Референдумот не е избори


Лејла Сабит

Пејачите кога пеат помалку грешат отколку кога зборуваат. Партиската поделба меѓу нив, кој на чиј митинг пеел и кој пејач на која партија припаѓа, се небитни за референдумот бидејќи изјаснувањето на граѓаните е историски чин и не може да се споредува со избори.

Кога пејачите пеат за партиите, ја ставаат својата популарност на најлошата тезга и наликуваат на платеници, а не на професионалци. Уметниците, без оглед дали се поети, писатели, сликари, скулптори, актери или музичари според светските непишани правила секогаш се против насилие, злоупотреба на власта и моќта, против неправдите и секоја дискриминација, ограничување на слободата и творештвото, против секое нарушување на човековите права. Слободата и еднаквоста меѓу луѓето се нивната најголема инспирација. Политиката и парите често ги деградираат уметниците злоупотребувајќи го нивното име во битките за власт. За жал, оваа партизација, чии тажни последици ги гледаме и сега, силно го зафати и уметничкиот свет, особено кога творците се ставија на страна на лажниот патриотизам и беа впрегнати за пари и привилегии да ја одработат работата на политичарите.

Референдумот е сосема нешто друго. Тоа не се избори, тоа е определба за иднината на државата. Гласањето за европска Македонија не е гласање за партија.Референдумот и демократизацијата на Македонија, прифаќањето на европските вредности е голема драгоценост и за вистинските уметници и творци. Ако ништо друго, ќе можат своите политички определби да ги сметаат за своја интима, како што е во сиот нормален  свет. Тоа е нивен најголем интерес да припаѓаат на публиката која не ги обожава поради нивната политичка припадност, туку поради нивното творештво.

Луѓето не ги сакаат музиката и песната поради политичката припадност на пејачот или на композиторот. Неслучајно низ историјата лирските песни станале најпатриотски. Референдумот, всушност, е добра прилика да ги зближи професионалците и популарните музичари многу повеќе отколку што тоа се случува во другите области  на уметноста и науката. Поделеноста меѓу универзитетските професори е многу пожестока по линија на политиката, а помалку по линија на науката. Особено никој не води научна расправа за егзактните науки бидејќи таму се бараат поинакви докази, не важат политичките и популистички надмудрувања. Кога денешните партиски научници ќе се соочат со такви докази,  веднаш тргнуваат во за нив недолични навреди и во молк. Удираат по човекот, а не по напишаното и кажаното. Молчат за работи каде што се повикани да дадат толкувања. И често поради своите националистички мотиви, од академици и професори стануваат обични политички пропагатори.

Ако науката и научните авторитети се трошат за партиски и политички потреби, поради популарноста и масовноста кај љубителите на музиката и на песната, оваа категорија уметници стануваат најизложени на притисоци и влијанија за корупција од страна на партиите. Референдумот за европска Македонија може да им помогне на македонските музички ѕвезди да расчистат еднаш засекогаш со нивната злоупотреба. Кој пее, зло не мисли.