Прогласот на АСНОМ и Охридскиот договор во Преамбулата на Уставот


Во Собранието пристигнаа нацрт-амандманите кои, во согласност со Договорот од Преспа и заклучоците на Собранието, беа усвоени на владина седница.

На вчерашната прес-конференција премиерот Зоран Заев рече дека „четирите амандмани се едноставни“, иако беше искористен последниот рок за нивно доставување. Амандманите се дефинирани во соработка со новата пратеничка група во Собранието, која неодамна излезе со свои предлози.

Според Заев, во нив нема ништо спорно. Стручната и академска јавност, како што додаде, оценила дека се во согласност со меѓународните стандарди и оти заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на интеграцијата во ЕУ и НАТО.

„Низ дебата ќе може да се додадат амандмани на амандманите предложени од Владата, но не нови амандмани, туку да се подобрат уставните амандмани, кои овластениот предлагач, Владата, ги доставува до Собранието“, рече Заев.

Првиот амандман се однесува на замената на зборовите „Република Македонија“ и „Македонија“ со зборовите „Република Северна Македонија“ и „Северна Македонија“. Измената ќе се однесува на сите членови освен на членот 36, кој, според Заев, има историски аспект и треба да се зачува.

Во членот 36 пишува: „Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Посебните права се уредуваат со закон“.

Во преамбулата зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „прогласот на АСНОМ“ и се додава Охридски рамковен договор како конститутивен елемент кој е веќе вграден во Уставот од 2001 година.

„Рамковниот договор и досега беше целосно вграден во Уставот, а кога веќе се отвора Уставот, редно е да биде вграден и насловот како наш конститутивен елемент“, рече Заев.

Вградувањето на Охридскиот договор во Преамбулата беше предлог на ДУИ. Вицепремиерот Бујар Османи неодамна јавно порача дека Охридскиот договор треба да биде споменат во Преамбулата со новите уставни измени.

„Во Преспанскиот договор е предвидено прецизирање на АСНОМ со дефинирање на Прогласот како основен документ. Ние сметаме дека при дефинирање на конститутивните документи на државата тоа е логичен след на чекори, што не е барање само на Албанците, туку на сите политички партии во државата, бидејќи Охридскиот рамковен договор е вклопен во Уставот со амандмани, само што не е споменат како документ. Логично е за да има една целина на конститутивните елементи на државата хронолошки да се Крушевската Република, Прогласот на АСНОМ, 8 Септември и Охридскиот рамковен договор“, рече Османи.

На новинарско прашање зошто се прави замената на зборовите „одлуките на АСНОМ“, со „Прогласот на АСНОМ“, премиерот рече дека во одлуките на АСНОМ стои „Македонци од Бугарија и Грција обединете се“, што можело, според него, да претставува во иднина проблем меѓу двете земји, кои сакаат да градат пријателство.

Со третиот амандман се додава еден став, а тоа е дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“. Со тоа, според Заев, се даваат „дополнителни гаранции за трајноста и неповредливоста на границите со Грција, иако овде се однесува за сите соседи“.

Во четвртиот амандман, покрај потврда за македонскиот идентитет се наведува дека „Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината“. (Н.К.)

 

За нацрт-амандманите ќе се гласа на 1 декември

Нацрт-амандманите на Устaвот  се веќе пристигнати во Собранието. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја закажа пленарната седница на која ќе бидат разгледани нацрт-амандманите за 1 декември, додека седницата на Комисијата за уставни прашања својата работа ќе ја започне на 7 ноември.

Според Деловникот, претресот во Комисијата за уставни прашања и во Законодавно- правната комисија може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацрт на секој амандман одделно, по што Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со 61 глас, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно. Откако Собранието ќе го утврди текстот на нацрт-амандманите, се отвора јавна дискусија.

Во третата и последна фаза е усвојувањето на амандманите, за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.

 

Текст на нацрт-амандманите

Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција. Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција, со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

 

Амандман 33

Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.

Во образложението на амандманот се вели дека целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција, со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Притоа, согласно со Конечната спогодба со Република Грција, се предвидува стапување во сила на амандманите со денот на ратификација на Спогодбата и Протоколот за пристапување во НАТО од страна на парламентот на Република Грција. Следствено, во случај на невлегување во сила на овие два документи, нема да влезат во сила ниту предвидените амандмани. Понатаму, во согласност со договорот, со уставен закон ќе биде утврдена примена на одредбата во однос на важноста на веќе постојните документи и материјали издадени од органите на власт на Република Македонија.

Амандман 34

Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Во образложението стои дека заради усогласување на текстот на Преамбулата со Договорот со Грција, во Преамбулата се вршат соодветни измени. Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија при наведувањето на државно-правните традиции, се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно се внесува Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ. Исто така, во Преамбулата се споменува и Охридскиот рамковен договор, кој веќе е вграден со уставните амандмани од 2001 година.

Амандман 35

  1. Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
  2. Со точката 1 од овој амандман се дополнува членот 3 каде што е регулирано дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива.

Во образложението, меѓу другото, стои дека со Договорот се потврдува постојната меѓусебна граница меѓу Македонија и Грција како трајна и неповредлива меѓународна граница, при што се презема обврска ниту една од двете држави да нема, ниту да поддржува никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата држава, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постојна граница. Покрај тоа, и Македонија и Грција се обврзаа дека нема да поддржуваат какви било претензии кои може да ги изнесат трети страни.

Македонија и Грција се обврзаа да ги почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата држава и да не поддржуваат какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата држава.

Исто така, двете држави презедоа обврска во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обединетите нации, да се воздржуваат од закани или употреба на сила, вклучително од закани или употреба на сила со намера да се наруши нивната меѓусебна постојна граница.

 

Амандман 36

  1. Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.
  2. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
  3. Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство.
  4. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
  5. Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија.

 

Согласно со Договорот, се вели во образложението, Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот да не може или не треба да се толкува на начин кој претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата држава, во каква било форма или поради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и правата на кои било лица кои не се нејзини граѓани.

Во членот 49 од Уставот е пропишано дека Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Македонија се грижи за културните, економските и социјалните права на своите граѓани во странство и притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

И овој член беше изменет со Амандманот II во 1992 година кој предвидуваше дека Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Со уставниот амандман кој се предлага се потенцира обврската на Македонија за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ. Исто така, со амандманот се гарантира заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината.