Се повеќе болни со пневмонии и бронхити


Главоболка, кивање, течење на нос, температура ама и кашлица се најчестите симптоми кај граѓаните што ги наполнија чекалните во амбулантите  и болниците. За лекарите ова е период кога имаат полни раце работа,бидејќи вирусната патологија и појавата на бактерии се зголемени поради намалувањето на температурите. Кај повеќето дечиња зголемено е присуството на изолираната бактерија микоплазма која предизвикува атипична пневмонија и е проследена со продуктивна кашлица, но и со продолжена состојба за лекување, за што е потребно хоспитализација во голем број на случаите. Освен пневмонии, кај пациентите најчесто се дијагностицирани бронхити и ларингитични проблеми. Директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, д-р Ангелчо Андоновски, вели дека најмладиот пациент со пневонија е едномесечно бебенце. На Институтот има хоститализирано дури 80 дечиња, а амбулантски дневно се извршуваат до 100 прегледи.

„Работата во Институтот се одвива непречено, децата кои се подобро одат во дневна болница, со терапија се испраќаат дома. Компликациите се следат. Кај  децата кои завршуваат во „Козле“ тоа е поради опструкции, бронхити и пневмонии, а доаѓаат и деца со ларингит. Има зголеменото присуство на изолирана  бактерија микоплазма, атипична пневмонија кај пациентите. Најмалиот пациент кој има пневмонија е едномесечно бебе. Има многу дечиња кои имаат пневмонија и тоа од три години, па нагоре. Во амбулантата во текот на денот се третираат од 70 до 100 пациенти. Потребно е родителите да работат на  подобрување на имунитетот кај децата. Доколку забележат дека симптомите  траат неколку дена задолжително да го однесат детето на лекар“, вели  Андоновски.

Кај граѓаните зачести и заболувањето од херпес зостер, кое  претставува акутно, инфективно и вирусно заболување, кое се јавува кај лица кои прележале варичела, односно овча сипаница. Кожниот доктор Дејан Филиповиќ од ЈЗУ Здравствен дом во Скопје-поликлиника „Бит Пазар“ вели дека  ризик фактор за појава на ова вирусно заболување е поради пад на имунитетот, хронични болести, малигни заболувања, примена на цитостатици,  меѓутоа и по долготрајна употреба на кортикостероидна терапија, при физички или психички стрес. Неговото појавување е почесто кај граѓаните кои имаат над 50 години.

„Херпес зостерот не е заразен, но  може да предизвика варичела кај оние што претходно не биле инфицирани. Повозрасните се соочуваат со поголем ризик да се развие  болка, која трае со месеци и по оздравувањето на кожните лезии. Клиничка слика кај пациентот е  проследена со болка,  јадеж или печење, понекогаш покачена температура, симптоми кои му претходат 4-5 дена на исипот. Целта на третманот е потиснување на воспалението, болката и инфекцијата. Акутниот зостер предизвикува мешана соматска и невропатска болка (болка од оштетување на нерви) со различен интензитет. Болката која трае и по херпез зостерот се нарекува постхерпетичната невралгија и може да трае со месеци, па и  години. Антивирусна терапија, локална терапија, анестетици, аналгетици, нервни блокатори, витамини за зголемување на имунитетот (и сите витамини од Б1 до Б15 затоа што нервната обвивка се регенерира главно со овие Б витамини плус липоична киселина), дури и рана антидепресивна терапија се можности за третман“ вели Филиповиќ.

Последици од променливото време имаат и хронично болните. Временските услови можат да влијаат на зголемување на бројот на пациенти со мозочни удари. Лекарите посочуваат, за да се спречат мозочните и срцевите удари, важна е превенцијата за хронично болните, оти лекувањето може да го намали ризикот од настанување на мозочен удар. Во земјава и во светски рамки, застапеноста на мозочните удари кај популацијата е на трето место, после кардиоваскуларните и малигните заболувања.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер