Предизборна опомена од Брисел


Александра М. Митевска

Во присуство на четворица владини членови, во Брисел деновиве, всушност, ѝ беше пратена порака на македонската опозиција. Нејзини претставници, пак, вчера заминаа исто така во белгиската престолнина за да присуствуваат на состанокот на Европската народна партија, на чиј дневен ред најжешка точка беше предлогот за суспензија, па и за можно исклучување на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој, меѓу другото, го згрижи азилантот од висок профил, поранешниот македонски премиер и бегалец од правдата Никола Груевски.
Македонскиот премиер и лидерот на опозицијата и овој пат се разминаа, со оглед на тоа што додека Зоран Заев се враќаше во Скопје, Христијан Мицкоски ги пакуваше куферите за Брисел. Но многу веројатно е дека и двајцата ја разбрале идентично мошне јасната порака што ја упатија еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан – дека учеството во претстојниот изборен циклус ќе биде од суштинска важност за одлуката за старт на преговори за членство во ЕУ во јуни.
Таа порака Заев, вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи, како и шефот на дипломатијата Никола Димитров ја слушнаа на самото место. Мицкоски, пак, секако ја слушнал пред заминувањето на самитот на ЕПП, од каде што пред половина година и нему лично му беа испраќани слични сигнали, но за учество на референдумот за името. Токму во тоа време, ЕПП почна да го затегнува обрачот околу Орбан, поради проценките дека неговата партија се оддалечила од демохристијанските вредности на овој политички сојуз и дека води кампања против ЕУ.
Од тој аспект, претстојните претседателски избори би можеле да претставуваат своевиден поправен испит за Мицковски, откако тој и неговите соборци од ВМРО-ДПМНЕ на референдумот минатата година практично отидоа контра политиките на меѓународната заедница во однос на решавањето на билатералниот спор за името, кој во сите изминати години ги попречуваше евроатлантските перспективи на нашата земја. Тивкиот бојкот на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти интензивната дипломатска кампања во земјава за масовен одѕив, резултираше со излезеност од околу 36 проценти, наспроти потребните најмалку 50 отсто. Релативниот неуспех на референдумот опозицијата го искористи потоа како аргумент за опструирање на процесот за спроведување на Преспанскиот договор.
Лошото искуство од референдумот, веројатно, е една од причините поради која еврокомесарите во Брисел превентивно испраќаат пораки за учество на сите релевантни политички фактори на претстојните избори во земјава, независно од тоа кој ќе влезе како фаворит во вториот одлучувачки круг. Според тоа, каков било обид за стимулирање апстиненција на гласачите ќе значи уште една контра за ЕУ и нова опструкција за интеграциските процеси на државата, со оглед на нараснатите очекувања дека по изборите Македонија конечно ќе добие „зелено светло“ за почеток на преговорите.
Хан и Могерини, на маргините на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, испратија јасна порака дека почетокот на преговорите со ЕУ не треба да се доживува како обврска само за владејачката гарнитура, туку дека тоа треба да претставува меѓупартиска и национална цел, во чие остварување треба да се вложат сите политички фактори, на начин на кој ќе покажат одговорност и демократска зрелост. Читајќи меѓу редови, тоа би значело дека очекувањата на европската дипломатија се дека во јуни, кога ќе се одлучува за почетокот на преговорите, Македонија веќе ќе има нов шеф на државата. Успешни избори, всушност, ќе бидат знак за стабилност и нормалност на демократијата во земјата.
Секако дека успешноста на изборите не е единственото нешто според кое ЕУ ќе го оценува напредокот на нашата земја. Од меѓународната заедница деновиве стигнаа нови укажувања дека е неопходно да се реши статусот на СЈО, без разлика на личните интереси и анимозитети што одредени сегашни или поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, или на која било друга партија, ги имаат кон обвинителството што беше формирано во екот на разрешувањето на длабоката политичка криза во земјата. Неодминливи се и очекувањата за фер и демократски изборен процес, како и за затворање на преостанатите прашања во делот на реформата на правосудството, безбедносно-разузнавачкиот сектор и администрацијата. Но повеќето од тие теми се веќе апсолвирани како неопходни за земјата да го направи следниот голем исчекор на патот кон ЕУ. Затоа, пак, очекувањата на дипломатите дека претстојните избори ќе завршат со избор на нов претседател се наметнуваат сега како нов критериум. И тоа еден од најбитните.