Сенки над Балканот


Звонко Давидовиќ

Деновиве во мојата земја се одвива жестока кампања која навидум е кампања за или против референдумот со кој граѓаните би се изјасниле за членство во НАТО и Европската Унија. Велам навидум, бидејќи во мојата земја баш сè знае да се искриви, избербати, измести и  никогаш не се разговара и дебатира за суштината, туку се разговара и препукува за споредни и маргинални нешта со кои повеќе се забавува јавноста по принципот на римските гладијаторски игри отколку што се решава проблемот или настанатата ситуација. Отсекогаш крупните и битни нешта за нашата земја се сведувале на историски празни и шупливи реторики, квазипатриотски удирања во гради, лигавење и додворување на народот со задолжително сочувствување со неговата тешка материјална состојба, која само тогаш се спомнува и малоумно одвај разбирливо врескање на дијаспората. Никогаш, ама никогаш, во текот на овие речиси три децении на самостојноста на Македонија позицијата и опозицијата не седнале на иста маса и не ги спротивставиле аргументите за или против определено прашање. Наместо на маса или во Собранието се дебатира по „Фејсбук“, кафулиња, улици, сокаци и ќошиња.

Различноста во размислувањето или различноста на ставовите по определени прашања е богатство на еден народ, богатство на демократијата. Но луѓето се залажуваат ако мислат дека ова што се случува е различност во размислувањето или гледањето на работите, бидејќи за да размислуваш различно или поинаку од некого треба да имаш свој став по определено прашање, став зад кој стојат аргументи кои имаат логика во себе. Ова што се случува во мигот, а се случувало редовно и во минатото, не е изразување на свој став туку е инаетење и опонирање на нечиј изграден и цврст став само поради дневнополитички поени и затскривање на криминалот.

Не верувам дека постои човек во Македонија кој не сака подобро и поквалитетно да живее. Не верувам дека постои човек кој не сака да има работа, добра плата, квалитетен образовен и здравствен систем и правичен правен систем. Во овој миг, без оглед на политичката определба или припадност на определена партија, општото мислење е дека ниту една институција не функционира како што треба. Образовниот систем ни е во колапс и не се знае кој е понезадоволен, учениците и студентите или професорите, а квалитетот на знаењето варира од училиште до училиште, од факултет до факултет. Здравствениот систем речиси и да не постои во рамки на државните институции и клиники од каде што заминаа лекарите во приватните здравствени установи во кои и условите и заработувачката се многу подобри, но и услугата за граѓаните неколкукратно поскапа од онаа во државните здравствени установи. Правниот систем е разнебитен и не функционира како трета власт, туку како приврзок или чекан на извршната власт. Социјалната политика постои само на хартија или како идејна определба, а секојдневно растат бројот на социјалните случаи и бројот на семејствата кои се вбројуваат во категорија на сиромашни семејства.

Во една таква состојба на државата и општеството, една политичка партија и група луѓе блиски до неа, а која до вчера ја раководеше државата и има голем придонес за ваквата состојба, излегува и му соопштува на народот дека ќе го бојкотира референдумот за членство во НАТО и ЕУ. Изговор е дека тие се патриоти и дека името не го продаваат или менуваат за ништо на светот. На ова може да се спротивстават многу аргументи, но тоа нема да го направам сега и овде, во краен случај не е ни важно затоа што секој има право на свое мислење, но она што ми пречи се две работи. Зошто тоа свое мислење не излезете и не го соопштите преку гласање, демократски и чесно, начин и принцип на работење на една партија на кои во изминативе десет години се повикувавте. И најважно од сè – вие сте против определено прашање, одлука, процес, наречете го како што сакате, но друг предлог немате.

Ваквиот начин на однесување и практикување на власта или претендирање да се освои не е сериозен и не ѝ доликува на која било политичка партија, а особено не на онаа која до вчера раководела со државата. И не е прв пат да се затвораат очите пред вистината и реалноста. Во минатото истите тие како партија негираа дека постои прислушувањето и покрај снимките, па се тврдеше дека тие се сечени, лепени, монтирани, но неколкуте постапки кои се водат, а особено доказите во нив го покажуваат и докажуваат спротивното – масовно сме прислушувани поради лудилото или паранојата на мал број забегани луѓе. Се негираше дека постои високо организиран криминал и безобразно криминално трошење на државните средства, па испадна дека ситуацијата е токму таква. Се негираше дека судството е заробено и дека судиите се избираат од тефтерчињата на Гоца и Сашка, па испадна дека е ова не само точно туку состојбата е уште полоша. Но никогаш, и покрај негирањата и затворањето на очите пред вистината и состојбите во општеството или спротивставувањето на определени решенија, не се понуди од страна на оваа партија или група луѓе идеја или решение за проблемите. Освен критика, негирање и квазипатриотизам, тие ништо друго и не покажаа.

Не само што оваа група луѓе нема во себе чесност и искреност да ги признае состојбите, таа никогаш немала ни храброст да ги нарече состојбите со вистинското име и да ги признае својот удел и придонес во нив. Наместо храброст и искреност, истите тие подметнувале други луѓе да ги извршуваат нивните валкани работи, а кога доаѓа време за намирување на сметките и одговорност, како кукавици се кријат за грбот на овие заведени луѓе и ги оставаат да одговараат и за своите но и за нивните постапки. Најдобар пример ви се предметите на СЈО, а особено предметот за крвавиот четврток.

Покажавме дека немаме капацитет и политички консензус за да ги поправиме и унапредиме состојбите во општеството и дека единствена цел е да се скријат незамисливите и досега невидени криминали на определена група луѓе која раководела со државата и судството. Само влезот во НАТО и ЕУ ќе нè принудат да ги почнеме и завршиме реформските процеси така што друга алтернатива немаме. Дури пак ќе кажам, ни противниците на референдумот не нудат и не даваат друго решение.

Промените се животен закон. Оние што секогаш гледаат во минатото или сегашноста се осудени да ја пропуштат иднината. Нашето минато и нашата сегашност се завиткани во сенки, сенки што надвиснале над Балканот, се воделе братоубиствени војни, се леела крв и се создавала братска омраза токму поради ваквиот однос и начин на владеење со очи вперени во минатото. Ајде сите заедно да погледнеме во иднината, да ги растераме сенките и да дозволиме да изгрее сонцето на слободата, на Вергина, на Египќаните, кој како сака нека го нарече, но сонце е сонце.

Уште многу работи може да се кажат и напишат, но јас ќе ја завршам  колумнава со мислите на големиот Мартин Лутер Кинг. Историјата ќе мора да забележи дека трагедијата на овој период на социјални промени не е суровоста на лошите луѓе, туку апатичната тишина на добрите луѓе. Нашите животи почуваат да завршуваат оној ден кога ќе почнеме да молчиме за битните нешта. Ние мора да научиме да живееме во заедништво како браќа или ќе нè снема сите заедно како будали.