Сите амнестии за насилства во парламентот


Роберт Несими

Пред неколку дена парламентот со огромно мнозинство донесе Закон за амнестија за настаните од 27 април 2017. Со овој закон од кривично гонење ќе се амнестираат поголемиот дел од насилниците од тој злокобен ден во политичката историја на Македонија. Овој чекор е дел од тоа што власта на Орвелов начин го претставува како „национално помирување“, кое навидум е потребно во време кога се прават големи чекори за иднината на земјата. Потегот беше поздравен и од Европската Унија, факт што на власта ѝ дава алиби да каже дека овој чин не се коси со европските вредности, напротив придонесува за приближување кон тие вредности.
Судејќи според реакциите по социјалните мрежи, јавноста, особено оној дел кој беше најжесток борец против претходниот режим, а не е дел од власта, е згрозена од овој акт. Тоа е разбирливо од причина што се очекуваше дека со смена на власта Македонија врти нова страница, како нормална земја во која конечно ќе завладее правото. По сè изгледа, тие очекувања беа преуранети и многу работи, вклучувајќи ја и амнестијата за насилства во парламентот, се тераат по старо. Редно е да се потсетиме дека ваквата амнестија не е ниту прва, а бидејќи изгледа дека не сме научиле ништо од минатото, веројатно нема да биде ниту последна.
Првиот поголем инцидент во Собранието се случи во 2007 година. Вжештената дебата помеѓу пратениците на ДУИ и ДПА заврши со физичка пресметка. На прв поглед тоа може и да не изгледа како преголема работа, бидејќи такви пресметки помеѓу пратеници се случуваат често низ светот. Но клучниот збор тука е „помеѓу пратениците“, кои се директни претставници на народот и одговараат само пред него. За една демократија ситуацијата е алармантна кога насилство врз пратеници вршат трети страни, што симболично значи дека некоја друга институција или други лица го тепаат народот. Така се случи во 2007 година. Пресметката помеѓу пратениците продолжи по ходниците на Собранието и во неа се приклучија редица други личности од ДУИ и ДПА. Така неколку функционери на ДПА физички го нападнаа пратеникот Азис Положани, а од друга страна, жртва на насилство на функционери од ДУИ беше новинарот Лирим Дулови.
Во обид за „помирување“ беше формираше собраниска комисија која требаше да утврди што точно се случи и кој беше виновен за тие немили настани внатре во Собранието. Како што е вообичаено за сите комисии, ниту оваа комисија не даде никаква разврска и никаков резултат. Функционерите на ДУИ и ДПА се помирија меѓу себе, а насилството им го оставија на нивните активисти на терен, на парламентарните избори во 2008 година. До денешен ден никој не одговараше за насилството внатре во Собранието, а размерите на тој инцидент дури и сосема се заборавени, што со текот на времето веројатно ќе се случи и со настаните од 27 април.
Вториот поголем инцидент во Собранието се случи во декември 2012 година, при расправата за буџетот за 2013 година. Нестрпливи со долгите излагања и наводното кочење на процесот од страна на пратениците од СДСМ, структурите на тогашната власт ВМРО-ДУИ одлучија проблемот да го решат на поинаков начин. Дел од обезбедувањето на Собранието, засилено со полициски структури однадвор, реши насилно да ги исфрли пратениците на СДСМ од Собранието. Потоа намира, пратениците од коалицијата ВМРО-ДУИ си го изгласаа буџетот за 2013 година по нивен терк.
Инцидентот резултираше со голема политичка криза која кулминираше со најавата за бојкот на тогашните локални избори од страна на СДСМ. За разрешување на кризата силно се приклучи и меѓународниот фактор, пред сè, Европската Унија. Под нивно покровителство се постигна договор СДСМ да учествува на изборите, а за возврат да се формира што друго ако не собраниска комисија. По неколку месеци таа комисија постигна некаков договор, кој веднаш по потпишувањето ВМРО го оценија како „палома договор“. На крај испадна дека договорот навистина бил таков, затоа што не произведе никаков конкретен резултат. До денешен ден никој не одговараше за насилството во Собранието, а размерите на тој инцидент дури се сосема заборавени, што со текот на времето веројатно ќе се случи и со настаните од 27 април.
Настаните од 27 април секако ни се посвежи и јасно е дека тие беа од драстично поголеми размери од претходните инциденти. Тука веќе не се работи за спонтани тепачки или исфрлувања на пратеници од Собрание, туку за организирано насилство врз пратеници и директен обид за убиство на пратеникот Зијадин Села. И токму поради овие далеку поголеми размери на насилство, нападот од 27 април никако не смееше да се третира како претходните инциденти. Сега беше време да се каже „никогаш повеќе“, време да се повлече црвена линија, без никаква дилема за одговорност на насилниците пред законот.
Како што сега стојат работите, ваквиот акт на амнестија може да е легален, но никако не може да се прифати како политички или морално легитимен. На пример, со кое право може некој да излезе пред гласачите од изборната единица 6 и да им прости на лицата кои се обидоа да го убијат нивниот претставник? По тивките амнестии за двата претходни инциденти, ваквата амнестија ќе резултира само со дополнително губење на и онака ниската доверба во владеење на правото, а веројатно и со мотивација некој друг во иднина пак да упадне во Собранието и да тепа пратеници, бидејќи амнестијата полека но сигурно станува норма.
Дополнителна фрустрација создава обидот на власта сето ова да го продава како помирување, како нормална, па дури и позитивна работа. Дотолку повеќе затоа што и малите деца веќе знаат за што навистина се работи: директен поткуп на пратеници за да гласаат за уставните измени. И тука не помага ниту поддршката од Европската Унија, кога е јасно дека приоритет на ЕУ засега не е владеењето на правото во Македонија туку промената на името.
Во секој случај, последниот акт на амнестија е продолжување на истата игра која ни се повторува веќе неколку пати. Воедно тој речиси е гаранција дека тоа ќе се повтори и во иднина, кога во некој друг случај некој пак ќе ги отвори вратите на Собранието, за да им отвори пат на насилници, кои повторно ќе се обидат да тепаат и убиваат пратеници, а потоа да добиваат помирување и амнестија. Исто како настаните од 2007 и 2012 година, со текот на времето ќе се заборават и настаните од 27 април 2017, но не и фактот што за такви работи кај нас не се одговара.