Референдумски талир


Александра М. Митевска

Владата во Шпанија падна на почетокот од ова лето. По повеќе од шест години владеење, парламентот во Мадрид му изгласа недоверба на премиерот Мариaно Рахој поради корупциските скандали што ја потресоа неговата Народна партија. За помалку од десет дена, откако на повеќемина поранешни високи функционери на Народната партија им беа изречени драконски затворски казни за корупција (поранешниот партиски благајник е осуден на 33 година затвор, а еден од финансиерите на партијата кој добиваше државни тендери дури на 51 година), Рахој стана првиот шпански премиер што е сменет во парламентот од воспоставувањето на демократијата во земјата. Тој беше приморан да му ја отстапи функцијата на социјалистот Педро Санчез.
И додека во Шпанија се одигруваше драматичната смена на власта, владата во Скопје се соочуваше со сосема поинакви предизвици. Македонските власти во тоа време ги водеа финалните преговори со Грција за надминување на долгогодишниот спор за името. Еден месец подоцна македонскиот премиер Зоран Заев се најде на иста локација со новиот шпански премиер Санчез – на самитот на НАТО во Брисел, каде што нашата земја ја доби поканата за членство, пред сè благодарение на билатералниот договор што беше постигнат во меѓувреме со Грција.
Тешко е, всушност, да се повлекуваат какви било паралели меѓу Шпанија и Македонија, особено од аспект на нивната позиционираност во меѓународните организации. Сепак, овие денови споредбата се наметнува сама по себе од аспект на корупциските афери што пред неполни два месеца ја урнаа владата во Мадрид, додека овдешната опозиција се обидува да го искористи деликатниот политички момент за да го спаси од одговорност поранешниот партиски естаблишмент – чие заминување од „Илинденска“ беше индиректно изнудено, исто така, со откривање на низа случаи на корупција. Притоа, покарактеристични се токму оние случаи што се поврзани со изборни нерегуларности и со нелегално финансирање на изборните кампањи.
Македонската опозиција го стави во заложништво дури и полноправното членство на Македонија во НАТО само за да издејствува своевидна амнестија за случаи од калибарот на „Талир“, со кој не само што е опфатен целиот поранешен владејачки врв на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително со експремиерот Никола Груевски, туку и раскошното партиско седиште во центарот на главниот град. Уште покарактеристични се неколкуте епизоди од случајот „Титаник“, како еден од клучните предмети што ги отвори СЈО.
Она за што во Шпанија паѓа влада и се изрекуваат затворски казни во траење и од половина век, во Македонија, според вмровската логика, треба да биде избришано како кривично дело или евентуално одговорноста да се материјализира во симболичен паричен износ. Случаите кои своевремено се третираа како прекршоци, сè додека не се воспостави европска практика, според која делата против изборите и гласањето се сметаат за тешки кривични деликти, така што до пред некоја години ниту шефот на државата не можеше да дава помилувања за нив, според новата логика, треба да бидат пречкртани со само четири пенкала во Клубот на пратеници. Во спротивно, опозицијата до вчера беше подготвена да го блокира изборот на ДИК, да го саботира планираниот референдум за името, а со тоа и да го опструира остварувањето на стратегиските цели на државата, какви што се членството на ЕУ и во НАТО.
Надежната вест што пристигна вчера е дека ВМРО-ДПМНЕ, сепак, почнува да отстапува од она што беше наречено „индиректна амнестија“. Што е причината за тоа засега може само да се претпоставува.
Дали Христијан Мицкоски ги сфати конечно пораките на меѓународните фактори дека во некоја поблиска иднина на Македонија не ѝ претстои втора шанса како оваа за остварување на децениските соништа за евроатлантско интегрирање? Дали во Белата палата од случајот „Талир“ прифатија дека СЈО е централната точка на договорот од Пржино, така што барањето на „заобиколна амнестија“ за случаи што произлегоа од „бомбите“ значи поткопување на еден од носечките столбови на документот за излез од политичката криза во земјава, чие целосно спроведување ЕУ го става повторно меѓу клучните критериуми за земјава пред почетокот на преговорите? Можеби во партиското седиште се согласиле најпосле дека со вакви барања за брзи интервенции во системски регулативи, како што е Кривичниот законик, се создава атмосфера на правна несигурност, во која долготрајните затворски казни се наменети за „гласачите“, додека нивните политички лидери ги штити партијата по секоја цена?
Впрочем, контрадикторно е од една страна да се бара суспензија на случаи што ги отвори СЈО, а од друга да се инсистира на рециклирање на договорот од Пржино во делот на преодната влада. Но, што и да се причините за отстапките, сега е многу поважно ваквите барања за директна или индиректна амнестија да не се рециклираат во некој иден критичен политички миг, кога процесите повторно ќе зависат од опозицијата. А, најбитно е што конечно почнаа да паѓаат блокадите кои го попречуваа спроведувањето на референдумот, а потоа и на другите процеси што ѝ го расчистуваат на земјава патот кон Брисел.