Селото без кучиња


Здравко Савески

Ги истуркаа уставните измени. Со амнестии и тендери. Со газење на демократијата. Со газење на правната држава. Беа подготвени да направат сè, имаа дозвола да направат сè и направија сè! А народот? Неговата волја беше фалсификувана, негодуваше, беше револтиран од бескрупулозноста на секој од макијавелистичките потези на власта. Но, не протестираше. Само стотина граѓани протестираа пред Собранието кога се гласаше за уставните измени. Селото беше без кучиња, па волците орото го водеа.

Вреди да се потсетиме како течеше целиот овој процес. За да остане запишано и да не се заборави. Распишаа консултативен референдум со манипулативно прашање, кое, така поставено, беше во спротивност со Уставот. Не дозволија фер услови за рамноправна кампања за референдумот. На денот на референдумот полнеа кутии. Без никој да сноси одговорност за тоа. Одбија да го уважат неуспехот на референдумот, констатиран и од ДИК, па без да располагаат со потребниот легитимитет, продолжија со намерата да го менуваат Уставот.

Уценуваа и поткупуваа пратеници за да им ги гласаат измените. Меѓу другото, со помош на озлогласени ликови како Сашо Мијалков и Никола Тодоров. Ја впрегнаа и судската власт, очигледно разобличувајќи ја нејзината „независност“. Токму во неделата кога првпат Собранието гласаше за уставните измени, тројцата пратеници обвинети за 27 април беа пуштени од куќен притвор. Потоа направија политички дил и му овозможија бегство на Никола Груевски. Без апсолутно никој да понесе одговорност за тоа. Па отпочна втората фаза од „помирувањето“ во која се амнестира и криминал сторен за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Кривичниот законик го променија за да спасат осудени лица од затвор, за да застарат многу од делата против кои се води постапка, но и за властодршците да си ја олеснат работата при идните злоупотреби на власта. Во меѓувреме, со тендери беше наградена и фамилијата Мукоски, исто како и за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Зошто немаше посериозна реакција против ова од граѓаните? Дел од поддржувачите на власта дури и се воодушевуваа од голиот макијавелизам што го примени Заев и неговата клика, во што тие видоа несомнена способност да се истера целта. Притоа, тие во полно светло го покажаа целиот свој морален пад како граѓани и како луѓе. А дел од поддржувачите на власта, исто така макијавелистички, млако протестираа против флагрантното газење на принципите од страна на власта, но ги поддржуваа уставните измени и по таа цена, со надеж дека по нивното усвојување власта сепак ќе владее демократски и некоруптивно. Притоа, нивната убеденост е дека дури и власта тоа да не го сака, ќе биде принудена така да постапува за да ги исполни стандардите што се потребни за зачленување во НАТО и ЕУ.

Празни надежи. Себезалажување за да им биде полесно. На тоа се сведува ваквото расудување. Дали проблематичните потези на властодршците во овој период беа ограничени на процесот на усвојување на уставните измени? Што правиме со целата низа потези со кои власта покажа дека владее исто како ВМРО-ДПМНЕ? Продолжија со партиските вработувања, продолжија со делењето тендери на свои луѓе. Без никаков срам не се воздржаа ниту од зголемувањето на платите на вицепремиерите, од кои еден, Хазби Лика, во претходниот период ниту доаѓал на работа, а друг, Оливер Спасовски, одби да понесе одговорност поради бегството на Груевски. Понатаму, тројно ги зголемија буџетските средства за политичките партии (вклучително и за себе) и сега тој износ е речиси двојно поголем од буџетските средства наменети за намалување на загадувањето. Се разбира, зашто загадувањето баш и не е така голем проблем. Поважно е партиите да имаат повеќе пари. На градежната мафија ѝ продадоа земјиште кое ниту Груевски не успеа да го продаде. Антикорупциската комисија со месеци ја држат нефункционална. Не им пречи што нивни партиски пензионери остваруваат дополнителни приходи преку членство во управни одбори, ама најдоа дека е спорно пензионери да продаваат на пазари за да го крпат животот?

Сето ова нема врска со уставните измени. А го правеа. Дали ваквите практики магично ќе исчезнат по усвојувањето на уставните измени? И како ќе се постават овие поддржувачи на власта ако не биде така? Повторно ќе наоѓаат изговори да ја оправдаат власта? Ах, да. Се надеваат дека процесот на зачленување во НАТО и ЕУ ќе ги променат практиките на власта. Во НАТО ќе влеземе поради геостратегиските интереси на САД, при што нивото на демократија во земјата е ирелевантен податок. А што се однесува до ЕУ, таму нема да нè примат. Ќе тера тој процес на зачленување до недоглед, ќе се отвораат сè нови и нови поглавја, секогаш ќе бидеме пред портите, но никогаш внатре. При што, реалните проблеми со демократијата во земјата ќе бидат дежурен изговор за ЕУ да не дадат покана за зачленување.

А зошто противниците на власта не пружија посериозен отпор на усвојувањето на уставните измени? Зошто тие жестоко реагираа само на социјалните мрежи, но на протести не излегуваа? Тоа веројатно има голема врска со огромната разочараност од начинот како владее сегашната владејачка гарнитура. За што протестиравме? За што ги меревме улиците со денови? За што некои ризикуваа губење на работното место, ризикуваа да завршат во затвор? За сега луѓе кои постојано кажуваа колку Груевски не чини да владеат на ист начин? Протестиравме за некои да седнат во фотелјите и тие да бидат оние што нè крадат?

Ваквите прашања кај овие граѓани создаваат неволност повторно да излезат на протести и недоверба кон секој што повикува на борба. Затоа и протестите беа малку на број и беа слабо посетени и предизвикуваа разочараност и апатија дури и кај оние што излегоа на протест. Па ситуацијата буквално стана село без кучиња. Власта сето тоа го гледаше и се чувствуваше сигурна дека што и да направи, без разлика колку тоа да е бескрупулозно, ќе ѝ помине.

Колку долго ќе биде вака? Што треба да се направи тоа да се промени? Едно е јасно, додека ваква е состојбата, таа ќе биде на наша штета. Власта ќе продолжи неодговорно да владее, ќе ни фрла трошки заради пи-ар и затапување на отпорот, тие живот ќе живеат, а ние ќе продолжиме да живуркаме.

За промена на оваа состојба нужни се коренити промени во пристапот на гледање на работите од страна на граѓаните. Еве некои од работите што треба да се променат. Прво, треба да се раскрсти со давањето поддршка за „помалото зло“. Кој избира помало зло, избира – зло. Тоа треба конечно да стане јасно. Гласајте само кога верувате дека некој ја заслужува вашата доверба, а не зашто бил „помало“ зло. „Помалото“ зло еве каде нè доведе овие 28 години. Второ, треба да се изостри сопствената способност да се препознае оној што искрено се залага за она што го зборува од оној што лаже само за да се дограби до власта. Разочарувачки мал број ја имаат оваа способност за разликување. Многумина или на никој не му веруваат или лесно дозволуваат да бидат прелажани. Трето, далеку повеќе се полага надеж дека подобрувањето на животот ќе дојде преку остварување на празните ветувања на власта отколку преку личен ангажман да се извојува некое барање од власта. Не сакаме да се вложиме во борбата зашто не веруваме дека ќе заврши со успех, зашто се плашиме дека нашите соборци ќе ја злоупотребат борбата. Па често, борбата уште од почеток е млитава и недоволно бројна. И тој пристап кон работите мора да се промени.

Сега сме село без кучиња. Сè додека е така, власта ќе ја користи таквата состојба за лична корист и за непопуларни политики. Ако самите не покажеме подготвеност да го промениме тоа, ако немаме верба дека тоа може да се промени, тогаш да побрзаме со плановите за иселување за да не бидеме ние тие што ќе треба да го изгаснат светлото, откако веќе сите се иселиле од државата.