Се купуваат прочистувачи за воздух за секоја училница


Додека Владата прави стратешки планови, граѓаните се самоорганизираат. Загрижени за здравјето на своите деца и за последиците што може да ги предизвика аерозагадувањето, родителите се изложуваат на дополнителен трошок и самите купуваат прочистувачи на воздух за училниците. Некои веќе купиле, други пак масовно се организираат, собираат пари, а во меѓувреме разгледуваат модели, ама и цени. Важно им е децата додека се на училиште да дишат почист воздух. Спремни се да инвестираат и во одржувањето на прочистувачот, да ги менуваат филтрите што ќе треба да ги докупуваат по една година.

„Разменуваме искуства за прочистувач на воздух со родителите од друго одделение кои веќе купиле, мораме што побрзо да набавиме за доброто на децата“, вели Сања, мајка на ученик во скопско основно училиште.

„Сега собираме средства, гледаме да купиме поквалитетен прочистувач, со повеќе филтри, инвестиција што ќе даде резултат. Не е проблем секое семејство да одвои од 300 до 500 денари за да купиме прочистувач, ама со тоа нема целосно да го решиме проблемот. Ја измеривме квадратурата на училницата за да одговара капацитетот на прочистувачот. Сами ќе си го одржуваме, заинтересирани сме за еден што чини речиси 10.000 денари“, вели Андреј, татко на првачето Матеј.

Прочистувачите на воздух во продавниците за бела техника се продаваат како алва, велат продавачите. Во дел од маркетите имаат резерви од повеќето брендови, во други немаат на резерви од сите апарати. На муштериите важно им е прочистувачот да го чисти воздухот од штетните честички ПМ 2,5 и ПМ 10. Изминативе две години има пораст на побарувачката, а прочистувачи најмногу купуваат граѓаните кои имаат мали деца.

„Имаме побарувачка од сите брендови. Цените на прочистувачите на воздух се различни, улога во цената има и квадратурата, па се движат од 5.000 па до близу 40.000 денари. Муштериите најчесто бараат прочистувачите да ги отстрануваат ПМ-честичките, некои купуваат од поскапите, други од поевтините. Секој прочистувач има филтер што треба да се менува на година или година и половина. За поскапите брендови и филтрите се поскапи, а цените се движат од 1.500 до 3.000 денари“, вели вработен од маркет за бела техника за „Независен“.

Граѓаните се вознемирени од драматичните податоци на Светската здравствена организација дека во Македонија дишат најзагаден воздух од цела Европа. Земјава е на врвот на листата на држави со највисоки дневни и годишни концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички. Според извештај на ЕУ, за квалитетот на воздухот во Европа од 2018 година, ПМ 2,5 честичките се виновни и за 3.000 смртни случаи годишно кај нас. Меѓу најзагадените земји во Европа, покрај Македонија, се и Бугарија, Полска и Словачка.

Општина Аеродром важи за една од најзагадените општини, иако изминативе месеци не функционира мерната станица за загадување. Непријатниот мирис секојдневно им создава главоболка на жителите. Освен што дишат тешко, велат дека кога се надвор чувствуваат штипење на очите. Борбата за кислород е причина за викенд да заминуваат на планина.

„Кога се враќаме од планина во Скопје, се чувствуваме како да сме во тенџере со капак, загадениот воздух нè опкружува од секаде, постојано кашлам“, вели скопјанката Снежана.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, за „Независен весник“ вели дека следниот месец Општината ќе распише тендер за набавка на прочистувачи на воздух  за училиштата. Ќе бидат инсталирани во училниците каде што се одржува одделенска настава. Планирана е набавка на околу 150 прочистувачи на воздух, а парите се обезбедени во буџетот за 2019 година. Општината веќе набави 83 прочистувачи за сите простории во градинките на својата територија, а инвестицијата чинеше над милион денари.

„Веќе се определени два милиони денари за набавка на прочистувачи на воздух за училиштата. Прочистувачите ќе бидат инсталирани во училниците каде што се одржува одделенска настава. Огласот ќе биде распишан во јануари 2019 година за набавка на околу 150 прочистувачи на воздух, а парите се испланирани во новиот буџет. Плановите се прочистувачите за во училниците да бидат набавени на почетокот на второто полугодие, меѓутоа станува збор за процедура која вклучува и период на жалби, па сето тоа може да се одолговлечи. Набавивме 1.800 нови високоизраснати дрвја, а Општината ги субвенционира домаќинствата за купување печки на пелети“, подвлече Марин.

Загадувањето особено е високо во зимскиот период, ПМ-честичките се присутни трипати над дозволеното, а има денови  кога прагот достигнува и над 10 пати повеќе загаденост од дозволеното, како што беше минатата недела во Струмица кога беа измерени над 500 микрограми ПМ 10 честички на кубен метар, а во скопските населби над 300 микрограми. За да се намали изложеноста на учениците на отровните честички што ги има во воздухот, Град Скопје набави прочистувачи за воздух за сите училници во скопските средни училишта во градот. Оттаму велат дека уредите наскоро ќе бидат инсталирани во училниците.

„Набавени се 572 прочистувачи на воздух за секоја училница за средните училишта во Скопје. Целата вредност на набавката е 11.670.672 денари, од оваа сума 3.000.000 се донација од МЕПСО“, рекоа од градот. Ако не успее ни оваа мерка, следното што преостанува е одење во училиште со гас маски.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер