Професорите разочарани: Има ли крај на лажните дипломи?


Вкупно 136 граѓани употребиле лажен документ за 102 кривични дела од јануари лани до април оваа година. Дел од  нив искористиле лажни дипломи  со цел  да се стекнат со подобра позиција на работното место, ама и за повисока материјална корист.

Неодамна за еден ваков случај  информираше и  Министерството  за внатрешни работи со наслов  „Инспектор со фалсификат напредувал во МВР, а станал и доцент“. Така, инспектор,  вработен во министерството, во повеќе наврати користел  лажна диплома за да се стекне со подобра позиција , но  истата ја користел и за да предава на неколку факултети. За него е поднесена кривична пријава.  Во сето тоа помош имал од  раководителката за студентски прашања Б.Р. на еден универзитет во  Скопје. Таа во електронското и материјалното досие на М.М. внела невистинити податоци дека тој, инаку главен инспектор во отсекот за странци и реадмисија во Регионален центар за гранични работи „Север“,  положил испит, по што изготвила уверение и го дала на потпис и потврдување кај деканот на Факултетот за правни науки и ректорот на универзитетот. Со тоа му овозможила  на инспекторот да се стекне со диплома за завршен прв циклус на студии. Тој, и покрај тоа што знаел дека наведеното уверение и диплома содржат невистинити податоци, ги употребил при запишување на втор циклус на специјалистички студии и втор циклус магистерски студии на Факултетот за правни науки на истиот универзитет во Скопје.

Во текот на магистерските студии раководителот на студентски прашања повторно во електронското и материјалното досие на инспекторот повторно внела невистинит податок дека  положил испит и покрај тоа што професорот не ја впишал оценката и не ја потпишал пријавата, со што му овозможила  да се стекне со уверение за положени испити од втор циклус и диплома за магистер по правни науки.  М.М. наведените уверенија и дипломи, и покрај тоа што знаел дека содржат невистинити податоци, во повеќе наврати ги употребил приложувајќи ги како доказ за завршено образование во персоналното досие во МВР, со намера да напредува во службата и  кариерата во МВР. Во 2011 година, инспекторот наведните уверенија и дипломи повторно ги употребил при запишување на докторски студии на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, при што навел уште еден лажен податок – дека во 1994 година дипломирал на Природно-математичкиот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Потоа, во текот на декември 2013 година  дипломите  ги употребил во приватната високообразовна установа за бизнис студии “Еуро Колеџ” во Куманово при постапка за избор на доцент во наставно-научна област менаџмент во царина и шпедиција,  а во текот на 2014 година и 2017 година  ги употребил  за вршење дополнителна дејност во МВР. Во текот на 2015 и 2016 година дипломите ги употребил и при аплицирање за позицијата  професор на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Државин“ во Свети Николе каде бил ангажиран како професор за што во текот на 2015, 2016 и 2017 година му бил исплатен надоместок во износ од 272.300 денари.

За употреба на диплома или било која исправа со лажна содржина Членот 380 од Кривичниот законик предвидува парична казна или затвор до три години.

Универзитетскиот професорот  Илија Ацески укажа дека државата мора да направи превреднување во високото образование таму каде што има сомневање дека некој се стекнал со звање врз база на недоречени и фалсификувани документи.

„Седела во публика и си нижела бодови за наука. Потребно е да се почне со посериозни опомени, дека не може тоа да се прави. Труд кој е објавен во билтен се вреднува како наука. Не можат со фалсификувани нешта да стекнуваат позиција. Има елементарни прекршувања на тие правила и така се стекнуваат позиции, а од тие позиции имаат материјална корист„ рече Ацески. Тој смета дека системот на образование и вредности се длабоко во криза, а професорите се разочарани.

„Од година во година се зголемува бројот на дипломирани суденти ама и на оние кои станале доктори на науки. Како може човек на 37 години да стане редовен професор? Системот на вредности е руиниран “, додаде професорот Ацески.

 Зголемен број на дипломирани студенти и доктори на науки

Според последните податоци на Државниот завод за статистика бројот на дипломирани студенти лани  во земјава на  додипломски студии на високите стручни школи и факултетите, во споредба со 2016 година, е зголемен за 3.6 отсто.  Од вкупниот број студенти, 38.6 отсто дипломирале во рок, додека 61.4 отсто дипломирале по рокот.

Лани  според статистиката, доктори на науки станале 209 граѓани,
што претставува зголемување за 6.1 отсто во споредба со 2016 година.
Најголем број од нив докторирале во областа на општествените науки, 47.8 отсто, потоа на медицинските науки, 22 отсто, следат хуманистичките науки со 11.5 отсто. Инаку од вкупниот број на докторирани  најголем процент, 31.6 отсто својата професија ја вршат во образовната дејност.

Она што го навестија од Државниот просветен инспекторат е дека се можни  забрани за вршење на дејност на факултетите што не ги исполнуваат условите. При извршените контроли  инспекторите констатирале дека студенти се запишани на неакредитиран приватен факултет, додека на јавен универзитет  кандидат добил  повисоко звање, а користел труд, плагијат  од свој колега. На друг  јавен универзитет пак,  запишани се странски студенти без нострифицирани дипломи.

Вероника Мароска-Леова