Референдумска горчина


Наум Котевски

Магливо е постреферендумското чувство. И покрај јасно изразената волја на граѓаните изразена со 609.000 гласа „за“, се случи тоа што во голем дел се претпоставуваше – малцинството, кое на гласањето беше против (37.000), но во неделата молчеше и го бојкотираше плебисцитарното изјаснување, го доведе во пат-позиција процесот и ја стави во заложништво целата држава.

Во денешно време, очигледно, мобилизира и позитивната визија за иднината и можностите што таа ги носи, но мобилизира и политиката на стравот од „злото“. Таа политика на страв гледаме како во континуитет преоѓа од еден на друг проблем и прави непроценлива штета без оглед што во суштина нема јасно поставена цел.

Приказната, во која храбро се впуштија владејачките гарнитури во Македонија и Грција, целосно го привлече вниманието на светот. Но ниту големата поддршка на германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг…, не успеаја да извршат депасивизација кај одреден број гласачи.

Разочарувачкиот епилог некои го оценија, се чини со право, и како одмазда за загубените децении во текот на кои во земјата и на интернационално ниво беше преземено малку за надминување на спорот со Грција, а во тој дел, како што нагласуваат ЕУ и НАТО, предолго правеа премалку.

Иако резултатот на референдумот не е обврзувачки, тој донесе големо разочарување кај европски ориентираните граѓани, кои до последен момент се надеваа дека кај многу поголем број граѓани ќе надвладее разумот наместо емоцијата. Отсуството на посакуваната широка поддршка на процесот (37 отсто излезеност), како што реално оценија и европските медиуми, кои во огромен број присуствуваа во Скопје, е предупредувачки сигнал не само за развојот на земјата, туку и за идната геополитичка ориентација на државата.

Македонија дефинитивно влегува во нова кризна фаза, во која, како што вели премиерот Заев, „не смееме да си играме играчки“. Ама не смеевме ниту досега!

Јасно е дека процесите не може да стагнираат. Дека мора да се движат напред, но после сè кој може да гарантира како ќе се одвиваат нештата, иако проценките се движат во насока дека, сепак, невозможното ќе се претвори во можно и процесот ќе биде финализиран на институционално ниво.

Заев најавува дека наредните неколку дена ќе се знае дали постои амбиент за постигнување договор со опозицијата за двотретинско мнозинство кое е потребно за да се изгласаат уставните измени во Собранието кои произлегуваат од договорот со Грција, нагласувајќи притоа дека брзи парламентарни избори се втората и последна опција. Меѓу другото и поради тоа што притискаат роковите, во кои секако влегуваат и изборите за Европскиот парламент кои ќе се одржат во мај следната година, а во кој учествува и Грција (а според одредени информации можно е да бидат организирани заедно со парламентарните избори планирани за есента наредната година).

Од друга страна, токму притисокот на роковите имаа свој удел во ваквиот развој на настаните – мнозинството да биде подредено на малцинството. Со цел да се искористи моментот на разумните надворешни политики на Заев и Ципрас, се организираше референдумот, апстрахирајќи го притоа проблемот со цензусот и Избирачкиот список (таму ги немаше, на пример, претседателот на Собранието, како овластен предлагач на референдумот, Талат Џафери, а ниту експретседателот Бранко Црвенковски).

Резултатите од референдумот, конечно, се само уште една потврда на длабоката општествена поларизираност и доказ дека не успеавме да изградиме согласност како да ги помириме модерноста и поизразеното чувство за патриотизам кој преминува во национализам кај одреден дел од популацијата. Долго креираната поделба на патриоти и интернационалисти (предавници) ја однесе победата над разумот за можноста да се трасира насоката во која треба да се движи земјата. Дополнителната поларизација околу спорот за името, која е огромен товар за туку-така да го симнеме од грбот, така што ќе се обвинуваме, препуштајќи притоа анимозитетот да прераснува во омраза. На тие поделби се рефлектираат и длабоки лични и партиски интереси кои го кинат општеството. По правило, во таков случај општеството најмногу стагнира, а до израз доаѓаат оние на кои поларизацијата им е единствен начин да укажат на сопственото општествено постоење и политичко позиционирање.

ВМРО-ДПМНЕ си ја одигра својата ретроградна улога, иако не е во ситуација еуфорично да „џуска“ како Солза Грчева пред Собранието, бидејќи со товарот на внатрепартиската поделеност и нерехабилитираност ќе мора да избира меѓу „пратенички глас“ за спас на договорот или предвремени избори. Отсуството, пак, на десетици илјади гласови кај СДСМ и кај албанскиот електорат е вредно за сериозна анализа и кај владејачката коалиција.