Правда за Али


Горан Адамовски

Идната недела ќе поминат точно девет месеци откако Специјалното јавно обвинителство прв и последен пат (досега) во своите случаи го спомна и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Како партнер на Никола Груевски, заедно сработеле да не се одржи пописот во 2011 година. Истрагата против него никако да се сработи. Можеби затоа што „специјалните“ немаат можност да покренат обвинение за тој предмет бидејќи немаат мандат. Па, излегува дека Ахмети бил спомнат проформа колку да се задоволи гневот на бесната јавност што ниту еден функционер на ДУИ не одговараше за ништо, небаре му беа спаринг за тренинг на ВМРО-ДПМНЕ додека беа заедно во владата, а не рамноправен партнер и на маса и под маса.

Како и да е, и тогашната опозиција внимаваше во прислушуваните разговори што ги споделуваше во јавноста да не излета некој глас на идните коалициски партнери, иако, секако, се случуваше по некој пропуст, па слушнавме по некое договарање за изборно местење, ситно тендерче или нежно шепотење.

Затоа, и не чуди што Ахмети денеска јасно порачува дека му е малку навредливо некој да го праша дали се плаши од истраги и откривање на вистината. Тој, како познат борец за правдина, инсистира дека оној што ја погазил довербата од електоратот мора да одговара пред органите на правдата, и тоа за сите случаи од 2002 година наваму, но под услов да нема селективна правда, да не се става правдата во функција на една одредена група или за цели кои не можат да се одгатнат. Поентира дека не смее луѓето да се поставуваат пред ѕид со непотврдени обвинувања во еден редовен судски процес.

Да го слуша некој отстрана, ќе си помисли дека човекот е идеалист и лидер на демократската елита во земјава, а не човек кој веќе десетина година е предводник на друштвото на „Илинденска“. Ги менува само партнерите. Ги менува и министрите што ги поставува, затоа што тие не се поставуваат суштински да менаџираат, туку само да го пополнат договорениот број на ДУИ. Да биде иронијата поголема, од 2011 година го предводеа Министерството за правда, кое имаше голема шанса да го реформира судството, кое сега го споменува Ахмети.

За жал, имињата на министрите ги памети само интернетот. Со Блерим Беџети, на пример, медиумите повеќе се занимава периодов откако како градоначалник на Сарај донесе одлука да ги ослободи ветераните на ОНА од плаќање комунални трошоци. Билен Салиу, пак, беше упорен со службениот „мерцедес“ да се паркира на тротоарот пред зградата на Министерството. Благодарејќи на тоа, сега пред Правда се поставени столпчиња. Аднан Јашари и Валдет Џафери барем се обидуваа да не прават штета кога веќе не можат да помогнат. Не беа тие виновни што се министри.

Ахмети знае дека во политиката ништо не е вечно освен интересот, па дува и на ладно за да не му се отвори уште некој предмет со костурите од орманите како „Пациент“ на Бујар Османи. Не дека се плаши додека е ваква консталацијата на силите во македонската политика и општество. Засега уредно го исполнува тоа што се бара од него. Само е внимателен.

И ноншалантен да искоментира дека сигурно не му било лесно на Груевски да донесе одлука за напуштање на земјата, чекајќи и давајќи му шанса самиот подетално да ги објасни причините за ваквиот потег. Остави самите да заклучиме дали поради него апелираше „секој да одговара за тоа што го направил, ама да нема селективна правда и да не се става во функција на одредена група или цели“.

Добра му е тактиката на Ахмети: цело време е во влада, а постојано се однесува како да е опозиција. Демек, не го прашуваат ништо, па затоа и не може да ги промени процесите и состојбите. Само, тие што му се во коалиција не сфаќаат оти тој на крајот и нив ќе ги смени.