница на работоспособност е високо поставена, но и во фактот дека тие не се неактивни, туку се: а) или разочарани што предолго не можат да најдат работа, па престанеле да ја бараат, или б) ја изгубиле постојната работа, а се во старосните години кога веќе тешко ќе најдат нова и заради тоа се повлекле во категоријата неактивно население. Кога економијата би ни била развиена и кога би барала дополнителна работна сила, па би имало понуди за работа, тогаш најголем дел од „принудно“ неактивното население веднаш би станало економски активно и би почнало со работа.

Тоа значи дека во Македонија има голема „скриена“ невработеност, односно повеќе лица кои де факто се невработени од тоа што е прикажано, но официјалната статистика нив не ги смета за такви бидејќи тие одамна се откажале од надежта дека ќе најдат работа, па се повлекле од пазарот на трудот и затоа таа нив ги смета за неактивни, односно де јуре не се невработени. Да замислиме дека само 115.000 лица од оние 725.546 што се работоспособни но не се ни трудат да бараат работа, односно секој шестти одеднаш би посакале да бараат работа и почнат да се пријавуваат како невработени на пазарот на трудот. Тешко е да се надеваме дека тие ќе се вработат. Но, активното население ќе се зголеми од 954.814 на 1.069.814 лица, а бројот на вработените ќе остане ист. Во тој случај бројот на регистрираните невработени ќе се зголеми од 211.363 на 326.363 лица, а стапката на невработеност од 22,1 на 30,5 отсто. Овој процент е поблиску до де факто реалноста, иако не е де јуре така. Но, економијата треба да се занимава со де факто, а не со де јуре состојбите.

Ако сакаме се утешиме, ќе кажеме дека ваквиот начин на мерење на работоспособното, (не)активното население и вработени и невработени е согласно економската теорија и меѓународните стандарди прифатени во светот и во ЕУ. И тоа е точно. Но не значи дека е прифатливо за да ја распознаеме стварноста. Деновиве, на пример, Евростат објави дека во третиот квартал од 2017 година во ЕУ се креирани 3,3 милиони нови работни места и дека толку луѓе нашле работа. Но, факт е и дека 2,5 милиони луѓе ја изгубиле работата и од вработени преминале во невработени лица. Салдото на макроекономско ниво на ниво на ЕУ е 0,8 милиони нови работни места. Европската унија, исто така се мачи со стапките на невработеност. Во декември 2017 година, стапката на невработеност во ЕУ изнесувала 7,3 отсто, со распони од наниска невработеност во Чешка со 2,3 и Германија со 3,6 отсто, до 16,4 отсто во Шпанија и 20,7 отсто во Грција. Соседните и слични економии на Бугарија, Романија и Хрватска имаат невработеност од 6,1; 4,6 и 10,0 отсто. Но, во таа навидум добра економска слика на ЕУ има нешто вознемирувачко како и кај нас во Македонија.

Имено, во некои држави проблемите со неактивното население се слични или исти. Да ја земеме, за пример, соседна Бугарија. Од 5,51 милиони работоспособно население (15-74 години), само 3,26 милиони се активно население (3,1 вработени и 0,25 милиони невработени), односно 2,25 милиони се неактивно. Во такви услови Бугарија со пристојна стапка на невработеност од само 6,1 отсто има потенцијал да премине во економија со релативно висока невработеност од над 10 отсто, доколку една петина од неактивните посакаат да работат и почнат да бараат работа. Слично е и во Хрватска каде што бројот на неактивното население е релативно голем и изнесува 1,36 милиони, наспроти 1,56 милиони активни од кои 0,24 милиони немаат работа.

За волја на вистината таков е случајот и со многу од државите на ЕУ со висок доход. Австрија на пример има работоспособно население од 6,6 милиони, но само 4,5 се активно население, а дури 2,1 милиони неактивно. Слично е и со Германија во која од 62,1 милионското работоспособно население, 19,2 милиони се неактивни. Грција, очекувано е шампион во ваквите состојби – од 8,0 милиони работоспособни, 4,8 се активни со невработеност од над 20 отсто и дополнителни 3,2 милиони неактивно население.

Ваквите тенденции со населението како економска категорија се сериозни и треба дополнително да се проучуваат за да имаме поточна слика во врска со тоа дали невработеноста де факто е висока или превисока, како во Македонија и Грција, на пример, односно дали таа е умерена или висока, како во многу земји од ЕУ. Лагодната состојба во која се бројат само оние што де јуре бараат работа веќе треба наново да се преоценува.